26.8 C
Скопје
8 мај, 2024
Inbox7.mk
ИНТЕРВЈУНАСЛОВНА

Бесими: Постои неизвесност, но и јасна перспектива – Формулата ја сочинуваат конзистентни политики, поддржани дополнително со Планот за раст на ЕУ 

Фатмир Бесими го водеше Министерството за финансии во најтешкиот можен период. Двајцата министри пред него, Драган Тевдовски и Нина Ангеловска, се повлекоа поради тешкотии во управувањето со државната каса во време на криза од пандемијата COVID-19 и од војните што следеа по руската агресија во Украина.

Дали Бесими успеа правилно да управува со државните финансии? Поскаоувања, кризи и недостиг на приходи за државата нормално да функсионира. Како ќе се справи државата со овие тешки предизвици? 

“Секако дека сите работиме за да создадеме подобро утре за сегашните и да обезбедиме подобро утре за идните генерации. Политиките што ги креираме и со Предлог-буџетот за 2024 година и другите стратешки документи се конзистентни и остануваат на она што веќе го потенцирав: фискална консолидација и фискална одржливост, инклузивен, одржлив и забрзан раст за остварување подобра иднина за граѓаните. Тоа е и дел од нашите аспирации за влез во ЕУ и процесот на интеграција, кој добива забрзана динамика со почетокот на преговорите и претставениот План за раст на Западен Балкан.”, вели Бесими во интервју за Инбокс7.

 

Инбокс7: Минатата недела на економски план имаше два значајни настана. Пред јавноста го претставивте Предлог-буџетот за 2024 година и во Скопје беше презентиран Планот за раст на Западен Балкан, предложен од ЕК. Дали може да очекуваме дека од 2024 година може да настане некоја пресвртница и со поврзување на овие два документа да обезбедиме перспектива за земјата?

Бесими: Она што сите го велевме во време на пандемијата дека имаме нова нормала, во која живееме, веќе станува реалност. Четири години сме во криза. Ковид-кризата, па енергетската, надополнета и засилена со војната во Украина, ценовната и таа неизвесност сѐ уште е присутна поради геостратешките влијанија. Но, она што е важно и сакам да го истакнам е дека во ваквиот турбулентен период и многуте предизвици, дури и во време на техничка рецесија во Германија, нашата економија остана на патеката на растот и очекувањата се дека од следната година ќе забрза нејзиното опоравување. Проекцијата за растот на економијата за 2024 година е поставена на 3,4%. Двигател на растот се очекува да бидат бруто-инвестициите, со очекуван раст од 8,4%, пред се како резултат на јавните инвестиции, односно големите инфраструктурни проекти финансирани од буџетот, придружени со мерки за нивна поголема реализација. Се очекува раст и на приватните инвестиции поттикнати и преку повеќе програми кои се спроведуваат со поддршка на државата, како и изградба на нови капацитети во ТИРЗ.

Дополнителен инпут на инвестициската активности, која е дел од политиките во рамки на Предлог-буџетот за 2024 година ќе биде и пристапниот процес во ЕУ и новопредложениот План за раст на Западен Балкан на ЕК, за чија реализација активностите стартуваа со министерскиот состанок во Скопје, на кој беа поставени основите и беа дадени насоките за негова ефикасна имплементација од страна на земјите од регионот.

 

Инбокс7: Инвестициската активност ќе биде таа што ќе го влече растот. Во Предлог-буџетот за 2024 година, како и во претходните години најавувате оптимистички износи за капитални инвестиции, но тие како да потфрлаат на крајот на годината?

Бесими: Во 2024 година се очекува капиталните расходи, или средствата коишто планира државата да ги потроши за инвестиции се планирани на ниво од 45,1 милијарда денари, односно 733 милиони евра или 13,1% од вкупните расходи во буџетот и 4,6% од БДП.   Тоа се средства со кои ќе се финансира еден значаен, и би рекол, најголем инвестициски циклус во земјата досега. Планирани се значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура на Коридорот 8, делницата: Тетово – Гостивар,  изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и на Коридорот 10 д, делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патна инфраструктура  ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Во патната инфраструктура ќе продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, финансирана со заем од Светска банка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој – ЕБОР и грант средства од инструментот – ВБИФ. Следната година ќе се финансира и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани, со заем од ЕБОР и делницата Кичево-Охрид, со заем од ЕКСИМ банка.  Со заем од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), додека подобрувањето на патната инфраструктура на општините ќе се реализира преку Проектот за поврзување на локални патишта, финансиран со заеми од Светска банка. Ќе продолжат и активностите за реализација на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, кој е дел од регионалната иницијатива на Светска банка, од каде се обезбедени средствата за негово финансирање. Исто така, предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка, финансирана од ЕБОР и со грант средства од инструментот  ВБИФ. Во 2024 година ќе започне реализацијата на третата фаза за изградба на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делница Крива Паланка – граница со Бугарија, која ќе се финансира со заеми од ЕБОР и Европската инвестициона банка – ЕИБ, како и грант средства од  ВБИФ и ИПА средства.  Во рамки на железничката инфраструктура, во 2024 година во соработка со ЕБОР ќе се подготвува и спроведува проектот со кој е предвидено изградба на заеднички железнички граничен премин со Република Србија, односно изградба и опремување на железничка станица Табановце.  И многу други проекти. Да не ја заборавиме енергетиката која и тоа како се покажа важна во оваа криза. Проектот за интерконекторот со Грција, нафтовод, повеќе фотоволтаични централи и слични проекти во рамки на процесот на енергетската транзиција и преминување на чиста енергија. Инвестиции во образование, здравство, социјална заштита и слично.

Значи, ова е еден голем инвестициски циклус, за чија реализација веќе има започнато активности, обезбедено е финансирање и тоа е основа да веруваме дека тој ќе се реализира. Дополнително кон тоа се и мерките и инструментите што ги воведовме, а се однесуваат на поттикнување на реализација на инвестициите, како и податоците кои покажуваат дека во послените години имаме реализација на капиталните расходи над 80% од планираното, што е значително повеќе во споредба со периодот пред тоа.

За дел од овие проекти имаме поддршка и преку ИПА фондовите, а дополнително на тоа ќе следи и поддршката од Планот за раст на Западен Балкан, на ЕК кој меѓу другото го става фокусот на инвестициите во инфраструктурата за подоро поврзување на земјите и зелената транзиција.

 

Инбокс7: Ја истакнувате развојната компоненета на буџетот која ќе се реализира со 733 милиони евра средства, притисок за раст на платите и слично. Како  ќе се обезбедат овие средства со оглед на тоа што приходите што се обезбедуваат од јавни давачки не се доволно?

Бесими: Она што е важно во предложениот буџет за 2024 година е неговата подобрена структура. Веќе истакнав дека имаме висок износ за капитални инвестиции и како тие се планирани да се трошат. Истовремено остануваме на конзистентните политики за фискална консолидација, која значи намалување на буџетскиот дефицит и тој во 2024 година е на ниво од 3,4% од БДП, додека во оваа година дефицитот е планиран на 4,6% од БДП. Значи инвестираме во капитални проекти, намалуваме дефицит, а од друга страна имаме планирани средства и за антикризни мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и компаниите, со оглед на неизвесноста што постои во глобални рамки и кое има големо влијание врз нашата земја поради тоа што сме мала и отворена економија и брзото прелевање на случувањата надвор на домашен терен.

Во  2024 година водејќи се од оваа конзистентност во политиките за фискална консолидација државата ќе се задолжи исклучиво само за реализација на капитални проекти, како и за плаќање на обврски по претходни задолжувања.  Поинаку кажано, дефицитот во 2024 е проектиран на пониско ниво од капиталните расходи. Капиталните расходи се проектирани на ниво од 45,1 милијарда денари, додека дефицитот е предвиден на ниво од 33,5 милијарди денари или 3,4% од БДП. Тоа е во рамки на правилата што ги утврдивме со новиот Закон за буџети и реформата што ја направивме во управување со јавните финансии и буџетски дефицит од 3% од БДП, со можно отстапување за инфраструктурни проекти од 0,5% од БДП. Притоа, да не ја заборавиме на поддршката за справување со кризата. По таа траекторија на намалување на дефицитот продолжуваме и во наредниот период и негово сведување на 2,5% од БДП во 2028 година согласно Фискалната стратегија. Сето ова, придружено со реформи што се предвидени на среден рок, треба да обезбеди одржлив и забрзан раст на економијата со стапки од над 5%. Дополнително би истакнал дека и покрај тоа што имаме планиран висок износ за капитални инвестиции и понизок дефицит, имаме раст на расходите за плати со кои се обезбедува исплата на зголемените плати на сите вработени во јавниот сектор. Значи, имаме понизок дефицит за 9,3 милијарди денари во однос на 2023 година, а само во ставката за плати имаме 160 милиони евра повеќе средства од 2023 година. Тука се и средства обезбедени за исплата на зголемување на пензиите и слично. Според тоа, се фокусираме на инвестиции кои ќе донесат раст, заштеди и намалување на непродуктивни трошења, а во исто време обезбедуваме поддршка на животниот стандард на граѓаните.

 

Инбокс7: Политиките што ги креираат политичарите секогаш испраќаат позитивни сигнали дека не очекува подобро утре. Па моето прашање би било може лида го очекуваат тоа граѓаните во РС Македонија и кога?

Бесими: Секако дека сите работиме за да создадеме подобро утре за сегашните и да обезбедиме подобро утре за идните генерации. Политиките што ги креираме и со Предлог-буџетот за 2024 година и другите стратешки документи се конзистентни и остануваат на она што веќе го потенцирав: фискална консолидација и фискална одржливост, инклузивен, одржлив и забрзан раст за остварување подобра иднина за граѓаните. Тоа е и дел од нашите аспирации за влез во ЕУ и процесот на интеграција, кој добива забрзана динамика со почетокот на преговорите и претставениот План за раст на Западен Балкан.

Често велам Европа да ја донеме дома и тоа сега чинам е најдостапно и најдостижно. Реформската агенда што ја имаме утврдено на патот на остварување на евроинтеграцијата добива ветер во грб со Планот за раст. Планот веќе се претстави, Европа испрати јасна порака дека ова e нејзин политички и финансиски влог во регионот, а регионот треба да ја прифати подадената рака и да ја искористи до максимум.

Бесими: Го одржавме првиот регионален министерски состанок, на кој Владата на РС Македонија беше домаќин минатата недела. Со тоа започнуваме нов циклус за забрзана социо-економска конверегенција на земјите од регионот кон Европската унија. Претстои дијалог и конкретни активности за подготовка на реформската агенда. Позитивното е што ова е процес, којшто не почнува од нула. Ние веќе работиме со ЕУ во рамки на Економскиот и финансиски дијалог, но е само дополнителен поттик и мотив за забрзување на процесот и поттикнување на забрзано спроведување на реформите, а сето тоа поддржано и со европска финансиска помош од 6 милијарди евра.  Ни претстои многу работа, но напорната работа секогаш се наградува, а нашата најголема награда е создавање подобри услови за живот, подобар животен стандард и подобри услови за водење бизнис и економски раст.

Инбокс7: Неколку пати од страна на Владата е најавен деветтиот пакет антикризни мерки. Кога ќе биде објавен во јавноста и какви мерки ќе содржи?

Бесими: Деветтиот пакет мерки за справување со енергетската и ценовната криза ќе биде насочен кон најранливите категории граѓани и поддршка, секако, на компаниите на нивната ликвидност и спроведување инвестиции. Познато е дека во Буџетот за 2023  година беа планирани 225 милиони евра за справување со кризата, односно поддршката што директно се дава кон ЕСМ за субвенции за цената на електричната енергија, којашто се испорачува кон домаќинствата и малите порошувачи на регулираниот пазар.Тоа е мерка што ќе продолжи и во наредниот период. Исто така во текот на грејната сезона ранливи категории граѓани користат преку МТСП енергетски додаток и тоа е една од мерките што се спроведува. Мерките одат во насока на поддршка на пензионерите со ниски примања, што е надополнување на она што веќе го прави Владата преку системското решение и континуираниот пораст на пензиите. Во наредната година согласно законско решение ќе следат две усогласувања на пензиите и пензиите ќе продолжат да растат. За тоа во Буџетот се предвидени 83,6 милијарди денари што е за 170 милиони евра повеќе средства од оваа година. Исто така, поддршка се дава и за граѓаните со ниски примања преку системското решение за пораст на минималната плата. Имаме раст и на платите на сите вработени во јавниот сектор, во администрацијата, образованието, здравство, судство, вработени на во локалните самоуправи, со што е зачувана куповната моќ на значаен сегмент од вработените.

Дополнително да посочам дека поддршката ќе биде насочена и кон компаниите. За нив државата има обезбедено 200 милиони евра поволни средства кои ќе можат да ги користат за ликвидност и за реализација на свои инвестиции. Значи тоа се повеќе програми кои ќе се реализираат преку Развојната банка, каде исто така е воспоставен нов Фонд за енергетска ефикасност преку кој за енергетски проекти има достапни средства и за домаќинствата и за компаниите со почетен износ од 15 милиони евра. Овој Фонд понатаму ќе се надополнува и со други средства.

Мерките е предвидено да се спроведуваат во наредниот период, опфаќајќи го и првиот квартал од 2024 година. Исто така, поради постоење на неизвесност во надворешното окружување, во Предлог-буџетот за 2024 година е оставен бафер за антикризни мерки во износ од 3,5 милијарди денари.

 

 

 

 

 

Related posts

Не е точно дека наградуван македонски студент измислил иновативен метод за враќање на видот

admin

Грција ги легализира истополовните бракови

admin

Уставните измени ќе ја кројат владината коалиција

admin

Намалените казни ќе влијаат и врз примената на ПИМ

admin

По Германија, и САД со резолуција за македонскиот јазик, историја и култура

admin

Груевски: Зоран Заев стои зад мојот прогон, му помага Христијан Мицкоски

admin