Др. Алон Бен Меир е добар познавач на ситуацијата на Блискиот Исток. Во изминатите две децении, Бен-Меир беше директно вклучен во разни преговори во кои беа вклучени Израел и неговите соседни земји и Турција. Тој е почесен професор по меѓународни односи, ангажиран во Центарот за глобални прашања на Универзитетот во Њујорк и виш соработник на Институтот за светска политика.
Како експерт за Блискиот Исток и Западен Балкан, Бен-Меир беше прикажан на различни телевизиски мрежи и исто така редовно ја брифира програмата за меѓународни посетители на Стејт департментот на САД. Секоја недела пишува статија која се дистрибуира низ целиот свет.
Др. Бен-Меир е автор на седум книги поврзани со Блискиот Исток и моментално работи на две нови книги за Сирија и Турција. Бен-Меир магистрирал филозофија и докторирал по меѓународни односи на Универзитетот во Оксфорд.
Во ова ексклузивно интервју за Инбокс7, тој зборува за можниот епилог од конфликтот меѓу Израел и Хамас, како и за последиците што може да ги има на Блискиот Исток, Западен Балкан и на глобално ниво.
Автор: Џелал Незири
Инбокс7: На 7 октомври се случи терористичкиот напад на Хамас, каде што речиси 1.400 цивили ги загубија животите, а илјадници беа повредени или земени како заложници. Потоа започна острата кампања на Израел против Газа, каде досега се убиени 10.000 цивили, меѓу кои 4.000 деца. Има ли политичко, мирно решение за овој конфликт со толку крвопролевање?
Алон Бен-Меир: Да, верувам дека има политичко решение за овој конфликт, што ќе донесе транзициски период каде Обединетите нации ќе ја преземат одговорноста. Административно, како што е познато, UNWRA е на терен со децении, обезбедувајќи услуги за помош и развој, вклучувајќи образование, здравствена заштита, микрофинансирање и обука за работа. Иако не беше вклучена во управувањето со самата Газа, UNWRA е многу запознаена со сцената во Газа. Оваа мисија е запознаена со потребите на населението, постојните социо-економски услови и секојдневните проблеми со кои се соочуваат жителите на Газа. UNWRA е во најдобра можна позиција да преземе поголеми одговорности под изменет и проширен мандат, под услов да и се даде потребната човечка и финансиска поддршка.
Во врска со зголемените административни одговорности на UNWRA, ќе биде неопходно да се формираат мировни сили кои ќе бидат одговорни за безбедноста. Оваа сила треба да се состои исклучиво од арапски држави кои се во мир со Израел, имено Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Јордан, Бахреин и Мароко, како и Египет.
Треба да биде јасно дека иако пост-Хамас Западниот Брег и Газа треба да бидат управувани од Палестинската управа (ПА), тоа не треба и навистина не може да се случи најмалку една година до 18 месеци по формирањето на административната власт на ОН во Газа. Во овој период, Палестинците и на Западниот Брег и на Газа политички би се подготвувале за нови избори.
Инбокс7: Каква улога може да игра сегашната палестинска влада? Зошто нема обиди за иницирање преговори со Израел за изнаоѓање мирно решение?
Алон Бен-Меир: Сегашната палестинска управа е корумпирана до коска. Претседателот Абас е отфрлен и непосакуван од повеќето Палестинци и мора да си оди. Само ново, свежо и некорумпирано новоизбрано раководство кое ја ужива довербата на народот може да успее. На израелска страна, никој не треба да го задржува здивот чекајќи Нетанјаху и неговата група послушни коалициски партнери да се согласат на какво било решение кое личи на независна палестинска држава. Откако војната ќе заврши, Нетанјаху ќе се соочи со истрага за невидената катастрофа што се случи под негов надзор и ќе мора да поднесе оставка или да биде отпуштен. Овде повторно ќе треба да се создаде нова влада во Израел, која од самиот почеток мора да биде посветена на решение со две држави. Откако ќе се воспостават горенаведените два предуслови, административната власт на ОН ќе се откаже од својата улога и одговорност на палестинската управа.
Инбокс7: Каква улога можат да одиграат арапските држави во однос на изнаоѓање мирно решение за конфликтот?
Алон Бен Меир: Арапските држави мора да ја условат својата посветеност, за формирање на мировни сили, со прифаќање на решението за две држави од страна на Израел. Односно, штом ќе се воспостави таква мировна сила, процесот на градење на мирот мора сериозно да започне кон таа цел. Секое привремено решение треба да се користи само како средство за конечно решение, во спротивно тоа би послужило како одмор од чекање за појава на друга катастрофа.
Инбокс7: Денот на нападите на Хамас се совпадна со роденденот на рускиот претседател Владимир Путин. Некои аналитичари го опишаа нападот како „најдобриот роденденски подарок за Путин“, бидејќи конфликтот го оттргнува меѓународното внимание од Украина. Кое е твоето мислење?
Алон Бен-Меир: Навистина мислам дека тајмингот нема никаква врска со роденденот на Путин. Ниту, пак, мислам дека Хамас би координирал нешто со Русија за да го сврти вниманието на меѓународната заедница од Украина. Луѓето шпекулираат за се, но во овој случај мислам дека нема ништо реално.
Инбокс7: Дали постои ризик од вклучување на други регионални државни и недржавни актери во конфликтот, ситуација која ќе предизвика војна како што беше видено порано?
Алон Бен Меир: Секогаш постои ризик други државни и недржавни актери во регионот да се вклучат во војната Израел-Хамас. Досега, насилството меѓу Израел и Хезболах и застапниците на Иран во Сирија беше ограничено, и тие беа претпазливи во однос на опсегот на нападите започнати против Израел. Тие секако не сакаат да го вклучат Израел во сеопфатна војна, и да покажат некаква симпатија кон Хамас. Ќе мора да се случи нешто од огромни размери на Блискиот Исток за да се промени оваа динамика.
Инбокс7: Како војната Израел-Хамас ќе се одрази на Западен Балкан, особено во српско-косовскиот проблем?
Алон Бен Меир: Мислам дека војната меѓу Израел и Хамас речиси и да нема никакво влијание врз Косово и не сум сигурен до кој степен претседателот на Србија Вучиќ може или ќе може да го искористи хаосот на Блискиот Исток за да ја подобри својата позиција. Повторно, луѓето шпекулираат, но јас не верувам во тие шпекулации.
,