15.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Подобрата распределба на парите го изедначува статусот на мажите и жените: Какви се капацитетите на македонските институции?

Две години ја делат Македонија до задолжителната обврска за родово-одговорно буџетирање, која ќе биде предвидена со новиот Закон за буџетирање чие спроведување треба да почне во 2025.  Засега половина од општините имаат капацитети да ги препознаат разликите меѓу потребите на мажите и жените, но тоа не е доволно – покажуваат анализите на граѓанскиот сектор. Централната власт, пак, се фали дека документите кои се носат на полето на родовата еднаквост, ги зајакнуваат капацитетите на администрацијата и за родово-одговорно буџетирање.

Со зајакнати капацитети и политичка волја до подобра распределба на буџетските средства. Традициите во македонското општество сѐ уште преовладуваат и ги истакнуваат разликите меѓу мажите и жените кои произлегуваат од нивните родови улоги од стереотипите. Но што доколку родовите прашања се вклучат во буџетот?

Родово-одговорното буџетирање како одраз на потребите на жените и на другите ранливи групи во општеството

Познавачите сугерираат дека надлежните така подобро ќе одговорат на потребите на жените и на ранливите групи граѓани воопшто, општините ќе имаат подобар развој, а оние што имаат право на глас, ќе ја зајакнат довербата во нив како власт.

 

„Во секој случај потребно е да се градат сѐ уште капацитети за да може да се препознаат разликите од потребите помеѓу мажите и жените. Но освен што ни треба капацитет, потребна е и политичка волја. Засега имаме градоначалници коишто имаат политичка волја да ги вклучат родовите прашања во буџетот и да одговорат на различните приоритети потребни на жените преку подеднакво распределување на буџетските средства“, објаснува Марија Ристеска, извршна директорка на Центарот за истражување и креирање политики.

Според неа, половина од општините во земјава може да ги анализираат потребите на мажите и жените и другите подгрупи. Сепак, на администрацијата ѝ недостигаат капацитети за да ги потроши парите онака како што е планирано.

„Потребно е уште да се работи и на подеднаква распределба на средствата, како и на капацитетот на администрацијата да ги потрошат парите што ги планирале, бидејќи во моментов постои голем јаз помеѓу планираните средства и она што е реализирано. Заради тоа, е многу битно да се градат и капацитетите на невладините организации, да ги следат трошењата на парите за да се зголеми реализацијата и на планираните средства за тие да бидат од корист на сите граѓани“, вели Ристеска, која е дел и од Мрежата за родово-одговорно буџетирање составена од стотина граѓански организации од Западен Балкан.

Скопје домаќин на регионалниот форум: Унапредување на доброто владеење преку зајакнување на граѓанските организации за користење на алатки за РОБ

Токму ваквото прашање, Мрежата го актуелизираше преку регионален форум во Скопје каде невладините порачаа дека ваквото буџетирање го прави општеството подемократско и ги трансформира локалните заедници.

-Родово одговорното буџетирање (РОБ) е алатка за креирање политики со цел поттикнување социјални промени и олеснување на спроведувањето на заложбите за родова еднаквост. РОБ придонесува за подобрување на буџетската транспарентност, отчетност, ефективност, ефикасност и можеби најважното, еднаквост. Воведувањето на РОБ во фискалната политика (даночните и политики на трошоци) и инструментите за управување со јавните финансии ја подобрува ефикасноста на алатката за промовирање на родовата еднаквост – порачаа учесниците на форумот.

Сепак како што нагласија, неопходен е тековен мониторинг и евалуација на политиките со помош на алатките за РОБ за проценка на влијанието на политиките и буџетите врз родовата еднаквост. Тоа во изјава за Канал 77 го потенцираше и Ристеска, посочувајќи дека не е доволно само да се испланира, туку и да се спроведе.

„Потребно е уште да се работи и на подеднаква распределба на средствата, како и на капацитетот на администрацијата да ги потрошат парите што ги планирале, бидејќи во моментов постои голем јаз помеѓу планираните средства и она што е реализирано. Заради тоа, многу е важна улогата на невладините организации коишто можат будно да следат и да ги држат одговорни локалните и централните власти дека треба да ги спроведат финансиите коишто им се алоцирани и кои одговараат на различните потреби на мажите и жените за да можеме резултатите од таквата имплементација да ги сумираме како резултати што унапредуваат родова еднаквост, а не уназадуваат“, изјави Ристеска.

Таа вели дека општините имаат слух за различните потреби на мажите и жените, дури изненадувачки е тоа што за ваквиот пристап се заинтересирани и малите општини кои немаат големи финансиски капацитети.

Таквите различни потреби пак, најдобро доаѓаат до израз преку буџетските форуми коишто се задолжителни во 40 општини.

Ристеска во изјавата за Канал 77, истакнува дека на овој начин се дефинираат приоритетите кои се рефлектираат во буџетските документи како  најкруцијални кога се работи за јавните политики.

„Забележуваме дека кога имаме вклучено само мажи, приоритетите кои се утврдуваат се поврзани со инфраструктура, со системи за наводнување, со патишта и слично. Тоа зборува дека нивните потреби се врзани со нивните улоги што ги имаат дома. Мажите се тие кои најчесто го вршат транспортот за семејството, доставата, набавките и така натаму, но во исто време се тие кои вршат обработка на земја и наводнување. Нормално е да ги гледаат тие потреби и да ги изразуваат во буџетските форуми“, вели Ристеска.

Сепак, додава таа, приоритетите се сосема поразлични кога на буџетските форуми дискутираат жените:

„Многу често тогаш приоритетите се образование, унапредување на инфраструктурата за образование, па се дискутира за тоа какви тоалети имаме во училиштата или какви ни се училниците и училишните помагала. Понатаму, осветлувањето на патиштата, а не самите патишта и постоењето на инфраструктура за пешачење како што се тротоарите, се приоритет на жените. Тие помалку возат, пешачат и за да можат да ја користат јавната инфраструктура и навечер, бидејќи се почесто жртви на насилство, потребно им е и осветлување коешто им обезбедува поголема безбедност на јавно место“.

„Или пак, често бараат инфраструктурни инвестиции врзани со рекреација и забава, ама на деца, бидејќи нивната родова улога е да се грижат за децата и семејството. Така што, различни ни се улогите во домот, различни се улогите на мажите и жените во заедницата и нормално е да имаме различни потреби кои се врзани со тие улоги коишто ги играме. Затоа е потребно да имаме вклучување на сите заинтересирани страни, да ги чуеме сите потреби за да може она што го приоретизираме во буџетот да одговара на различните потреби на мажите и жените“, порачува Ристеска.

Related posts

Енергетската криза „изеде“ една гасна централа

ninja

ВМРО-ДПМНЕ вели дека владата нема двотретинско мнозинство: ДУИ и СДС “барајќи рогови ќе ја изгубат и главата”

admin

Курти до Ескобар и Лајчак: Некои работи не се решаваат со притисок

admin

Кој е на првото место со санкции во светот?

ninja

ЕУ ќе препорачува отворање на преговори со Босна и Херцеговина

admin

УЧЕСТВОТО НА ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ ЖИВОТ

admin