35.5 C
Скопје
16 јули, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Вилма Русковска за Глас на Америка: Ова што се случува е поради измените на Кривичниот законик

Неказнивоста на политичарите и други високи функционери, како и нивното лесно бегство од државата се лоша порака до граѓаните сметаат познавачите на приликите. Последниот случај со бегството на поранешниот вицепремиер во македонската Влада, Артан Груби, како и на поранешниот директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами се само доказ за тоа. За нив веќе е распишана и меѓународна потерница.

Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска за Гласот на Америка вели дека неказнивоста била озаконета, уште со последните измени на кривичниот законик, кога скандалозно биле намалени казните.

„На пример вие имате случаи, некој да ви украде паричник на улица ќе добие многу поголема казна затвор, отколку некој ако украде милиони од државата. И, во секој случај се негативни пораките кон граѓаните, но според мене извор на сето тоа се измените на Кривичниот законик“, рече таа.

Според неа работите можат да се вратат во нормала кога би стапил на сила новиот Кривичен законик, во чија што изработка учествувала и таа.

„А, таму се третираат кривичните дела онака како што треба да се третираат. И, сметам дека под итно треба да се достави тој Кривичен законик до Собранието, за граѓаните повторно да имаат некоја надеж дека правда можеби и ќе има“, вели Русковска.

И, Александар Кржаловски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека ова кај граѓаните остава лоша порака.

„Може да се подразбира така дека политичарите се уште можат да се извлечат од криминални дејствија без да одговараат за тоа“, рече Кржаловски.

Кржаловски смета дека последните случувања со бегството на Груби биле за очекување, иако во прво време самиот тој демантирал дека е во бегство, а сега поставува услови за евентуално враќање откако било покренато обвинение против него, што само ја потврдило тезата дека се работело за бегство и дека не е подготвен да се јави пред лицето на правдата

„Има и тези дека ова им одговара на сите за да нема турбуленции и немири во општеството со евентуално негово затворање, приведување, казнување, што може да предизвика протести. На некој начин може да се смета и дека е можеби договорено, што од друга страна ја руши довербата во институциите и системот“, додава Кржаловски.

Русковска пак ги повикува политичарите да не се мешаат во работата на судството и полицијата.

„Нашиот премиер деновиве надвор од своите ингеренции зборуваше дека ќе има големи апсења, големи приведувања, што не е негова работа и е недозволиво тоа да го прави. На некој начин овозможи не само на Груби и на припадниците на Беланоца од Арачиново за избегаат“, вели Русковска.

Освен Груби и екс премиерот Никола Груевски е во бегство и се наоѓа во Унгарија, откако беше осуден за неколку кривични дела. И, двајцата се на црната листа на САД. / Глас на Америка

Related posts

Курти ја поддржа иницијативата за патот Тетово–Призрен, С. Македонија и Косово најавуваат конкретни чекори

admin

ОЗНАКАТА “NMK” ЌЕ ГИ ЧИНИ ГРАЃАНИТЕ 11 МИЛИОНИ ЕВРА

ninja

Министерството за здравство ја отвори Четвртата балканска школа за педијатри

admin

Еврокомесарката Кос во Скопје, фокус на реформите и Планот за раст на Западен Балкан

admin

Жените во политиката – слалом меѓу квоти и родови стереотипи

admin

Под санкции, Литаско брзо се намалува додека ЛУКОИЛ се бори со ограничен пристап до финансии

admin