Комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија изврши вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во сите заведени предмети против лицето Рамиз Мерко, градоначалник на Општина Струга, како и во предметите поврзани со работата на Општина Струга во периодот кога тој ја вршел функцијата градоначалник, соопшти Обвинителството, пренесува Инбокс7.
Во текот на работата, Комисијата имала увид во вкупно 30-тина заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети Комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување.
“Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето”, известува ЈО.
Според информациите, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети. Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел се уште е предмет на проверки.
“На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет. Вишото јавно обвинителство Битола доби насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.”
За време на извршениот надзор, според известувањето, членовите на Комисијата извршија и директни разговори со јавните обвинители од кои побараа да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките.
“Во исто време, членовите на Комисијата апелираа до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабрија да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. Исто така, на јавните обвинители уште еднаш им беше посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста.”
Под обврска да се води од начелото на пресумпција на невиност, Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон.
Акцијата на ЈО следува по прогласувањето на Мерко за “персона нон грата” од страна на Стејт департментот заради “инволвирање во висока корупција и притисок врз судството”.