18.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОН

Германски медиуми: За каква иднина се спрема Србија?

„Спрема ли Србија нова војна на Балканот?“, праша неодамна германскиот весник „Ди велт“. „Не, Србија се спрема за иднината“, одговара Белград. А што на тоа велат во Берлин?

 

„Оваа вест би требало да го алармира Запад и соседите на Србија“, напиша неодамна германскиот весник „Ди велт“, а повод за текстот со наслов „Дали Србија спрема нова војна на Балканот?“ беше следното: „Србија купува 20.000 ирански дронови од типот Шахед-136.“

Но, во повикот на весникот до Западот и соседите, од кои само БиХ не е членка на НАТО, додека Косово практично е под негова заштита, е направен еден пропуст: наводното купување ирански дронови е објавено по налог на „Терор аларм“ на мрежата Икс, страница која сама за себе наведува дека е водечки светски портал во продукција на „вести и погледи генерирани од вештачка интелигенција“.

Но, не е првпат во германските медиуми  Србија да се споменува како поттикнувач на немири,  како што е формулирано во споменатиот текст.

На прашањето на ДВ до Претседателството на Србија околу пишувањето на одделни германски медиуми не стигна одговор, но реагираше амбасадорката на Србија во Берлин, Снежана Јанковиќ: „Не, Србија не се спрема за војна, туку за иднината“, напиша таа во демант до „Ди велт“.

Војската на Србија набави од Кина систем за ПВО ФК-3
Војската на Србија набави од Кина систем за ПВО ФК-3Фотографија: ZORANA JEVTIC/REUTERS

Таа потсети дека српското Министерство за одбрана ги отфрли обвинувањата за купување дронови  од Иран.

Од ширење лажни вести досега „Ди велт“ не се огради, ниту им се извини на читателите, а пропушти уште нешто – да пишува на основа на факти.

„Србија се грижи за својата безбедност“

Фактите кои пак во Белград не се кријат, според Јанковиќ, гласат вака: „Србија се грижи за својата безбедност и ја модернизира својата војска, како и многу други европски земји, но исклучително во одбранбени цели.“ Српскиот претседател Александар Вучиќ на саемот на оружје во Абу Даби во февруари годинава изјави дека Србија со дополнителни вложувања, кои не се опфатени со буџетот за 2023 година, издвојува околу 2,3 проценти од БДП за таа цел, но „како што е тргнато, ќе мора да зголеми на три проценти.“

Факт е дека Србија започна со „модернизирање на својата војска“ уште пред почетокот на руската агресија врз Украина, исто како и дека тоа го прават и други европски земји, но и светски. Според податоците на Институтот за мировни истражувања, СИПРИ, во 2022 година глобалната светска воена потрошувачка достигнала кулминација, а европските земји имаат најголем раст за вооружување од крајот на Втората светска војна.

Зошто се вооружува Србија?

Што е специфично во поглед на вооружувањето на Србија и кои се причините?

„На прво место е процесот на модернизација на оружјето на оружените сили, зашто српското вооружување датира од време на бивша Југославија и не е адекватно на глобалното безбедносно опкружување и технолошка трансформација“, вели Вук Вуксановиќ, виш истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП) и соработник на ЛСЕ ИДЕАС, надворешнополитички тинк тенк при Лондонската школа за економија и политички науки (ЛСЕ).

Средствата и опремата на војската на Србија делумно се обновени, но е натаму дел е од времето на СФРЈ
Средствата и опремата на војската на Србија делумно се обновени, но е натаму дел е од времето на СФРЈФотографија: ZORANA JEVTIC/REUTERS

Токму затоа воениот аналитичар од Белград, Александар Радиќ, зборува за тоа дека „Србија мора да се модернизира“. „Воено неутрална земја мора да биде самодоволна во секој поглед во однос на нејзината одбрана за разлика од опкружувањето на Србија, кое е во НАТО (освен БиХ) и кое има колективен механизам за одбрана и затоа може да преиспита некои потреби“, смета Радиќ.

Во Сараево имаат друга проценка: „По мое мислење, модернизирањето на војската на Србија е само параван за креирање воена сила која во перспектива ќе овозможи проекција на сила во овој регион од страна на Руската Федерација, кога ќе заврши војната во Украина“, вели воениот аналитичар Неџат Ахатовиќ.

Вооружување како инструмент на надворешната политика

Она во што се согласуваат и сараевскиот и белградскиот аналитичар е дека Србија, како што вели Вуксановиќ, „процесот на вооружување го користи како иструмент на надворешната политика каде Србија верува дека на тој начин може да добие подобра позиција во регионалните спорови, како статусот на Косово, може подобро да балансира меѓу големите сили, но и да изгради подобри односи со земјите кои ја снабдуваат со оружје.“

Истовремено, како што вели воениот аналитичар Радиќ, Александар Вучиќ за домашното јавно мислење создава слика на силна држава која може да се одбрани во случај на агресија.

Иста аргументација има и БиХ, се вооружува заради одбрана.

(Не)почитување на Спогодбата за контрола на вооружувањето

Во тој контекст се поставува прашање и околу тоа што се случи со Спогодбата за субрегионална контрола на вооружувањето, потпишан во 1996 година, а произлезена од Дејтонската мировна спогодба. Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора со неа се обврзаа на „воспоставување мерки за регионална стабилизација и контрола на вооружување“ заради градење доверба и избегнување трка во вооружување во регионот. Сите борбени тенкови, оклопни борбени возила, артилерија, борбени авиони врз основа на Спогодбата подлежат на бројчени ограничувања за секој потписник. До 2015 година Спогодбата беше под закрила на ОБСЕ, а потоа е во надлежност на државите потписнички.

Министерот за одбрана на БиХ, Хелез вели дека само БиХ е единствена потписничка која го почитува, а од српското Министерство за одбрана не стигна одговор на прашањето на ДВ.

Хелез вели дека БиХ повеќепати ја предупредила меѓународната заедница, но нема реакција.

ОБСЕ од соја страна истакнува дека продолжува со поддршка на имплементацијата на Спогодбата  и државите потписнички редовно разменуваат воени информации на годишни состаноци, како и податоци за „нови системи за вооружување воведени во нивните војски кои потпаѓаат под одредбите на Спогодбата“.

Германија пак, велат од Министерството за надворешни работи во Берлин, како членка на Контакт групата, го следи тој процес, како и дека договорот содржи „ограничување на тешко вооружување и еднострано декларираните доброволни ограничувања на бројот војници, кои со години се почитуваат.“

И независни аналитичари од Србија и БиХ велат дека земјите потписнички ја почитуваат Спогодбата. Неџат Ахатовиќ од Сараево меѓутоа истакнува дека таа се почитува во квантитативна, но не и во квалитативна смисла.

„Ниедна земја од Балканот, па ни Србија, не ги пречекори дозволените бројки. Но, пред сѐ Србија набави висока воена технологја и современи оружени средства со кои го ремети стратешкиот баланс на силите во регионот.”

Проблем е реториката

„Проблемот не е само во Спогодбата, туку и во механизмот на нејзина примена, во политичката реторика во регионот, најмногу во Србија и Хрватска, кои и натаму веруваат дека ако плукнете во правец кон соседот, добивате поени во јавното мислење во својата земја. Таа реторика е причина зошто зборуваме за регионална трка во вооружување, а не природен процес на замена на застарено оружје со ново“, вели Вуксановиќ.

Не сакаат да бидат руски шпиони на Балкан 

Дали се оправдани стравовите од можен вооружен конфликт на Балканот? Одговорите зависат од тоа од која земја доаѓа соговорникот:

„Тоа зависи во прв ред од Владимир Путин, кој благодарение на политиката која во регионот ја наметнува и спроведува Србија со претседателот Вучиќ, претставува вистински господар на војната и мирот“, вели Ахатовиќ.

На Русија, ако сака да му предизвика проблем на Западот, смета Вуксановиќ, ѝ е потребна помош од локалните елити, а тие не сакаат да бидат жртвувани како пиони на Кремљ. „Тие сакаат  да ја користат Москва за уценување на Западот  и да се промовираат пред своите гласачи, но не и да бидат топовско месо“, вели Вуксановиќ.

Белградскиот воен аналитичар Радиќ, кој е критичен во поглед на она како Србија во јавноста ја претставува модернизацијата на своите оружени сили и како таа изгледа во стварност, вели: „Поради расчекор меѓу активностите на модернизација и вистинската состојба на опремувањето на војската на Србија, мислам дека никој не е загрозен од агресивниот медиумски тон на приказните за јакнење на воената моќ на Србија. Прашање е и како, во актуелните околности кога Србија е опкружена од НАТО и ги има меѓународните сили на Косово, да се разгледува било какво реално сценарио освен војна против НАТО. Тоа се обидоа во 1999 година и на крајот бевме принудени да ја повлечеме војската од Косово“.

Самоубиствен потег

За Вуксановиќ затоа нема сомнежи. Тој смета дека секое предизвикување судир би било самоубиствен чин. „Запад сигурно би интервенирал против било кого кој би се обидел да го ремети статус квото.“

Во германското Министерство за одбрана за тоа владее максимална воздржаност. „Го примаме на знаење пишувањето на медиумите, но вообичаено не го коментираме“, одговори Арслан Дајхсел, портпарол на Министерството на прашање на ДВ околу зачестеното пишување на германските медиуми за можен судир на Балканот.

Во Министерството за надворешни работи во Берлин дипломатски велат дека  Србија во рамки на Берлинскиот процес  „како најголема земја во регионот, игра голема улога“, како и (помалку дипломатски) дека „мора да ја исполни таа одговорност, посебно во дијалогот со Косово кој го води ЕУ и јасно да се обврзе на спроведување на Охридскиот договор.“

Во германското Министерство за надворешни работи пак, како што дознаваме, со „голема загриженост“ се посматра актуелниот развој на ситуацијата во БиХ, посебно  „сецесионистичката реторика на Милорад Додик.“  „Таа не е само опасност за Уставот на земјата, туку и за стабилноста на целиот регион“, се наведува во Берлин. /DW

Related posts

Пет милиони евра за нови лични карти, а старите уште важат

admin

ЕУ го губи трпението со тензиите меѓу Косово и Србија

admin

Повторно забележан Кинески “метеоролошки” балон

admin

САД спрема санкции против владата на Косово

admin

РАДЕВ ГО ПОВИКА ПЕНДАРОВСКИ ДА СЕ ДРЖИ ДО ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА

ninja

САД остануваат отворени за пронаоѓање на дипломатско решение со Русија

ninja