Пишува: Џелал Незири
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, на митинг со партиските структури во Кисела Вода во Скопје застана во одбрана на поранешните високи функционери на партијата и власта – Никола Груевски, Зоран Ставревски и Елизабета Канческа Милеска.
Тие се обвинети за перење на 57 милиони евра преку изградба на 11 бисти на различни историски личности во рамки на проектот „Скопје 2014“. Основното обвинителство повторно го отвори овој предмет покренат од Специјалното јавно обвинителство и го кодираше како „Феникс“, име на бесмртна птица поврзана со грчката митологија која циклично се обновува или повторно се раѓа. Но, Мицковски на овој случај на корупција не гледаше како на нешто што „може да се подигне од пепелта“, како митолошката птица Феникс која „повторно се раѓа секогаш кога умира и се распаѓа“.
Покрај тоа што не се огради од корупциските случаи на неговата партија во минатото, Мицковски дури вели дека повторното отворање на случајот фрла кал врз личностите кои го обележуваат македонскиот етнички идентитет. Наместо оваа „одложена седум-осум години истрага“, тој бара истрагата за „нелегалните градби“ што го означуваат албанскиот етнички идентитет во Слупчане, Зајас, Коларе…изградени главно за потсетување на ОВК, формација која ја раководеше Али Ахмети.
Но, тука има нешто што не дозволува една таква аналогија: проектот „Скопје 2014“ е изграден со даноци од сите граѓани, додека објектите во селата што ги споменува Мицковски, можеби и без дозвола, но се градени со индивидуални донации.
Меѓутоа, она што ме заинтригира е делот од изјавата на Мицковски дека истрагата за предметот „Феникс“ го валка македонскиот идентитет бидејќи ја истражува изградбата на бистата на „Воин на коњ“ (Александар Велики), спомениците на Даме Груев, Гоце Делчев, Никола Карев, Методија Андонов – Ченто, Цар Самоил, цар Јустинијан, учесниците во АСНОМ, основачите на ВМРО и лавовите. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, злоупотребените 57 милиони евра на даночните обврзници за 11-те бисти, или речиси 700 милиони евра на „Скопје 2014“, не го оцрниле македонскиот идентитет, туку истрагата за тоа како се потрошени парите за овие важни симболи на македонската колективна меморија.
Етничките идентитети, на Македонците или Албанците, се вредности кои ги обединуваат мнозинството граѓани на Северна Македонија, земја која е богата со мултиетничкиот колорит. Етничкиот идентитет не е поврзан со ниту една политичка партија, а уште помалку со корупција. Најголемото оцрнување на овој идентитет е кога со валкани пари се градат бисти, споменици, спомен обележја или други симболи. Уште повеќе кога некој прави корупција при нивната изградба. Ако постои дефиниција за „врвот на корупцијата“, тогаш тоа е токму ова – кражба од бисти на историски личности, кои се столбови на етничкиот или националниот идентитет.