14.8 C
Скопје
9 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Не е точно дека наградуван македонски студент измислил иновативен метод за враќање на видот

Измислено име на македонски студент за кој текст на портал тврди дека добил престижна европска награда откако измислил иновативен метод за враќање на видот, е употребено да се продаде скап препарат, кој не е регистриран во македонска агенција за лекови МАЛМЕД. При тоа, употребена е фотографија на студент по медицина од Русија, кој во македонскиот текст е Роберт Србиноски, во албанскиот Аргон Начи, додека во босанскиот со сосема иста содржина е Аднан Хоџиќ.  Се’ заедно е уште една голема измама за продажба на препарат за кој никој не знае што содржи, а зад која се крие желбата за профит на грб на граѓаните.

„Роберт Србиноски, последна година студент при Медицинскиот Факултет – Кирил и Методиј, освои престижна европска награда за медицинска иновација за откривање методи за враќање на видот на која било возраст“. Вака почнува текстот по фотографијата на младиот студент, кој подолу во интервјуто емотивно споделува дека тргнал во истражувањето поради неговата мајка, а претходно и неговата баба, кои почнале да го губат видот. Зад „иновативната медицинска метода“ всушност се крие препаратот О-капс, за кој емотивно трогнатиот читател од младиот студент, понатаму со потврдена ефикасност од извесен д-р Стојановски, треба да издвои 49 евра за споменатиот препарат.

Понатаму се повторува теркот, идентично како и објавите преку кои се продава „можен чај кој лечи повеќе болести“, „лек за простата“ и редица слични, кои последните години го окупираат интернет просторот. Се пренесува став на наводно многу познат лекар, а потоа и позитивни искуства на пациенти. Конкретно за овој препарат, пред некое време беше користено името на д-р Жан Митрев,  за кого се тврдеше дека тој го измислил низ лажно интервју. Доктор Митрев, кој е кардиолог за Вистиномер негираше дека тој го измислил препаратот.

Како е креирана „пирамидата“?

Награден студент со тоа име на Медицинскиот факултет нема. Во текстот дури неточно е напишано името на универзитетот, па читателот не знае точно за кој универзитет се работи. Во Македонија покрај скопскиот „Свети Кирил и Методиј“, работи уште еден – „Св.св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе, како експозитура на универзитетот од Велико Трново, Бугарија.

Понатаму – фотографијата на студентот. Со едно пребарување се доаѓа до податок дека фотографијата е на дипломиран студент од Русија. Станува збор за Данил Липов, дипломиран студент на Катедрата за клиничка патофизиологија на Медицинскиот универзитет во Волгоград, Русија, кој е еден од наградените за медицинско истражување. Фотографијата е земена од неговиот профил на Инстаграм.

Русинот Данил Липов, покрај тоа што во македонскиот текст е Роберт Србиноски, во албански текст е Агрон Начи, студент на завршна година на Медицинскиот факултет на Универзитетот Гете, кој „ја доби најпрестижната европска награда за иновации во медицината за откривање метод за враќање на видот на која било возраст“.

Во текстовите за босанските изданија, Русинот е босански студент Аднан Хоџиќ, кој живее и студира во Германија, а за кој текстот тврди на конгрес публиката стоечки му аплаудирала 10 минути за големото достигнување.

Втората фотографија од текстот на извесен д-р Стојановски, кој ја потврдува високата ефикасност на препаратот е на доктор од Украина, извесен д-р Анатолиј Семенович, офтамолог.

Во обид да се претстави О-капс како вистински „лек“, се тврди и дека го развиле „најдобрите научни соработници и научници кај нас“, но нивните имиња не се споменуваат.

Овие текстови се објавени на страници кои користат лого и брендови на познати медиумски куќи, како БиБиСи на српски јазик, РТС и други.

Препаратот го нема во листата на лекови

Според македонското законодавство, секој препратат кој се нуди на потрошувачите, треба да биде одобрен за употреба, претходно проверен и ставен на листата на државната Агенција за лекови МАЛМЕД.

Меѓутоа, со едно пребарување на Централниот регистер на лекови, овој препарат О-капс не може да се најде.

По серијата на вакви маркетиншки трикови со измислени интервјуа и злоупотребени имиња на реномирани доктори и други експерти, Јавното обвинителство на Македонија покрена истрага. Реагираа и злоупотребените доктори, но и Лекарската комора на Македонија.

„Во Комората зачестено стасуваат поплаки од доктори кои се жалат дека случајно откриваат дека нивното име и фотографија се користи за промоција и продажба на одредени производи без нивна согласност или знаење. Оваа употреба на нивниот професионален интегритет има сериозни негативни последици, како за нивната репутација како медицински професионалци, така и за пациентите кои може да станат жртви на оваа измама. Имено, станува збор за манипулативни и лажни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи со непроверено потекло, состав или производство. Во рекламите се пласираат измислени изјави или интервјуа со вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии, без лекарите да дадат соодветна согласност за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати, поради што ова може да се смета за груба злоупотреба на личните податоци и лажно рекламирање за остварување на материјална корист. Штетата е уште поголема кога поради лажното рекламирање на препаратите пациентите може да добијат впечаток дека се работи за некои видови на чудотворни лекови, а со тоа да ја занемарат редовната терапија и да предизвикаат сериозна штета по своето здравје“, соопштија од Лекарска комора.

Реагираше и доктор Никола Пановски, револтира од постојаната злоупотреба на неговото име.

Група хохштаплери и криминалци од најдолен вид, со години, преку социјалните мрежи злоупотребуваат угледни доктори, професори, дел постојат, дел се измислени. Неовластено користат нивни фотографии, нивното име и титула, постираат нешто што тие не го кажале, па потоа продолжуваат со измислени пациенти, како тоа средство им помогнало итн. На крајот производот го продаваат онлајн, за висока цена. Неовластено се богатат злоупотребувајќи го нашиот углед стекнат со децении. Јавно лажат!, реагираше д-р Пановски.

Според тоа, ниту страницата на која е објавено интервјуто е вистински портал, ниту интервјуто е направено од вистински новинар, ниту пак интервјуираните лекари се вистински луѓе, ниту О Капс е вистински лек.

Тоа е манипулативна маркетинг тактика чија цел е да ги доведе во заблуда корисниците и да ги измами да го купат овој производ.

фото: Freepik

В.К.

Related posts

Му влегле во куќата, физички го нападнале и му ги одзеле парите

admin

Форум за потребата од вмрежување на образованието, науката и економија базирана на иновации

admin

Малку се, многу се, но битно е за што ќе се троши финансиската помош од ЕУ

ninja

БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР АНГЕЛОВ СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ

ninja

Туризмот колатерална штета на македонско бугарскиот спор

admin

Груби: Али Ахмети ќе ја одредува и идната влада

admin