13.8 C
Скопје
10 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

ДУИ ја засилува реториката против „олигарсите“

Економското чудо кое се вика ЕУ не дозволува 10, 15, 20 поединци да ја држат целокупната економија на една држава 20, 30, па и 40 години, порача синоќа министерот Бектеши.

Првата дебата од владината кампања „Ние сме Европа“ што синоќа се одржа во Скопје на тема „економија“, покрај посочените аргументи за важноста од интеграцијата во економското чудо ЕУ – за која најмногу говореа премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Бојан Маричиќ – повторно донесе дебата за „олигархијата“.

Неименувани бизнисмени во последните два месеца беа во фокусот наДУИпоради една причина: од Мала Речица обвинуваат дека „олигарси и сегашни и поранешни политички лидери креирале хибриден политичко-економски центар против ДУИ“. Првиот вицепремиер Артан Груби завчера во интервју за косовска телевизија прецизира дека центарот против ДУИ го креирале „пет олигарси кои преку приватизацијата стекнале огромно богатство“.

„Каде е местото на младите?“

Олигарси и нивните монополи синоќа повторно беа посочени, овојпат од министерот за економија, Крешник Бектеши, како главна пречка за конкурентноста и иднината на младите во земјата.

„Економското чудо кое се вика Европска Унија не дозволува 10, 15, 20 поединци да ја држат целокупната економија на една држава за 20, 30, па и 40 години“, рече Бектеши во обраќањето во рамки на кампањата „Ние сме Европа“.

Од присутните тој побара да му посочат еден пример од осамостојувањето на земјата до денес, кој ќе покаже дека има промена во позицијата на 10-те до 15 најголеми бизнисмени во земјата.

„Ако има измена на повеќе од еден или двајца, јас јавно кажувам дека ние навистина сме направиле голем прогрес. А јас можам да ви гарантирам дека нема ниедна измена од тие што биле олигарси во тоа време – со денешните олигарси. А зошто го велам ова? Заради тоа што ние како држава треба да работиме за младите. Младите да не ја гледаат иднината само во државната администрација. Младите треба да ја гледаат иднината во конкурентноста. Да станат конкурентни со визија, со работа, да можат да им конкурираат на тие олигарси од 90-тите години, а не да гледаат само како да се вработуваат во јавните институции во државната администрација“, рече Бектеши.

Северна Македонија | Mинистерот за екномија Крешник Бектеши
Mинистерот за екномија Крешник Бектеши вели дека економското чудо кое се вика Европска Унија не дозволува 10, 15, 20 поединци да ја држат целокупната економија на една државаФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Без да посочи имиња, реторички праша дали некој млад може да им конкурира на тие десет олигарси од 90-тите години, но и самиот одговори дека во сите овие години не слушнал оти некој им конкурирал.

„А нашите млади тоа го сакаат. Одат во странство и можат да конкурираат со мултимилионски компании со работа, со иновации. И си мислат: дали можеме тоа тука да го направиме? Не можеме заради тоа што тука има еден бизнисмен кој триесет години речиси покрива 95 отсто од пазарoт во одреден сектор. Имаме друг бизнисмен кој над 90 отсто го покрива пазарот во друг сектор, третиот во друг сектор, четвртиот во друг сектор… И каде е местото на младите? Треба да одат надвор од државата. А ЕУ има механизми, има реформи кои секоја држава треба да ги исполни. Тие реформи се амтимонополски политики кои сите треба да ги вградат“, рече министерот за економија и повика на еднаква можност за сите граѓани, посебно за младите.

Меѓу заложба и пракса

За разлика од вербалната заложба за конкурентност и еднакви можности, во дејствувањето на партијата од која доаѓа Бектеши такви практики не се видливи. И самата албанска опозиција критикува дека гласачката база на ДУИ и нејзините „победи“ се резултат на голем клиентелистички контингент создаден преку дводецениска пракса на партиски вработувања. Од почетокот на август актуелни се и тендери што ги добиваат фирми кои се партиски поддржувачи или донатори на ДУИ, случаи за кои се заинтересира и ДКСК.

Бектеши не говореше за тоа, но повика да се задржат младите во државата со политики кои нема да ги дискриминираат според тоа дали е некој дете на бизнисмен или е дете на земјоделец, а има визија да му конкуруира на синот на некој монополист од 1990-тите години.

Последен познат успех на млад човек, кај кого од странски менаџери била препознаена визија, е случајот со сопственикот на „Тор индустрис“, Дрин Ахмети. Младиот Ахмети, кој не е син на олигарх, туку внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, успеал со претприемачки дух и нула денари да добие 39 отсто во „Соравија инвест“ и 49% во „Соравија менаџмент“.

Али Ахмети ДУИ
ДУИ и нејзините „победи“ се резултат на голем клиентелистички контингент, критикува албанската опозицијан (фото: Али Ахмети)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Индекс на среќа

ДУИ не е на власт од вчера, туку речиси две децени, односно во најголемиот дел од периодот во кој растеле и компаниите на неименуваните најголеми бизнисмени. Забелешките на Бектеши не останаа без коментар. Тој дојде од Ирена Јакимоска, управителка и копопственик на успешната компанија „Kомфи Aнгел” од Прилеп, која беше говорник на синоќешната дебата.

„Ние во ‘Комфи Ангел’ сме пример дека едно младо чупенце некогаш, пред 18 години, се појави пред тие олигарси и несебично ме примија. И денес сум член на Управниот одбор на Стопанската комора на Република Македонија“, рече таа, говорејќи за нејзиното лично искуство.

„Суштината на нашето живеење е да го задржиме она што го имаме. Истите тие олигарси успеале да ги задржат компаниите какви такви, и денес ни носат брутодомашен производ. Со истите тие олигарси 18 години седам на иста маса. Извинете, со секоја должна чест кон вашата позиција, но навистина не би дозволила за луѓето со кои сум 18 години – да мислите така. Се надавам дека еден ден ќе се убедите во спротивното“, рече Јакимоска.

Северна Македонија | Димитар Ковачевски | Ние сме Европа
Кампањата „Ние сме Европа“ ќе продолжи уште во 7 градови – Струмица, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Тетово и Штип (фото: премиерот Ковачевски зборува на трибината во Скопје)Фотографија: Government of North Macedonia

Таа посочи кон кои стандарди и ресурси треба да се сврти Македонија, а како исклучително важен го посочи социјалниот.

„Човекот е суштината на овој стандард. Човекот е единицата капитал кој ние најмногу го поседуваме. Што е нашата додадена вредност? Човекот. Да се фокусираме на човекот, да креираме една нормална здрава животна работна средина, каде што ќе има индекс на среќа. Не сакам само јас да сум среќна, не сакам да живеам во такво општество. Ми треба општество во кое другите ќе имаат индекс на среќа“, рече Јакимоска.

Инсистираше на реалност, во која сите ќе се погледнат во огледалото и ќе се запрашаат – дали на Европа ѝ треба земја со 2,4 отсто БДП. Според Јакимоска, граѓаните не ќе може да почувствуваат дека Европа дошла овде без 7 отсто БДП.

„Премиере, единствен начин тоа го направите, е да изградите мост помеѓу бизнис заедницата и оние кои го креираат државниот апрат или законските регулативи. Ако тој мост не го изградиме сега, овде и веднаш, доаѓа време на поплави. Реката меѓу нас е сѐ поголема и поголема“, порача управителката на компанијата, која работи според европски стандарди и 90 отсто е извозно ориентирана, најмногу во земјите на ЕУ.

По Скопје, кампањата „Ние сме Европа“ ќе продолжи уште во 7 градови – Струмица, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Тетово и Штип, секаде со различна тематска област – култура, енергетка, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјала.

 

Извор: ДВ

Related posts

Синдикатот на М-НАВ обвинува за инцидент, МВР истражува

admin

ЛОГА ГИ ПОДГОТВУВА ХАШКИТЕ ЌЕЛИИ ЗА ГРУЕВСКИ

ninja

ТЕРМОЕЛЕКТРАНИТЕ НА ПАТЕРИЦИ – НЕ ПРОИЗВЕДУВААТ НИ ПОЛОВИНА ОД МОЖНОСТИТЕ

ninja

Судот во Колорадо му забрани на Трамп да се кандидира на изборите

admin

Мицкоски: Ако помине законот за амнестија, ќе го напуштиме Собранието

admin

АзА ја поздрави одлуката на САД за Рамиз Мерко

admin