16.8 C
Скопје
11 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

120 години Илинден – чествување на историјата среде политички поделби

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“ државата го прославува 2 Август – денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и првото заседание на АСНОМ. Но, и овојпат не изостанаа поделбите. Политичарите од власта упатија пораки за потребата за уставните измени и интеграцијата во ЕУ. Oпозицијата ги осуди дека договораат распродавање на македонскиот идентитет.

Премиерот Димитар Ковачевски од скопско Кале порача дека сегашните народни избраници треба со државничка одлука да постапат по аманетот на илинденците и асномците за да обезбедат европска интеграција на државата. Претседателот Стево Пендаровски од Прохор Пчински рече дека треба да се надминат разликите и сплотено да се почнат преговорите со Европската унија (ЕУ). Собранискиот спикер Талат Џафери истакна дека политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски на Мечкин Камен во Крушево, пак, изјави дека додека претставниците на власта ги даваат овие изјави, договараат да го распродадат македонскиот идентитет.

Вакви беа пораките на државниот врв на денешното одбележување на 120 годишнината од Илинден – еден од најважните празници за назависноста и самостојноста на Македонија, кога се одржуваат свечености на повеќе локации низ Републиката.

Пораките на политичарите од власта главно беа во насока на потребата за гласање на Уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, за да продолжи европскиот пат на земјава, на што се противи опозицијата и ваквите изјави ги оцени како предавнички.

Меѓу првите кои се обратија за денешниот празник беше премиерот Димитар Ковачевски којшто одржа говор на тврдината Кале во Скопје.

Поучени од заедништвото и решителноста на Илинден и АСНОМ, и ние имаме обврска како генерации на денешнината да постапиме како што ни доликува – да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации, рече Ковачевски.

„Денес Републиката има потреба од нова државничка одлука, на денешната генерација народни избраници, со што државата и граѓаните ќе продолжат по зацртаниот пат на напредокот. И денес е потребно да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците“, рече Ковачевски.

 

120-годишнина од Илинденското востание, 2 август Денот на републиката.
120-годишнина од Илинденското востание, 2 август Денот на републиката.

Тој додаде дека оваа Влада постапила по аманетот на илинденците и асномците, како што рече, седнати на иста маса заедно со другите европски земји и светски сили.

„Сите во следниот период кои ќе носат важни одлуки за државата, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата и храброста на илинденците и асномците и ќе градиме европска држава интегрирана во големото европско семејство или пак ќе останеме сами и изолирани, е само наша одлука“, рече Ковачевски.

Претседателот на државата Стево Пендаровски се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, во манастирот Прохор Пчински.

Пендаровски порача дека треба да се надминат разликите и како што наведе „да се сплотиме околу итно започнување на преговорите, во спротивно ќе ги изгубиме младите кои се иселуваат“, рече тој.

Претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.

„Потребни ни се европски реформи, кои ќе помогнат да го оствариме виталниот национален интерес, да ги мотивираме младите да останат во државава, порача Пендаровски.

Тој додаде дека со сегашното темпо на иселување, постои реална опасност брзо да ја достигнеме критичната демографска точка по која, како што рече, нема враќање.

Централната манифестација како и секоја година се одржува на Мечкин Камен во Крушево каде секоја година на овој ден присуствуваат голем број на граѓани и државни делегации. Оттаму се обрати претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека европската идеја од пред 120 години од Крушевскиот манифест за слобода, обединување и просперитет „е веќе на дофат.“

„Сега, како што ви е, верувам, познато, Република Северна Македонија, граѓаните и во прв ред политичките фактори во земјата се пред уште една голема и одлучувачка одлука. Дали ќе продолжиме напред кон евроатлантското интегрирање на земјата, нешто за што сме се определиле како држава уште од осамостојувањето во 1991 година или ќе заглавиме на слепиот балкански колосек кој нѐ не води никаде, е избор што треба да се донесе со надминување на хировите, согледување на реалноста и излегување од тесните и себични партиски интереси кои ветуваат некаква друга иднина која и за најголемите оптимисти е нереална фатаморгана“, рече во обраќањето Џафери.

 

Претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен Во Крушево.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен Во Крушево.

 

Во Крушево беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој предводеше партиска делегација.

Тој рече дека Илинден претставува „водилка како треба да живееме и како треба да ја чуваме нашата држава Македонија во иднина“, додавајќи дека и денеска македонскиот народ „покажува пркос и знае за што се бори за својот идентитет, држава и достоинствена иднина“.

„Денеска од претставниците на власта ќе слушнете многу изјави, но додека ги зборуваат тие изјави пред медиумите знајте дека под маса договораат дополнително да го распродадат македонскиот супстрат и македонскиот идентитет за ден повеќе во фотелјите и ден повеќе да можат да ја пљачкаат и крадат Македонија“, рече Мицкоски.

Инаку Илинден датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката.

Востанието беше кренато на 2 Август – на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите.

И оваа година се случи еден од најавтентичните настани за празникот – традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.

Четириесет и една година по Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.

За кревањето на Илинденското Востание одлука донесл Конгресот во Солун на Македонската револуционерна организација пролетта 1903 година. Делегатите на организацијата разговарале за прашањето за кревање на востанието во Македонија.

И покрај фактот дека некои од делегатите биле против креваење на востание тврдејќи дека Организацијата сѐ уште не е подготвена, одлуката на водството за кревање на востанието била конечна.

Одлучено било востанието да започне во битолскиот регион, а датумот да биде 2 август. Организаторите на востанието испратиле и писмо до Европа дека ќе започне востание во Македонија во кое биле наведени и причините за тоа.

 

Извор: РСЕ

Related posts

Санкциите на ЕУ до страотен резултат: Увозот на нафта од Русија падна за 90 отсто

admin

Коха Диторе: Косово и Северна Македонија не ги исполнија обврските за патот Призрен-Тетово

admin

ШОЛЦ ОД ПУТИН БАРА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА РУСИЈА ОД УКРАИНА

ninja

Поглавјето за македонскиот јазик исклучено од преговарачката рамка со ЕУ, но неговото признавање повеќе ќе зависи од политичката волја

admin

„СИЛНО И ОДЛУЧНО“ ВО КАМПАЊА

ninja

Која е Билјана Ангелова, новата ректорка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“?

admin