7 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Како за почеток-Километар по километар до 1,3 милијарди евра за автопатите од Коридорите 8 и 10д

Весела математика со народни пари. Колку ќе чини изградбата на еден километар на автопатите од коридорите 8 и 10 д, засега сумите ги имаме само во пресметките и препукувањата на власта и опозицијата. Километрите во Македонија, се споредуваа со километрите во соседна Србија . И во двете земји ги гради Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Пишува: Весна К.

Од ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат,  преку „свиркачи“ го добиле договорот што владата го прогласи за таен, пресметале дека земјава изградбата на еден километар од автопатите ќе ја чини 20-25 милиони евра, додека километар автопат во Србија вреди 7 милиони.

„ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат, одговори Груби на обвинувањата.

„ВМРО фрлија една милијарда евра на стиропор и споменици. Ние со една милијарда градиме патишта, да ги споиме нашите граѓани, нашите градови, нашите држави,“ кажа Груби на дебатата што ја организираше Стопанската комора на тема „Бехтел и Енка-можности, предизвици и одговорности„

Од Антикорупциска којашто прва отвори предмет поради сомнеж околу договорот со Бехтел и Енка, велат дека неможе да зборуваат за суми, без направени анализи на договорот кој се уште го немаат добиено. Сите овие препукувања и замајувања на јавноста околу километрите и цените немаше да ги има ако овој проект не беше изземен од Европската програма за претпристапна помош смета претседателот на Институтот за демократија , Марко Трошановски.

Најскапиот километар од коридорите 8 и 10-Д ќе изнесува 18, 4 милиони евра

На првиот брифинг со новинарите на Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми на кој присуствуваа десетина претставници на институциите кои со себе носеа кластери документи, беше посочено дека за експропријација се предвидени дополнително 238 милиони евра буџет кои не влегуваат во договорот за изградбата на 4 делници кој изнесува 1,3 милијарди евра.

Цената на изграден километар е предвидено да чини од 6,5 милион евра на автопатот Прилеп -Битола до 18,4 милиони евра за изграден автопат од Гостивар до Букојчани. За 12, 5 километри автопат кој треба да биде проширен на три ленти во двата правци од Тетово до Гостивар државата ќе ја чини вкупно 125 милиони евра.

Најскап автопат ќе биде тој од Гостивар до Букојчани каде за вкупно 30,3 километри пат ќе се потрошат 560 милиони евра, затоа што се работи за планински предел.

За автопатот од Струга- Ќафасан за 21,7 километри ќе се платат 360 милиони евра, додека најевтин ќе биде патот од Прилеп до Битола за кој вкупно ќе се потрошат 260 милиони евра за изградени 40 километри пат.

Груби тврди, Бехтел и Енка со ист договор гради во Србија-Математиките околу споредбата на автопатите во Македонија и Србија на Груби, му се смешни смета ВМРО-ДПМНЕ

Залудни се бајатите споредби на Артан Груби, за изградба на автопати, со тие во Србија и Македонија. На сите во Македонија е позната восхита на Груби кон Александар Вучиќ и Србија но овој пат, математиките околу споредбата на двата автопати, му се во најмала рака смешни. За почеток, Србија распиша тендер за автопат и овозможи експропријација и т.н. „брза трака“ за документи, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Немаше промена на закони, кои се спротивни на Уставот, немаше изедначување на легалното со дивоградбите, немаше газење врз сопствените археолошки локалитети и секако немаше пенали од над 100-тици милиони евра! Имаше позната траса, со познат проект, без газење на законите за урбанизам и градење! Понатаму, за 7 милиони евра километар автопат, Србија доби: Автопат 112 км, широк 30 метри, со 139 објекти на него, 84 моста, 26 надвозници, 3 подвозници, 10 раскрсници, познати како петљи, по три одморалишта и паркинзи. Но и регулација на реката Морава и нејзините притоки, како и изградба на телекомуникации по самиот автопат, за разлика од автопатот во Македонија, кој чини неверојатни 20 милиони  евра по километар, а за кој ништо не се знае, освен тоа што се исплатени околу 120 милиони пенали, без една даска да биде закована, истакнуваат од партијата.

„ВМРО лаже, многу и бесрамно или пак можеби едноставно не разбираат. Бехтел и Енка во Србија го градат автопатот: без тендер, со посебен закон, со истиот договор како и нашиот, поскапо по километар отколку кај нас. Пратениците одлучуваат дали автопатит ќе се градат побрзо и поевтино или побавно и поскапо“, порача Артан Груби во преписката со ВМРО-ДПМНЕ

 Нашиот километар е двојно поскап од најскапиот европски, а четири пати поскап од просечна цена на автопат во Србија, Босна или Унгарија

Антикорупциската комисија отвори предмет, но досега не го добила договорот што Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

„Предметот за Бехтел и Енка го започнавме по доставена пријава до нас од непознат подносител, но и да не беше доставена пријавата ние секако ќе отворевме предмет по сопствена иницијатива затоа што сомневањата кои се јавија во јавноста во однос на спроведувањето на јавниот повик за избор на надзор над работата на коридорите, предизвика сомнеж на некој начин дека некои активности се направени онака за да се избере соодветен изведувач. Ние побаравме од надлежните органи и институции да добиеме потребни документи, ги обезбедивме од Бирото за јавни набавки, документите кои се однесуваат на постапката за избор, меѓутоа поради обемноста на самите документи потребно е време за нивно анализирање и да видиме што ќе биде ефектот од сето тоа. Секако тука ќе влијае многу и што ќе произлезе од увидот во договорот, склучен меѓу Бехтел и Енка и Владата. Членовите на Антикорупциска имаат безбедносни сертификати. Значи без увид и направена анализа не можеме да зборуваме ниту за вистинските цени за километрите што ќе се градат,“ вели Катица Николова, одговорна за овој предмет.

Цената од 12 милиони евра за километар од договорот со „Бехтел и Енка“ се изведува од основната цена од 1,3 милијарди евра. Тука не се пресметани веќе договорените 300 милиони евра за експропријација. Според ВМРО-ДПМНЕ, кои од свиркачи го добиле договорот со американско-турскиот конзорциум, во оваа цена од 1,3 милијарди евра не биле вкалкулирани трошоците за релокација на постоечки објекти на трасите, за системот за телекомуникации, за звучни бариери, за системот на контрола на сообраќајот, за изградба на патарини, за електрификација и осветлување на патот и на тунелите, за вентилација на тунелите, за противпожарна заштита… За сите овие ставки цената допрва ќе треба да биде дефинирана

На конференцијата за медиуми на 8 март Бочварски и Рустеми, тврдеа дека според актуелните цени на материјалите, договорената цена со „Бехтел и Енка“ е многу пониска во однос на тарифите што важеле порано во регионот. Но што велат тие анализите за просечните цени за километар автопат во земји од регионот и пошироко направени во последниве 10 години:

 Австрија       12,9 милиони евра за 1 километар;
Косово        11,5 милиони евра за 1 км;
Унгарија     11,2 милиони евра за 1 км;
Словачка    9,5 милиони евра за 1 км;
Чешка   8,8 милиони евра за 1 км;
Германија 8,2 милиони евра за 1 км;
Словенија    7,3 милиони евра за 1 км;
Хрватска  6,7 милиони евра за 1 км;
Данска   5,9 милиони евра за 1 км.

Ако изградбата на коридорите 8 и 10д не беше изземена од европските фондови, надзорот ќе беше многу построг

Сите овие препукувања и замајувања на јавноста околу километрите и цените немаше да ги има ако овој проект не беше изземен од Европската програма за претпристапна помош смета претседателот на Институтот за демократија, Марко Трошановски.

 Ова од една страна значи дека земјава изгуби многу неповратни средства од ЕУ, а од друга, дека севкупниот надзор ќе беше многу построг и ќе ветуваше многу поодржливи патни системи и патна инфраструктура која сега, не може да се знае како ќе биде изградена и развиена. Проектот за коридорите 8 и 10д се уште не е изготвен. Тие патишта не се проектирани од тука и не знаеме какви се импликации може да има. Она што е ризик е дека целиот тој проект беше изземен од Европската програма за претпристапна помош, од европските фондови,“ вели Трошановски.

Со самото тоа, додава, како држава, изгубивме многу средства кои можеа да ни бидат дадени неповратно.

Затоа сега ќе калкулираме, ќе се препукуваме, ќе се обвинуваме, ќе  претпоставуваме, колку навистина ќе чини еден километар од автопатите на Коридорите 8 и 10д.

Related posts

Сунак ќе стане следниот премиер на Британија

ninja

Компаниите чекаат услови за унгарскиот заем, Владата уште не го потпишала договорот

admin

Курти утре во работна посета на Северна Македонија, соопштува Владата

admin

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ и СДС дозволија Курти да прогласи “косовски пашалак”

admin

Харадинај: Со некоординираните акции со сојузниците Курти носи погубни одлуки за Косово

admin

Извештај на ОН: Бугарија да ги гарантира правата на македонското малцинство

admin