16.8 C
Скопје
6 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Станува ли меѓуградскиот превоз луксуз за младите?

Пишува: Вања Мицевска

Со растот на трошоците за живот пораснаа и цените на билетите за автобускиот меѓуградски превоз, што меѓу другото значително се одрази врз студентите кои студираат надвор од нивното место на живеење.

Некои од превозниците ги укинаа повратните билети, поради што патниците мора да ги плаќаат полните суми за билетите во еден правец. Во вакви околности, некои од студентите поретко си одат дома, или пак кратат од други работи затоа што семејниот буџет толку им дозволува. Освен тоа, дел од оние кои доаѓаат од помалите градови постојано мора да се снаоѓаат преку таканаречените „диви“ таксисти во отсуство на редовни автобуски линии.

Иако апсурдно, студентите од минатиот век имале подобри услови за транспорт отколку сега кога цели градови се отсечени не само од Скопје, туку и од регионалните центри, за разлика од пред неколку децении кога од и до нив имало по неколку линии во текот на денот.

Посебна цена на меѓуградските автобуски билети, бараат студентите

Студентите во неколку наврати јавно побараа превозот за нив да биде бесплатен, а нивниот „мост“ со превозниците да биде државата која би им дала субвенции. Во нивно име движењето Студентски отпор на своите протести го испорача и ова во низата барања до институциите, но судејќи според нивното игнорирање, извесно е дека тоа субвенционирање засега нема да се случи.

Претседателот на Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ, Славчо Темелковски забележува дека цената на нафтата веќе се стабилизира, па намалувањето на цената на билетите за меѓуградските линии би било логичен чекор.

„Главната работа е дека државата треба да се внесе, бидејќи станува збор за приватни сопственици на компании на кои треба да им се посочи на некој начин, дека сумата барем за студентите треба да биде пониска. Како што ја покачиле цената кога беше повисока и цената на горивата, сега треба соодветно да ја намалат“, вели Темелковски.

Фото: МИА

Според него, треба да има посебна сума на билети која ќе важи само за студентите.

„Во која било држава може да видите дека независно дали се работи за автобуски или железнички превоз, секогаш има една посебна цена која важи само за студенти. Мислам дека тоа е најдоброто решение, односно да се намалат цените. Не велам да бидат како што биле пред ковид пандемијата бидејќи знаеме дека трошоците се зголемени, но соодветно може да се намали“, додава студентот.

Во меѓувреме, субвенции од државата бараат и самите превозници. Од здружението „Транспорт легис“ тврдат дека некои фирми едвај опстојуваат и одлуката за посебна цена за студентите без субвенции од државата би била невозможна додека се обидуваат да ги покријат платите за вработените, но и другите трошоци за одржување на автобусите.

Претседателот на ова здружение, Јован Матеничарски потенцира дека повеќе пати побарале субвенции слични на како што вели, привилегиите во железничкиот и во авиосообраќајот.

„Превозниците се соочуваат со зголемени трошоци, а мала е заработката. Ние баравме од Владата да ни дадат субвенции како што има привилегии во железничкиот и авиосообраќајот. Не наидовме на разбирање, не даваат субвенции и приватните фирми веќе се на крај на егзистенција.  Не можат сами да си дозволат да даваат субвенции на студенти и така натаму“, додава Матеничарски.

Превозниците со години бараат субвенции, но залудно – институциите немаат средства за тоа

Иако состојбата е отежната во последните три години, здружението Транспорт легис бара субвенции уште од формирањето во 2018 година. Оттогаш, вели Матеничарски, не наишле на разбирање во преговорите со институциите.

„На сите состаноци баравме да бидеме изедначени и да имаме субвенции исто како што има во авиосообраќајот и во железничкиот сообраќај. Меѓутоа, до ден денес нема ништо. Институциите не ни објаснуваат многу, немале средства наменети за таква работа и тоа е објаснувањето“, истакнува Матеничарски.

Дополнително проблем е што веќе подолго време од некои градови нема редовни автобуски линии до Скопје и до останатите поголеми градови, но и обратно. Со ова, дел од малите градови особено на истокот од земјава се како отсечени.

„Ние баравме и друг начин на субвенционирање за да има линии до и од местата каде што во моментот нема реализација на превозот. Побаравме средства за одржување на превозниците, на пример Делчево и Берово немаат линии и нема како да се одржуваат. И да пушти некој превозник превоз мора да добие субвенции за да може да издржи да ги вози линиите. Инаку моментално е статус кво кога станува збор за градови како Берово, Делчево, но и други места кои се отсечени од Скопје, од Штип и така натаму“, објаснува Матеничарски.

Фото: Автобуска станица во Делчево

Ситуацијата е апсурдна дотолку повеќе што иако нема редовни автобуски линии до нашиот главен град, од Делчево постојано сообраќаат автобуси и комбиња чија крајна дестинација е Италија, Швајцарија или Германија. Всушност, некогашната автобуската станица на Транспортното претпријатие ,,Полет“ од Делчево сега служи само за нивно паркирање, за разлика од пред десетици години кога имало и по неколку автобуси дневно.

Како било порано – низ искуството на новинарот, Шатевски

На ова се сеќава и новинарот Љупчо Шатевски од Штип кој студирал во Скопје во осумдесеттите и во овој период како што вели тој, градовите во кои сега нема автобуси до главниот град, имале свои превозници.

„Сите градови во источна Македонија имаа свој автопревозник.  Во Штип го имаше превозникот Балкан Експрес, во Кочани Авто Атом, Берово го имаше Малеш Транс. Понатаму, Делчево и Струмица имаа свој автопревозник, а и Радовиш и Крива Паланка исто така.  На пример, за Берово имаше автобуси по два-три пати во денот“, раскажува Шатевски.

Сеќавајќи се на своите студентски денови, вели дека цените на автобуските билети биле соодветни на тогашниот младински стандард и голем дел од студентите си оделе дома секој викенд.

„Ние како студенти немавме поволности за меѓуградски превоз, но мислам дека за мнозинство немаше проблем, не беа скапи билетите. Во тоа време, од друг аспект беше полесно да се студира. Не се плаќаше партиципација, немаше државна и приватна квота.  Нашиот единствен трошок беа пријавата, таксената марка и книгите. За студентите не беа трошок билетите. Студентите од Велес се возеа и со воз, а ние од Штип ретко го користевме бидејќи железничката станица во нашиот град е на самата периферија и е далеку од центарот. Студентите од Кочани исто така многу повеќе го користеа возот“, додава Шатевски.

За разлика од тогаш, железничкиот сообаќај веќе е речиси замрен. Иако се смета за најевтин, ваквиот сообраќај е сè помалку атрактивен бидејќи и онаму каде што има пруга возовите не сообраќајат. Сепак, она што останува заедничко за студентите од пред четириесетина години и сега е користењето на јавниот превоз во Скопје.

Фото: МИА

Иако сите сфери на општественото живеење се дигитализираа и разни типови услуги стануваат сè подостапни, дигитализацијата не важи кога е во прашање вадењето на картичките со кои студентите бесплатно може да го користат јавниот превоз во главниот град.

Студентот Темелковски вели дека веќе побарале системот на факултетите да се спои со системот на ЈСП за да не мораат младите да одат физички да носат потврда дека се редовни студенти.

„Ние бараме да се спои системот кој го користат студентите со системот на ЈСП. Тоа е едноставна работа, но кај нас на имплементацијата на технологијата се гледа како на светско чудо. Верувам дека до крај на оваа академска година ќе се воспостави тој систем и дека студентите веќе нема да мораат да одат на Студентски прашања и да чекаат за да извадат потврда, па да ја предочат во ЈСП. Ние се обидуваме тоа да го средиме“, ни изјави Темелковски.

И средношколците и студентите се жалат на дискриминација, превозот не е бесплатен за оние од приватните училишта и факултети

Ваквите картички односно билети се вадат секоја година, но само од страна на тие кои студираат на државните универзитети. Студентите од приватните факултети јавно реагираа дека Градот Скопје не ги третира еднакво и се пожалија на дискриминијација.

За ова тие добија поддршка и од студентите на УКИМ, а претседателот на Универзитетското студентско собрание најави дека овозможувањето бесплатен градски превоз за сите ќе биде еден од приоритетите во неговиот мандат.

„Тие картички не важат за студентите од приватните универзитети, па нашите колеги веќе неколку пати говореа на темата. Бидејќи сметаме дека сите студенти се еднакви ние ги поддржавме во иницијативата да биде превозот бесплатен, тоа е една иницијатива која е во тек. Но тоа е начинот на кој се движат работите, сè оди некако многу споро и верувам дека полека тие работи ќе се решат“, порача Темелковски.

На ваков проблем алудираа и средношколците застапувани од Средношколскиот сојуз побараа законски измени за да им се овозможи бесплатен превоз и на учениците од приватните средни училишта.

Лидерот на Средношколскиот сојуз, Лука Павиќевиќ неодамна на прес конференција образложи дека бараат превозот да биде бесплатен и за време на зимскиот, но и на летниот распут бидејќи дел од средношколците тогаш одат на задолжителна пракса, а превозот од свој џеб го плаќаат нивните родители.

Сојузот преку писмено соопштение потоа ги повика пратениците да го стават на дневен ред ваквиот предлог и да го изгласаат во знак на поддршка на средношколците.

Додека тие се игнорирани од пратениците, нашата редакција остана игнорирана од Град Скопје од каде не одговорија зошто бесплатниот превоз не се овозможи и за средношколците од приватните училишта.

Нашата редакција праша, но не доби одговор дали на Град Скопје за реализација на ваквата бесплатна мерка, му е потребна некаква финансиска помош и соработка со централната власт, имајќи предвид дека годинава ЈСП Скопје не доби средства кои би биле наменети за билети за овие млади. Спротивно од зaложбите за транспарентност и навремена информираност, од Одделението за односи со јавност на Град Скопје не одговорија ниту дали се работи на реализација на предлогот на студентите да се дигитализира начинот на добивање на билетот за бесплатно користење на јавниот превоз.

Практично и покрај дигитализацијата која е присутна во сите аспекти, добивањето на студентскиот годишен билет функционира исто како и пред четириесетина години, а тоа ни го доловува и нашиот соговорник Шатевски кој студирал од 1980-1984 година.

„Имавме месечни карти и цените беа доста поволни. Со тоа имавме превоз секој ден на сите релации освен недела и вечерно време после полноќ. Со тоа секој ден, па и сабота, одевме низ сите релации. Билетот не важеше само во недела и после полноќ до 6 наутро“, додава Шатевски.

Фото: Приватна архива

 

Во меѓувреме, студентите остануваат игнорирани не само од локалната, туку и од централната власт од која нема реакција за барањето за субвенционираат меѓуградски превоз. Нашите прашања на оваа тема останаа неодговорени од Министерството за транспорт и врски. Оттаму молк на прашањата дали како институција имаат механизми за да иницираат попуст за студентите, но неодговорено остана и прашањето каква одлука донело ова Министерство за барањето за субвенции од страна на приватните превозници.

 

Related posts

Владината коалиција на тест по упадот во М-НАВ

admin

СТРАЗБУР ЗАСЕГА НЕ ГИ ОСЛОБОДИ ОД ГОНЕЊЕ ГРУЕВСКИ И ДРУГИ ЕКС-ФУНКЦИОНЕРИ

ninja

МАКЕДОНИЈА НАПРЕДНА ЗА ЕДЕН ПОЕН НА ЛИСТАТА НА ФРИДОМ ХАУС

ninja

Избори се ближат, ветувања се нижат

admin

Дали Груби ќе игра фудбал во кабинетот е работа што треба да ја знае Џафери како премиер

admin

Палењето на автомобилот на Груби, реагира АзА

admin