Претседателот Џо Бајден неодамна потпиша опсежна извршна наредба за безбеден, сигурен и доверлив развој и употреба на вештачка интелигенција. Експертите за оваа технологија излегоа со свои реакции. Анализа на Џули Табо.
Извршната наредба за вештачка интелигенција потпишана од претседателот Џо Бајден се надоврзува на договор претходно оваа година со неколку водечки технолошки компании кои ветија дека ќе развијат технологии за вештачка интелигенција на безбедни и транспарентни начини.
„И додека вештачката интелигенција ја проширува границата на човечката можност и ги тестира границите на човечкото разбирање, оваа значајна извршна наредба е доказ за она за што се залагаме: безбедност, сигурност, доверба и транспарентност“, изјави претседателот Бајден.
Меѓу целите е да се обезбеди придобивките од вештачката интелигенција да се споделуваат рамноправно меѓу сите сектори на општеството, а истовремено се справуваат со нејзините ризици.
„Главно нешто од извршната наредба е тоа дека апсолутно ни е потребно владата во целина да биде ангажирана во поставување заштитни огради околу дизајнот на оваа технологија, нејзиното развивање и ставање на располагање во интерес на јавноста“, вели Камил Карлтон од Центарот за хумана технологија.
Дејвид Брониатовски е вонреден професор на Факултетот за инженерство и применета наука на Универзитетот Џорџ Вашингтон.
„Сметам дека ова е единствен пристап за фокус на стандардите. Чувствувам дека фокусирањето на стандардите е нешто што е повеќе партиципативен од она што го видовме во другите области, бидејќи им овозможува на повеќе луѓе да имаат право на глас“, додава Брониатовски.
Бет Новек е директорка на Центарот за социјални промени во центарот „Бурнс“ на Североисточниот универзитет.
„Идејата е да има лица одговорни за вештачка интелигенција во секоја државна агенција и да имаме заштитни мерки низ агенциите за да се осигураме дека ризиците се минимизирани, а со тоа ги штитиме потрошувачите, ја намалуваме дискриминацијата и мислам дека ова е многу важна и долгоочекувана објава“, укажува Новек.
Но, Новек е загрижена.
„За ублажување на ризиците ние немаме проактивен пристап кон прашањето: „Кои се инвестициите што треба да ги направиме? Кои се политиките што треба да ги креираме? Што треба да направиме поинаку за да ги реализираме значајните придобивки од вештачката интелигенција?“, смета Новек“.
Според неа извршната наредба е прв чекор: „Сепак, додека се движиме напред, сакаме да се осигураме дека прифаќаме одговорна употреба и развој на овие технологии за доброто во целиот свет, што е прилично голема работа“.
Белата куќа се надева дека активностите што ги презема дома ќе послужат како модел за меѓународна акција, разбирајќи дека вештачката интелигенција развиена во една нација може да влијае на животите и егзистенцијата на милијарди луѓе ширум светот. /VOA