Сите партии треба да ги поддржат уставните измени, оти сите имаат одговорност за иднината на Северна Македонија, рече претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен при посетата на Скопје. Освен за политика, таа предложи и План за економски раст.
Изборот е Ваш! Северна Македонија е суверена земја и прави сопствени избори, порача претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен на 30 октомври, од истата говорница на која рамо до рамо стоеше до македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тоа беше нејзиниот одговор што ќе се случи ако до декември годинава земјата не ги усвои уставните измени, потребни за интеграцијата во Европската унија.
Со посетата на Скопје, претседателката на ЕК ја започна турнејата низ Западен Балкан. Во рамки на турнејата планирано е таа на регионалните лидери подетално да им го претстави Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.
Фон дер Лајен вели дека сите партии во земјата треба да поддржат уставните измени и да го искористат отворениот прозорец. Но засега за тоа нема потребно мнозинство да се изгласа во Собранието.
„Се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ и се надевам дека движењето напред ќе биде добро и поддржано од широко мнозинство“, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека процесот на пристапување се заснова на услуги, па „колку побрзо одат реформите, толку побрзо ќе влезете во ЕУ“.
Првиот кластер од преговорите со ЕУ може да се отвори годинава
Процесот за уставни измени со кои во македонскиот Устав треба да се внесат и Бугарите, започна во август во македонското Собрание, но застана истиот ден. За да се усвојат измените потребно е за нив да гласаат две третини од 120-те пратеници во во Собранието.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата беше надмината лани во јули со прифаќањето на „францускиот предлог“, со што се отворија пристапните преговори со ЕУ.
Но, за да почне отворањето на поглавјата, Бугарија бара внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Без уставните измени, Северна Македонија не може да ги почне преговорите за влез во Европската унија.
Во меѓувреме трае скрининг процесот меѓу земјата и ЕУ. Фон дер Лајен вели дека скрининг процесот се одвива беспрекорно и очекува кластерот „Фундаменти“ да се отвори годинава.
Најголемата опозициска партија во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, се противи на уставните измени, за кои смета дека се под „бугарски диктат“. За време на посетата на Скопје, претседателката на ЕК не се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа вели дека вообичаено кога оди во посета на некоја земја се среќава со претседателот или со премиерот на државата.
Фон дер Лајен го вреднуваше тоа што Северна Македонија досега го направила на патот кон ЕУ.
„Затоа навистина посакувам Северна Македонија да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат“, рече претседателката на ЕУ, порачувајќи дека со нетрпение очекува да ја пречека земјата во Унијата и како што вели, сигурна е дека еден ден ќе ја пречекаат Северна Македонија со уникатниот идентитет и посебен јазик.
Премиерот Ковачевски вели дека имаат неповторлива шанса да обезбедат европска иднина за државата со тоа што ќе се донесат неопходните измени на Уставот. Тој порачува дека треба да се искористи „отворениот прозорец“ што го нуди ЕУ.
„Со вакви работи не се калкулира, со вакви работи не се прави личен политички рејтинг, со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните, бидејќи тоа ќе значи повторување на оној лош филм што го гледавме 11 години во државата“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен.
Тој ветува дека со коалиционите партнер ќе го продолжи да работи на тоа сонот за Европска Македонија да се оствари до 2030 година. Членството до тој датум е амбициозна, но не и неостварлива работа, вели премиерот , кој заклучува дека патот кон ЕУ не е лесен.
„На Северна Македонија ѝ е потреба интеграција, а не изолација, каква што гледавме во минатото“, рече премиерот.
План на ЕУ за раст на економиите
Освен за политиката, претседателката на Европската комисија од Скопје упати пораки и за зближување на економиите. Образложувајќи го планот, таа рече дека тој треба да придонесе за раст на економијата, отворање на европските пазар за македонски производи, отворање на регионалниот пазар, со што би се добило, како што вели „еднакво поле за играње на единствениот европски и регионален пазар“.
Претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, 29, октомври 2023
Претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, 29, октомври 2023
Но за да се исполнат плановите за економски раст, треба да има реформи со кои администрацијата би била поефикасна, јавните финансии би биле подобри, би имало подобрена бизнис средина, а треба да продолжат и реформите во судството и борбата со корупцијата.
Вчера Фон дер Лајен се сретна и со претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски. Од Скопје патува за Приштина, потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево.