22.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Уставни измени: Кој и кога ќе ја сврти „плочата“?

Брзо почнаа првите шпекулации околу мотивите за (не)поддршка на уставните измени.

 

Ова е почеток на процесот (за уставни измени-н.з.), јас би рекол успешен почеток, а македонското Собрание има капацитет да донесе уште една стратешка одлука за иднината на земјата – убеден е премиерот Димитар Ковачевски.

Додека од ВМРО-ДПМНЕ постојано порачуваат – „веќе е јасно е дека уставни измени нема“, од СДСМ се цврсто убедени дека „процесот не е завршен“. Според Ковачевски уставните измени во моментов имаат поддршка од 73 пратеници. За сите детали од почнатиот процес тој ќе ја информира претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, со која ќе се сретне во Атина во рамки на дводневната неформална средба што од вечерва (21.08) ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за лидерите од Западен Балкан. Повод за неа е 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан и Декларацијата од Солун.

„Јас ќе имам формален состанок со претседателката на Европската Комисија, која од прва рака ќе може да се информира од мене, иако таа веќе ги има сите информации дека процесот започна. И дека започна со 70 гласа „за“ изгласување на дневниот ред во однос на уставните амандмани, иако некои претпоставуваа, сакаа таа бројка да биде под 65 пратеници. Но, се покажа дека е 73 во моментов. Стана јасно дека СДСМ и европската коалиција се за продолжување на европската интеграција на Северна Македонија, но дека опозицијата повторно, како што било и во минатото, е за блокада на патот. Исто како што беше и против залченувањето на Северна Македонија во НАТО“, рече Ковачевски на ТВ Сител.

На средбата во Атина, покрај претседателката на ЕК, ќе присуствува и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, а на иста маса ќе се најдат и политичарите кои пред една недела си разменија пораки преку грбот на Северна Македонија – косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Курти пред една недела порача дека „Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира од Милошевиќ и од Путин“. Поради иконографијата и пораките, Вучиќ ја нарече приватната посета на косовскиот премиер во РСМ „скандал над скандалите“.

На неформалната вечера ќе присуствува и бугарскиот премиер Николај Денков, заедно со хрватскиот и романскиот колега, кои се поканети како претставници на земји од регионот кои се членки на ЕУ. Од западнобалканската шесторка во Атина ќе присуствува и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кристо. Албанија била поканета да учествува на претседателско ниво, но шефот на државата Бајрам Бегај изразил жалење за неможноста поради претходно дефинирана агенда.

Како зима и лето

Без сомнение, процесот за уставни измени ќе биде една од темите за кои соговорниците на Ковачевски ќе изразат интерес на средбата во Атина, токму во контекст на шансите за побрза ЕУ- интеграција на земјите од регионот. По 18-ти август, кога расправата во македонското Собрание за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на РСМ се исцрпи, а седницата беше прекината, отсуството на двотретинско мнозинство (80 гласа), стана линија за разграничување на позициите на власта и опозицијата. Власта не се откажува од процесот, опозицијата повикува да не се троши време и да се оди на избори. Во моментов РСМ не е поблиску до Бугарија, ама ни до Србија која преговара со ЕУ. Според ВМРО-ДПМНЕ, и Ковачевски не е блиску до ЕУ.

„Ковачевски да си даде оставка, тој и ЕУ се далеку како зима и лето. Во ЕУ не се оди со криминална влада, каде тендерите и личните бизнис интереси на поедини моќници се пред доброто на граѓаните и државата“, критикува опозициската партија.

„Ковачевски е далеку од ЕУ и заради заробеното обвинителство и судство, кои одлучуваат по партиски наредби. Во ЕУ полицијата не чека со месеци да расветли убиство, ниту пак се краде оружје од полициски депоа. Ковачевски е далеку од ЕУ и заради упропастеното образование, здравство и култура. Ковачевски нема капацитет да ја води Македонија кон ЕУ“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму повторуваат дека Владата е делигитимирана, Ковачевски дефакторизиран и единствено решение се предвремени избори. Ковачевски, пак, обвини дека некој за лична кариера сака да ја држи како заложник целата држава.

„На Мицкоски ако му се седи во чекалната 10, 20, 50 години, тогаш тој многу ме потсетува на неговиот претходник. Бидејќи и тој сакаше да седи во чекалната 10 години, 20 и 50 години, но како што гледам денес живее во ЕУ. Не отиде да живее во Таџикистан. Отиде да живее во Унгарија. Ако толку не била добра ЕУ, зошто отиде во ЕУ? Зошто отиде во земја членка на НАТО“, рече Ковачевски.

„Две години ќе си играме“

Сомнеж врз мотивите за опозицијата фрли и сопственикот на бугарската новинска агенција Бгнес, Љубчо Нешков, во интервју за БТВ од 18-ти август.

„Многу ретко споделувам разговори со високи политичари. Пред два дена кај мене беше, можеби човекот кој ја командува опозицијата во Македонија и најблискиот човек на Никола Груевски. И во нашето спорење – што треба да се случи, дали треба да се поддржи (предлогот за уставни измени – н.з.) тој со таков бес и жестокост повикуваше за избори и за распуштање на парламентот, што во еден момент не слушаше никакви аргументи од спротива. И кога го прашав – што ќе се случи, откако вие од Македонија ќе бидете одвоени (од процесот – н.з.), тој ми рече: ‘Две години ќе си играме така, и потоа ќе ја смениме плочата’“, рече Нешков во гостување на БТВ, без други детали за соговорникот.

Остана нејасно дали со тврдењето за „човек кој можеби ја командува опозицијата и е најблискиот човек на Никола Груевски“ целта е да се каже дека формалниот претседател на партијата не е и суштинскиот, или да се замагли кој бил соговорникот.

Од ВМРО-ДПМНЕ не беа достапни да ја коментираат оваа изјава.

 

Извор: Дојче веле

Related posts

Македонија го трасира патот на извозник и лидер во регионот по производство на зелена струја

admin

Ќе има ново покачување на платите на функсионерите?

admin

Македонците незадоволни од политичките слободи

admin

Последен ден на Ковачевски во премиерската фотелја

admin

Патот кон ЕУ е тежок, но без алтернатива за Западен Балкан

admin

Илон Маск: Ќе кажам што сакам, а ако последицата од тоа е губење пари, нека биде така

admin