8.8 C
Скопје
7 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Манифест за консензус за уставни измени или купување време?

Во неделата кога сите политичари во државата се на колективен одмор владејачките партии објавија документ наречен Манифест за европскиот пат на Северна Македонија. Дали овој втор обид ,по лидерската средба, може да обезбеди мнозинство за уставни измени? ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта доцни, но и оти не го добиле Манифестот за да се изјаснат.

Ќе успее ли власта преку таканаречениот документ Манифест да обезбеди уставните измени да поминат во Собранието е главното прашање кое се поставува неделава, откако владејачката СДСМ заедно со коалициските партнери објави документ преку кој се бара заедништво и консензус во утврдување на позициите на сите политички чинители во земјава во процесот на преговори за членство во ЕУ.

Сите 12 партии од влајдеачкото мнозинство се потписници на овој Манифест, а како што тврдат од СДСМ, преку овој документ политичките партии во Собранието без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно.

Објавувањето на Манифестот доаѓа во екот на летната сезона кога и пратениците и владиниот кабинет, па и опозицијата, користат годишни одмори. Од ВМРО-ДПМНЕ иако најпрво излегоа со критики, сепак и денеска тврдат дека се уште официјално не го добиле Манифестот и дека откако ќе го добијат, ако има нешто суштински за разгледување, ќе го кажат својот став.

Останува неизвесно е дали овој став на опозицијата отвора простор за надеж кај власта дека сепак може да ги поддржат уставните измени.

„Единствен консензус кој може да биде прифатлив е оној за предвремени парламентарни избори. Знаејќи дека немаат двотретинско мнозинство за уставни измени, Ахмети и Ковачевски купуваат време со таканареченен Манифест, документ кој е напишан во штабот на ДУИ без никаква консултација на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, стои меѓу другото во денешното соопштение на опозицијата.

За албанскиот опозициски блок Манифестот е „театар за јавноста“

Коментирајќи го Манифестот како начин побргу да се изгласаат уставните измени, од Движењето Беса велат дека овој документ е само „обид за манипулирање со јавноста“.

„Таканаречениот манифест не е ништо друго туку обид за манипулирање со јавноста, а во пракса постапуваат против членството во ЕУ и вредностите на ЕУ. Се додека од една страна се потпишуваат само хартии, или од друга страна се зголемува корупцијата и богатењето на членовите на семејството на Ковачевски и Ахмети, „ЕУ ќе не држи подалеку и ќе остане само сон, велат од Беса.

За опозициската Алтернатива пак, овој Манифест воопшто не е неопходен.

„Немаме причина да афирмираме нешто што сме го изјавувале илјадници пати. Евроинтеграцијата не е прашање на декларација и манифест, туку определеност и акција“, истакна Зекирија Ибрахими од Алтернатива за ТВ21.

Дали опозицијата ќе попушти откако ќе го добие Манифестот?

Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, ВМРО-ДПМНЕ треба да го прифати овој Манифест, бидејќи како што вели, во него се содржани токму барањата на опозицијата.

„Ако се искрени барањата од страна на опозицијата, по објавувањето на еден ваков Манифест треба нивните грижи да ги тргнат од оптек и ефектот треба да биде позитивен, бидејќи целиот наратив на опозицијата во целиот процес е наведен во овој документ. Усвојувањето на еден таков Манифест би значело патоказ и за оваа и за која било друга идна Влада како да се однесува во однос на овие прашања“, вели Муслиу за Радио Слободна Европа.

Муслиу смета дека Манифестот треба да и биде доставен на опозицијата.

„ Усвојувањето на уставните измени мислам дека е една од целите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на тој начин ќе издејствуваат предвремени избори. Мислам дека трите најголеми партии во владејачкото мнозинство прифатија дека би оделе на предвремени ибори во случај да се направат уставните измени“, смета Муслиу.

За разлика од Муслиу пак, екс-вицепремиерот за европски прашања од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Боцевски вели дека не гледа потреба од усвојувањето на овој Манифест, бидејќи консензус за тоа веќе постои.

„Она што е во Македонија веќе историја е фактот дека првото македонско демократско Собрание едногласно изгласа и декларација за зачленување на Македонија во ЕУ и резолуција за зачленување на Македонија во НАТО, така што која е сега идејата повторно да се влегува и повторно да се потврдува тој консензус кој веќе постои? Никој не го оспорил никогаш тој консензус и никој не го довел во прашање“, смета Боцевски.

За Боцевски е ирелевантно дали Манифестот требало прво да и се достави на опозицијата бидејќи, според него, станува збор за „ефтин политички трик“.

Но тој смета и дека сепак, постои шанса ВМРО-ДПМНЕ да го прифати овој Манифест во одредени услови.

„Ако суштински биде дополнет тој манифест каде ќе се стави одредба дека ништо во ЕУ интеграцијата не смее да задира во македонската државност, тогаш не гледам зошто не би се усвоил овој документ, но во таа ситуација не би требало да поминат уставните измени“, додава Боцевски.

Маричиќ: Манифестот е уште обид за обединување на политичките партии

Откако јавно го објави Манифестот власта почна и кампања на социјалните мрежи. Вицепремиерот за европски прашања и главен преговорач со ЕУ, Бојан Маричиќ, вели дека со прифаќањето на овој Манифест политичките партии ќе покажат дека имаат иста цел кога е во прашање иднината на земјата.

„Сега не е време за политички надмудрувања и изговори. Водени од заедничката визија што ги надминува партиските граници, поединци, пратеници, сите политички партии да ја потврдат искрената намера за ЕУ “, напиша Маричиќ на Фејсбук.

Constitutional amendments - Dimitar Kovachevski, Hristijan Mickoski and Ali Ahmeti
Constitutional amendments – Dimitar Kovachevski, Hristijan Mickoski and Ali Ahmeti

Таравари: Ако ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставни измени, Алијанса веднаш ќе излезе од Владата

Откако функционерите на ДУИ понудија условени оставки до премиерот Димитар Ковачевски кои би стапиле на сила веднаш откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа уставните измени, сега и Арбен Таравари, лидерот на Алијанса за Албанците, вели дека неговата партија ќе го стори истото ако опозицијата се предомисли.

„Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албанците треба да излезе од Владата и ќе гласаме за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена Влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори“, изјави Таравари во летното издание на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

Обидот на ДУИ од претходно преку сличен услов да ја разубеди опозицијата сепак не вроди со плод, бидејќи ВМРО – ДПМНЕ побараа оставките да бидат неотповикливи и на тој начин да се отвори простор за брзи предвремени избори.

Додека дома „врие“, меѓународната заедница бара конректни чекори

И додека ВМРО-ДПМНЕ се уште бара официјално да го добие Манифестот па да се произнесе, а СДСМ вели дека ова е „последна шанса“ за опозицијата да го отвори евроинтегративниот пат на земјава, притисокот од надвор расте.

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук вчера изјави дека без промена на Уставот, Северна Македонија не може реално да ги започне преговорите за членство во Унијата.

Ќучук предупреди и дека без овие промени, земјава ризикува да се оддели од Албанија во евроинтеграцискиот процес.

„Од друга страна, тука е и геополитичкиот предизвик, заедно со тоа и можноста Украина да почне да преговара со ЕУ, таа е земја која доби статус на кандидат за членка. Односно, изборот е многу јасен – дали Република Северна Македонија сака да продолжи по својот пат, со реформирање на општествено-социјалните односи, или ќе се приклучи на друга група која нема јасен патоказ во ЕУ“, рече Ќучук, потенцирајќи дека оваа одлука ја носат самите македонски политичари.

Инаку, работна група составена од експерти и членови на политички партии ги подготвуваше измените на уставните амандмани кои предвидуваат и вклучување на Бугарите во Уставот, а истите откако беа усвоени на Владина седница се испратија и до Собранието.

Пленарната седница на која главна тема ќе бидат уставните измени е закажана за 18 август.

Извор: РСЕ

Related posts

СОФИЈА СО КРИТИКИ ДО СКОПЈЕ ЗА ПРАВАТА НА БУГАРИТЕ

ninja

Бура од критики по повикот на папата за „бело знаме“

admin

Бајден и Трамп победија на прелиминираните избори во Мичиген

admin

КФОР најавува повлекување од општините на северно Косово

admin

Мехмети: Уставните измени не треба да бидат драма

admin

АМЕРИКАНСКИТЕ ИСТРАЖИТЕЛИ ЗА КОРУПЦИЈА ЈА НАПУШТИЛЕ МАКЕДОНИЈА

ninja