Бранот поскапувања во Северна Македонија никако да престане. Ако основните животни трошоци за четиричлено семејство во август 2020 година биле 550 евра, три години подоцна достигнале 800 евра. Просечната нето плата, пак, не успеа да ја следи инфлацијата – од 450 се зголеми на 600 евра.
Оваа неусогласеност на поскапувањето со зголемувањето на просечната плата е извор на социјалните проблеми, вели академик Абдилменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Во интервју за Инбокс7 тој посочува дека кога платите се „натпреваруваат“ со инфлацијата, последната победува. Беџети вели дека состојбата е уште полоша отколку што покажува статистиката бидејќи најголемиот број од работната сила е убедливо под просечната плата, додека малцинството што е над просекот врши „притисок“ врз мнозинството и со тоа го зголемува статистичкиот показател.
„Со јазикот на народот ова може да се преведе како „мнозинството јадат ориз, малцинството месо, а статистиката вели дека во просек сите јадат сарма“!“, вели Беџети.
Дали има излез од оваа ситуација? Беџети вели да, но решенијата се посложени.
Интервјуираше: Џелал Незири
Инбокс7: За запирање на бранот поскапување на основните прехранбени производи, Владата презеде повеќе мерки. Меѓу другото беше и замрзнувањето на цените. Дали, според вас, биле успешни овие интервенции?
Беџети: Во принцип, Владата го задржува правото да интервенира во регулирањето на цените за да ги заштити ранливите општествени слоеви. Но, и минатото докажа дека со овие мерки не се заштитува загрозениот стандард, пред се од причини од различна природа кои го одредуваат нивото на цените. Цените се пресметуваат и конструираат врз основа на различни инпути, од основна понуда до малопродажба. Постојат многу калкулативни влезови како што се транспортот, утовар-истоварот, роковните трошоци и други аспекти кои ја креираат конечната продажна цена. Ако владата ги замрзне цените на производите за широка потрошувачка од постојните залихи, тогаш тоа е неефикасна мерка. Дури и да има краткорочен ефект, тој сепак е од корист за сите потрошувачи, а не за оние на кои им е потребна. Ова не е фер од социјален аспект. Можеби многу поефективно би било да се оданочуваат натпросечните маржи и собраните средства да се распределат само на семејствата кои имаат потреба. Во економската теорија е позната изреката: „Колку и да интервенира владата за да го заштити потрошувачот, трговците ќе најдат начини да го заобиколат и профитираат префрлајќи го товарот на потрошувачот“!
Инбокс7: Според Светска банка, земјава ќе забележи најмал економски раст во регионот. Црна Гора годинава се очекува да има највисок раст од 4,8 отсто, потоа Албанија со 3,6, Косово со 3,2, Босна и Херцеговина со 2,2, Србија со 2. Прогнозите за Северна Македонија за економски раст се 1,8. проценти. Како го оценувате ова?
Беџети: Точно, ова се прогнозите на СБ. Но, мислам дека во случајот на Северна Македонија, можеби прогнозата беше направена со поконзервативни диоптрии отколку што зборуваат последните показатели, особено извоз-увозот, додадената вредност на извозниците во слободните економски и индустриски зони, профитабилноста на компаниите и многу компоненти други. Сите тие нè наведуваат да веруваме дека растот ќе биде над 1,8 проценти и покрај тоа што тој ќе остане најнизок во регионот. Високата профитабилност на компаниите во Северна Македонија се гледа и од позитивните реакции на Македонската берза, која и покрај новите кризни подрачја, има нагорен тренд. Албанија и Црна Гора главно имаат раст од туризмот. Во Албанија освен туризмот растот се должи и на земјоделството. Косово, споредено со прелиминарниот раст од 2022 година, бележи пад, но стапката и понатаму е речиси двојно поголема од онаа на Македонија.
Инбокс7: Во однос на проектираниот пораст за Северна Македонија, дали тоа значи дека сите граѓани ќе имаат пораст на приходите за 1,8 отсто?
Беџети: За жал не. Едниот е економски раст, а другиот е кој го создава и како се распределува. Дури и во случајот со регионот, а особено во случајот со Македонија, дури и преку данокот на добивка (со релативно ниска стапка) не се добива (прогресивно) дополнителен приход за да се прераспредели преку буџетот на семејствата и поединците во ризик бидејќи стапката е пропорционална, а не прогресивна.
Инбокс: Од друга страна, инфлацијата во Северна Македонија е највисока во регионот. Што значи тоа?
Беџети: Се додека платите, пензиите, социјалните надоместоци и другите примања на ранливите семејства не се зголемуваат барем на ниво на инфлација, не е дека немаме подобрување на животниот стандард, туку напротив – ќе имаме влошување. Она што е многу важно да се подвлече е дека официјалната (статистичка) инфлација ја изразува општата стапка на пораст на просечните цени од потрошувачката кошница, а не нивото на одредени цени. Цените на основните добра и услуги или на општата потрошувачка за живот се многукратно повисоки од официјалната стапка на инфлација и тоа е поважно. Така, инфлацијата вообичаено ги погодува сиромашните и средната класа, додека од неа корист најчесто имаат богатите класи или оние кои не живеат од плата, пензија или социјални додатоци.
Инбокс7: Во август 2020 година потрошувачката кошничка била близу 550 евра (33.538 денари), додека во август годинава била над 800 евра (49.345 денари). Така, месечните трошоци за преживување на четиричлено семејство се зголемени за 45 отсто. Во меѓувреме, во август 2020 година просечната нето плата била близу 440 евра (26.867 денари), додека во август годинава достигнала близу 600 евра (36.527 денари) – т.е. имало зголемување од 35 отсто. Тоа значи дека покачувањето на платите не го следи по поскапувањето на живеачката. Што може да донесе овој тренд?
Беџети: Со право се повикувате на оваа статистика. Иако можеби се дискутабилни за целосната точност, како и секогаш, тие само го докажуваат тоа што го објаснив погоре. Кога платите се „натпреваруваат“ со инфлацијата, условно кажано, победник е втората! Тоа што го објаснив за инфлацијата како „просечна“ појава важи и за просечната плата. Најголемиот број од работната сила е убедливо под нивото на просечната плата, додека малцинството кое е над просекот врши „притисок“ врз мнозинството и со тоа го зголемува статистичкиот показател. Со јазикот на народот ова може да се преведе како „мнозинството јадат ориз, малцинството месо, а статистиката вели дека во просек сите јадат сарма“.
Инбокс7: Како да излеземе од оваа ситуација во време кога сме опкружени со војни, како онаа во Украина или на Блискиот Исток, и кога прогнозите за европската економија не се толку добри?
Беџети: Секако дека решенијата се сложени. Да беа лесни за изразување во една реченица, можеби ќе беа сторени. Но, краткорочно, со социјални мерки од фискална редистрибутивна политика, состојбата може да се ублажи. Во меѓувреме, на среден и на долг рок тоа може да се постигне само со зголемување на инвестициите, капацитетот на институциите и продуктивноста. Последново нужно потекнува од образовниот систем од кој треба да се очекуваат иновации, претприемништво и најпродуктивни профили за да се создаде додадена вредност, а не само да се трошат парите заработени со извоз на работна сила од емиграцијата.