А на крајот ќе излезе дека сите работиме за да ставиме делче од нашите денарчиња или пак заштедени евра или долари во партиската каса на ДУИ, која немилосрдно граби во целото ова политичко слепило. Очигледно е дека најдобро се снаоѓаат во хаосот, на кој и они самите му кумуваат. Обмислено или не ќе покаже времето, а дотогаш ќе почекаме, ладнокрвно гледајќи ја целата она листа на фирми и компании донатори на „зелените“, кои како локумчиња си ги голтаат државните тендери.
Пишува: Катерина Топалова
Во постојаното менување на борилиштата на европската геополитика, повеќе од свесни сме дека „борбата“ на Македонија за членство во Европската унија (ЕУ) се манифестира со низа сложени разговори, променливи пристапи и конзистентни барања за компромиси. Со оглед на тоа што Македонија тешко напредува низ сложениот процес на пристапување во ЕУ, во моментов таа е вклучена во еден вид нијансирана интеракција со Европската Унија. Иако ова посакувано партнерство нуди потенцијал за економски раст, стабилност и почитување на демократските принципи, треба да се напомене дека истото е успорено од многуте тековни пречки и побараувања од страна на дел од ЕУ земјите членки, чии пак барања растат и се развиваат. А колку истите такви побарувања се реални, практични и демократски? Нешта кои сè уште ги искусуваме на кожа. По сѐ изгледа дека станува збор за еден надреален процес, чии позитивни очекувања спласнуваат од ден во ден се повеќе.
Со години, земјава работеше, сè уште работи и ќе работи на усогласување на своите законодавни, судски и административни структури со стандардите и принципите на ЕУ, но се чини годиниве без резултат и со катастрофален ефект. Иако Брисел често нѐ потсетува дека овие реформи се суштински за обезбедување членство во Унијата и истите беа замислени да ја донесат потребната транспарентност, одговорност и владеење на правото, сепак, напредокот на овој фронт е разочарувачки бавен и манипулативен, а политичкиот пејзаж на земјата сè уште е нарушен со зголемено ниво на корупција, непотизам и недостаток на вистинска посветеност на реформите.
Да! Реформите се нужни и потребни – реченица која често ја слушаме во јавноста, а овојпат најтазе изговорена со оптимистички тон по кој сите останавме песимисти. Не затоа што не сакаме да му веруваме на Борел, туку кога таквиот кураж доаѓа од евробирократ во заминување не ветува многу. Дуваме на маштеница! Иако оние пак Макроновите, реформските, делуваат многу по сериозно и треба да се сфатат токму така. Дали има простор за грижа? Се разбира…
Она на што сме сведоци во Украина е јасен пример за тоа како помоќен сосед кој сака да ја потврди својата доминација над соседната земја, ја злоупотребува својата моќ. Слично на тоа, позициите и активностите на Бугарија кон Македонија предизвикуваат зголемена тензија и напнатост, а отровните стрели од политичко се симнаа на најниско можно ниво… Социјални медиуми alias петли на буниште. Говор на омраза колку и да ни сака душа… Политичарите во двете земји се внимателни, оние во Софија тактизираат, со напати инцидентни провокации од историски карактер, но и ветувања дека нема да има нови блокади, доколку се внесат Бугарите во Уставот. Ваквата игра е очигледна и проѕрена имајќи го предвид Францускиот поклон (Данајски) кои нашата неумесна и пред се неискусна политика го проголта како апче за глава.
За разлика од нив, македонските политичари од власта пред сѐ, ако воопшто го знаат значењето на зборот „политика“ и истиот не го поистоветуваат со „бизнис“, ги полагаа своите надежи врз тешката машинерија од другата страна на барата, со цел да ја притисне и приземји опозицијата. Властодржците очигледно се двоумат, како понатаму до регуларни избори а рејтингот да не им падне вртоглаво, зашто веќе е доцна за капитални проекти.
Додека двете македонски политички партии се џавкаат дали ќе има промена на Устав или не, дали ќе има предвремени избори или не, некако како да не забележуваат дека се дават во нивната кусогледост. Гаранции никој не дава и силувања никој не трпи! Па еден Еди Рама и Александар Вучиќ се попопуларни на македонската политичка сцена, отколку овој македонски политички ситнеж кој секојдневно ни парадира и се дави во нови или надградени скандали. Во секоја нормална европска држава каде што претендираме и ние да се сојузиме, ваквите политички ликови и бизнисмени досега би се нашле на буништето од историјата.
А на крајот ќе излезе дека сите работиме за да ставиме делче од нашите денарчиња или пак заштедени евра или долари во партиската каса на ДУИ, која немилосрдно граби во целото ова политичко слепило. Очигледно е дека најдобро се снаоѓаат во хаосот, на кој и они самите му кумуваат. Обмислено или не ќе покаже времето, а дотогаш ќе почекаме, ладнокрвно гледајќи ја целата она листа на фирми и компании донатори на „зелените“, кои како локумчиња си ги голтаат државните тендери. Па ако не Они – други ќе беа, ќе речат душегрижниците… Не е ова албонофобија, што би рекол еден еминентен министер, туку само претпазливост пред да надојде големиот бран кој ќе не потопи сите.