12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Работа или смрт – Заштедата на компаниите преку здравјето на работникот е на штета на газдите

Секоја година од државниот буџет се одлеваат по 400 милиони евра за компензација за повреди на работа или смрт. Ова е последица на нашата пракса на несериозен приод кон заштитата и безбедност на работа, односно негово спроведување на хартија и да се задоволат инспекциите, сметаат практичарите.

Пишува: Весна Коловска

Во месецот кога се одбележува Светскиот ден на пристојна работа (7 октомври) и неделата на безбедност и заштита на работа, Конфедерацијата на слободни синдикати ја афирмира идејата за заживување на Совет за безбедност и заштита на работа.

Само изминатото лето на своите работни места починаа тројца работници, додека десетина беа повредени. Податоците се од полициските билтени, бидејќи немаме систем за евиденција на точен број или да може се подели статистиката по индустриски гранки. Иако заштитата и безбедноста на работа е едно од основните права на работниците, гарантирано и со посебен Закон, неговата примена е само на хартија, е ставот на Ангел Димитров од Организација на работодавачите. Димитров е самокритичен и зборувајќи од пракса, вели дека неговото спроведување покажa дека ние Македонците изгледа дека се’ сакаме само формално да правиме.

-Откако излезе Законот за безбедност и заштита на работа во 2007 година, ние  освен давање пари и купишта хартии кои ги подготвуваме за инспекциите, голем ефект не сме виделе, бидејќи стана формална работа па дури и систематските прегледи и сите други проекти, како испитување на влага, прашина, заземјување на електрична инсталација и др.  Не се виде многу ефект, затоа што изгледа ние Македонците сме такви дека во се’ сакаме формално да правиме, а суштински е да се подигне свеста за значењето на заштитата на работното место кај сите – работодавачи, работници, затоа што тоа е инвестирање  во намалување на повредите на работа и во намалување на трошоците, смета Димитров од ОРМ.

Тој е самокритичен и вели дека стручните лица со завршен  испит и  лиценца треба повеќе да обрнат внимание на секое работно место, да му укажат на работникот, на пример, дали смее да ја вклучи машината ако нема соодветно  заземјување. Како што вели, не е само да платиме надворешни лица, кои ќе направат проценка на ризик и студијата да го ставиме во фиока, и потоа ќе чекаме да дојдат инспекциите и да кажеме се е по правила и прописи.

Како работодавач, Димитров е дел од светиниколската „Мода“, која има и германски сопственици. Од овој аспект, Димитров прави споредба со односот што го имаат странските работодавачи кон заштитата на работа.

Битно да имаме на хартија, а не да функционира

-Странците  се обидуваат со внесување на разни стандарди да ги обезбедат работните места. Нашата компанија има два стандарди и двата доста посветуваат внимание на тоа  да нема пречки до пристап до ПП хидрант, да има слободен пристап за движење во случај на пожар, доаѓаат на лице место ги сликаат позициите, додека за нас е битно да имаме на хартија, додека ним е битно да функционира. Треба подобро да се искористи Националниот совет за безбедност и заштита при работа, бидејќи таму седат стручни лица, претставници на институциите, работодавачи, владата, кои треба да даваат добри предлози, вели Димитров.

Синдикатите од друга страна, настојуваат да го подигнат правот на безбедни и заштитени работни места. Се повикуваат на статистиката на  Меѓународната организација на труд (МОТ), според која,  четири отсто од Бруто домашниот производ  во сиромашните земји се одлева на компензација за повредите и смрт на работа.

-Во нашиот Завод за статистика се вели дека тоа се над 400 милиони евра, коишто се трошат за компензација на повреди и несреќи при работа, односно средства кои се излеваат од заедничките државни фондови, како што се фондови за социјална заштита, здравствено, пензиско итн. И ако ги погледнеме средствата, финансиите коишто се одлеваат, тоа ќе ни каже поразителен факт дека сме на многу лош пат дека повреди и несреќи на работа се случуваат, дека се уште не сме самите како вработени запознаени за нашите права и обврски од Законот за безбедност и здравје при работа и тие средства можеме освен да ги губиме, да ги користиме за нешто попаметно што ќе ни ја подигне економијата, вели Славица Јанкова, од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Во Конфедерацијата веќе година и пол се работи на формирањето и заживувањето на посебно тело – Совет за безбедност и заштита на работа, кое ќе прибира информации од работниците, кои во анонимна форма ќе ги доставуваат и алармираат за потребите и проблемите од оваа област. Потоа КСС ќе ги адресира понатаму и ќе им даде правна основа.

Платите мали, работните места несигурни

-Знаеме дека платите се мали, имаме голема инфлација, не им се сигурни работните места. Да, платите се мали,  несигурни работни места, но на крајот од денот кога ќе отиде дома и го изгубат здравјето, тогаш и тие плати ќе ни бидат уште помали. Овој сегмент е уште повеќе важен за едно општество затоа што многу пари се одлеваат за санирање на тие повреди на работни места, но и во начин на градење и просперитет на едно општество и една држава, а тоа е дека оние деца кои живеат во семејство каде гледаат дека родителите се разболуваат на работните места, го губат здравјето, животот… најчесто го гледа излезот во странство, вели Благоја Рапловски, претседател на КСС.

Синдикатите обединети во Конфедерацијата сметаат дека треба да се зборува гласно и сите  – рабоотдавачи, работници и државата, да работат заедно,  затоа што еден работник кога ќе го изгуби здравјето нема да биде продуктивен.

-Најголемите повреди на работните места се случуваат во прекувремената работа, кога е изморен работникот, кога ја губи концентрацијата. Затоа бевме против законите за Бехтел и Енка и прекувремената работа. Тоа е една од работите која треба да ја сфатат и работодавачите, затоа што тој работник кој ќе раб 9,10 12 часа, ќе работи месец, два, три. Не може повеќе од три месеци да биде продуктивен.  Тоа во нивен интерес и наш. Треба да се вработат  повеќе луѓе за да се надополни таа работа. Имаме такви примери и во јавниот сектор како полиција, здравство… Треба да размисли колку безбедноста и здравјето е битен сегмент. Тоа е врзан синџир, во кој сите учествуваме, изјави Рапловски.

Неговиот став е дека ова е област во која институциите целосно  потфрлуваат во секој поглед во имплементација на законот, во делот на работничките права.

Во месецот на пристојна работа и заштита и безбедност на работа, познавачите констатираат, дека соодветниот закон е само уште еден куп хартија, која во пракса ја крие „заштедата на компаниите преку здравјето на работникот на негова штета“.

 

Related posts

Дали луѓето повеќе крадат поради поскапувањето?

admin

Николај Крастев: Руската црква ги промовира српските интереси во Северна Македонија

admin

Првиот претседател беше избран од Собранието

admin

ЕУ ќе купува оружје за Украина и ќе забрани руски медиуми

ninja

Руско сценарио за изборите – опасност или „евтин трик“

admin

Поглавјето за македонскиот јазик исклучено од преговарачката рамка со ЕУ, но неговото признавање повеќе ќе зависи од политичката волја

admin