16.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

100 дена на АзА во власта, Таравари: С.Македонија е многу подобра денеска

Лидерот на АзА, Арбен Таравари, е задоволен од учинокот на неговата партија во власта.
Пред сто дена, рече тој во отчетот пред партиските структури, земјата беше парализирана, имавше глобална економска и енергетска криза, домашна криза на корупција и на уставни измени, пренесува Инбокс7.
„Соочени со оваа парализа, беше неопходно да дејствуваме. Во координација со меѓународните пријатели решивме да станеме дел од владата. Беше тоа една тешка одлука. Но, тоа го направивме за да ја стабилизираме државата и да обезбедиме перспектива за граѓаните кои масовно ја напуштаат земјава. И ете, времето докажува дека сме биле во право“, изјави Таравари.
Според него, учество на АзА во власта има многу ограничувања, пред се временски. „Да, неспорно е дека денес Северна Македонија е во многу подобра положба од пред 100 дена.
Влијанието на глобалните кризи почна да се ублажува. Темпото на реформите се забрза. Изготвивме иницијативата за уставни измени која наскоро ќе оди во собраниска процедура.
Денес, гордо можам да кажам дека Северна Македонија се движи напред.
Но, бидејќи сме на историска пресвртница, не можеме да застанеме сега.
При секоја средба со граѓаните – а такви имам стотици секоја недела – констатирам огромна празнина што го дели политичкото одлучување од реалноста на обичните луѓе.
Што бараат граѓаните? Сакаат конкретни решенија за нивните проблеми. Тие сакаат дела кои ќе им го промени животот. Сакаат политички одговори на големите предизвици на времето.
Сметам дека секое дејствување, секоја одлука што ја носиме треба да реши некој проблем, да го подобри секојдневниот живот на граѓаните“, рече Таравари.
Како конкретни резултати на АзА Таравари го спомна владеењето на правото и борбата против корупцијата. „Наследивме ситуација во која само 2,7 отсто од граѓаните веруваат судството и обвинителството. Од почетокот на нашето владеење во Министерството за правда презедовме силни мерки за враќање на довербата и гарантирање независно и ефективно право.
Би ја издвоил подготовката на меѓународна конференција за изнаоѓање на најдобар модел за ветинг во правото. Го започнавме процесот на дигитализација во судството и обвинителството за да го замениме механизмот АКМИС кој овозможува манипулации во распределбата на судските предмети.“
„Во овие 100 дена работевме за правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот и за елиминирање на сите форми на дискриминација.“
„Преку Министерството за правда, обезбедивме националноста да фигурира во нова графа во матичните документи. Така да на пракста на лажни изјави за етничка припадност и дојде крајот.
Во Министерството за одбрана и во Армијата значително ја подобривме положбата на Албанците со примањето на 45 албански кандидати за професионални војници, унапредување на 21 Албанец во подофицери и 3 други во командни позиции, како и делегирање на 43 Албанците во мировните мисии. Албанскиот јазик за прв пат е во официјална употреба во сите инстанци на министерството.
Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство имаме досега најголем буџет, а мерките за поддршка на земјоделците се зголемија неколкукратно. За само два месеци над 60 милиони евра им се исплатени на 78 илјади земјоделци, градинари, овчари или продавачи на тутун.
Во наредните месеци ќе донесеме Закон за правична и соодветна застапеност со кој ќе се дефинираат механизмите за остварување на пропорционални вработувања во јавниот сектор. Ова ќе важи за етничките заедници, но и за родова застапеност и на лица со посебни потреби.
Наскоро, под раководство на Министерството за информатичко општество и администрација, испитот за административци нема да биде само на македонски јазик туку, конечно, 22 години по Охридскиот договор, и на албански јазик.“
Третиот столб, рече Таравари, е дигиталната ера. „Дигиталната трансформација суштински го менува односот на државата кон граѓаните и ги поставува темелите на безбеден антикорупциски систем во јавните служби. Ова е наш врвен приоритет. Новата платформа „Дигитална ера“ ќе ги прошири електронските услуги за граѓаните и администрацијата. Со програмата „Една услужна точка“ ќе се обезбедат над 150 онлајн услуги. Во соработка со Поштата, концептот на едношалтерски систем ќе се имплементира во 333 услужни пунктови на национално ниво.
Ќе формираме Дигитална агенција, која ќе служи како центар за професионална ИТ експертиза и соработка со приватниот сектор, за да ги катализира иновациите.“
Четвртиот столб на дејствувањето на АзА во власта, според Таравари, е здравјето. „Пристапот до медицинска нега, заминувањето на лекарите и медицинските сестри, или пак ужасната состојба на клиниките и болниците, со право, се преокупација за секој од нас, бидејќи сите ние еден ден ќе бидеме пациенти. За овие 100 дена, ги покачивме до 3.000 денари платите за целиот медицински персонал. Го зголемивме надоместокот за дежурство до 166 отсто. Развивме инфраструктурни проекти и обезбедивме нова опрема во многу клиники и болници во Скопје, Гостивар и Струмица.
Усвоена е регулативата, ценовникот и комисијата на позитивната листа на лекови. Ја лансиравме мобилната апликација „Моето здравје“, како лично електронско досие на секој граѓанин. Ја лансиравме и платформата „е-здравство“ која на граѓаните им ги обезбедува сите дигитални здравствени услуги и информации за нивното здравје на едно место.“
Тој најави дека во наредните месеци ќе подготват државна стратегија за здравствениот систем, со цел зголемување на ефикасноста и подобрување на услугите.

Related posts

Милошоски: Советник на Јанева може да ја урне репутацијата на Судскиот совет

admin

Мицковски: Средбата заврши со неуспех, добро е што се воспостави комуникација – сме за влада без ДУИ

admin

КУРТИ: ЗГОЛЕМЕНИ СЕ ЗАКАНИТЕ НА СРБИЈА ЗА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА НА КОСОВО

ninja

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА РАЗРЕШИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ЕВА КАИЛИ

ninja

ИСЛАМ АБАЗИ: ЗАД МЕНЕ СТОИ ФЕЛАТА, А НЕ ПАРТИЈА

ninja

Касами и Гаши кројат опозициски фронт, сакаат да ја урнат владата

admin