10.8 C
Скопје
3 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Деветти антикризен пакет: Мерките како „сламка за спас“ за најранливите, а причина за контрирање на партиите

Со пакет антикризни мерки вреден 662 милиони евра, Владата ќе им помага на граѓаните и компаниите полесно да ги надминат потешкотиите кои ги создадоа зголемените трошоци на живот. Новите мерки кои се дел од деветтиот антикризен сет, ќе донесат поголеми плати за вработените и во приватниот и во јавниот сектор. Сепак, останува незадоволството од енормното покачување на функционерските плати за 78 проценти, а синдикалците не ја исклучуваат можноста од ново излегување на улица.

Пишува: Вања Мицевска

„Пакетот содржи 26 мерки за социјална сигурност“, информираше на прес конференција премиерот Димитар Ковачевски и објасни кој сѐ ќе биде опфатен со нив:

„Со мерките се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата мој ДДВ. 600 000 домаќинства, како и над 70 000 компании. Со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени пак над 338 000 пензионери и 106 000 вработени во администрацијата“, изјави Ковачевски.

Со новите мерки, работниците ќе добијат покачување на платите од 3000 до 9000 денари, за што компаниите ќе добијат субвенции на придонесите.

Субвенции за покачување на платите во борбата против неформалната економија

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи објасни дека за зголемениот износ на платата, работодавачот ќе биде ослободен од придонеси и ќе плаќа само данок на личен доход.

Од неговиот кабинет пак, во писмено соопштение појаснија дека за споредба, ќе се зема последно исплатена плата на вработени, со исплатена плата до ниво на просечна месечна плата на национално ниво.

-Основот за споредба се зема од просекот на исплатените плати во последните три месеци за вработениот за кој се однесува мерката. Се ослободува делот од придонесот за разликата на покачениот износ на платата. Работодавачот плаќа данок на личен доход, а се ослободува од плаќање на здравствено и пензиско осигурување за делот за зголемувањето за период од 12 месеци. Мерката има цел намалување на даночната евазија и сивата економија, поддршка на приватниот сектор за исплата на повисоки плати – се додава во соопштението.

Очекувањата на надлежните се дека ова всушност, директно ќе ја намали неформалната економија.

„Ограничувањето е дека оваа мерка можат да ја користат сите вработени кои имаат плата до една и пол просечна плата исплатена последните три месеци. Тоа значи дека доколку во декември, ноември и октомври, просечната исплатена плата на вработен не е поголема од една и пол просечна плата, можат да ја искористат мерката во наредните 12 месеци“, изјави Битиќи на прес конференцијата.

Мерката наиде на позитивни реакции кај бизнис секторот од каде велат дека на ваков начин би можела да се намали сивата односно нерегистрираната економија.

Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков во изјава за Канал 77, оценува дека мерката е одлична. Потсетува дека работодавачите ја предложиле уште во 2018 година.

-Одлична е мерката, ние оваа мерка ја предложивме уште во 2018 година и голем број компании имаа корист од тоа, како за своите вработени, така и за намалување на трошоците на работата. Добро е што оваа мерка повторно се враќа „на сцена“ на пазарната економија. Мислиме дека ќе има можност компаниите да имаат директен бенефит, но не само тоа, туку едноставно таа корист да ја почувствуваат и вработените. Со тоа што фокусот е на стандардот генерално на целото население меѓутоа вработените во приватниот сектор навистина ќе имаат можност да почувствуваат бенефит од зголемувањето на платите – вели Бошков.

Новиот антикризен пактет ќе овозможи повисоки плати и за вработените во јавниот сектор – најави Ковачевски:

„52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра“, соопшти претседателот на Владата.

За потсетување, вработените во јавниот сектор изминатиот период повеќе пати протестираа во знак на незадоволството од нивните примања, а иако сега ќе добијат покачување, од Сојузот на синдикати велат дека десетте проценти сепак не ги прават задоволни.

Фото: ССМ

Од друга страна пак, Сојузот бара најавеното зголемување во приватниот сектор да се случи што е можно поскоро.

„Добро е тоа што дел од добрите мерки кои во минатото беа применувани од страна на Владата како дел од субвенционирање на плаќањето на придонеси во приватниот сектор со можност да се намали онаа појава плата во плик и да се зголемат платите на вработените во приватниот сектор е нешто што и ние и Организацијата на работодавачи го бара веќе цела година наназад. Добро е тоа што ова е имплементирано во новиот пакет мерки кој за вработените во приватниот сектор ќе значи можност да се зголемат платите од три до девет илјади денари како што е предвидено во овие мерки. Се разбира дека ние, онаму каде што имаме синдикати и синдикално каде што се организирани работниците, е бараме тоа да се случи што е можно поскоро“, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој смета дека вработените во јавниот сектор нема да бидат задоволни од десетпроцентното покачување, наспроти она од 78 отсто за функционерите.

-За жал,  тоа што го најавивме како жешка есен, се случува  и среде зима. Пред некој ден, ние со синдикатот на УПОЗ повеќе од пет илјади луѓе бевме на улица. Протестиравме токму за зголемување на платите и за незадоволството во низа институции како Обвинителство, Правобранителство, Статистика, Фонд за здравство, други фондови и агенции и така натака. Луѓето кои ги гледаат секојдневно нивните претпоставени до 78 проценти зголемени плати, наспроти десет проценти за нив. Незадоволството трае и ние не престануваме тука. Се разбира дека ова што го зборуваме денес е како предупредување кон функционерите, без оглед на тоа дали се од власта или опозицијата, поради тоа што март е многу блиску до изборите. Кога ќе дојде март и вие ќе земете од џебот на вработените во јавниот сектор од кои 80 проценти примаат плата што е под просечната  и кога на таков начин ќе им покажете колку ги цените  и вреднувате, верувајте дека вработените ќе вратат два емсеца подоцна бидејќи платата за март се добива во април, а тоа е кратко пред изборите – истакна Трендафилов за ММС.

Тој најави засилени активности и кампањи со кои на функционерите ќе им укажат дека она што го прават, е ако што вели тој, катастрофално. При тоа, не е исклучена и можноста за нови протести.

„Ние веќе почнавме таква активност, ги повикавме во ССМ членовите на Комисијата за финансирање и буџет и од опозицијата и од власта. Им ги укажавме сите овие прашања и дилеми кои ги имаме пред нас и им кажавме дека вработените нема да бидат задоволни доколку некој се дрзне и променува закони, а со изговор кажува дека платите на 800 именувани и избрани функционери не можат да се намалат поради тоа што со закон биле ограничени и не смеело да се прави намалување, а впрочем законот важи подеднакво за сите и ниту платите на вработените не смеат да се намалуваат со закон“, порача Трендафилов.

И новите мерки ги скараа власта и опозицијата

Деветтиот антикризен пакет стана тема и на партиски препукувања. Додека владеачката СДСМ смета дека со него се покажува вистинска грижа за сите граѓани, опозицијата обвини дека не станува збор за помош, туку за класичен изборен поткуп.

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева  на прес конференција истакна дека мерките се потценувачки за граѓаните кои ќе добијат само трошки, за разлика од владините функционери.

„И додека владата на СДС и премиерот Ковачевски го користи државниот буџет за поткуп, според податоците на официјалните институции и одлуката на Уставен суд со коефициент 4,5 помножен со минатогодишната бруто-плата која изнесуваше 47.000 денари, премиерот Ковачевски кој до март месец земал плата од 88.260 денари, изминатите 9 месеци зема плата од 156.000 денари, или за цели 67.740 денари покачување.  67 илјади денари повисока плата за Ковачевски, а 1000 за народот изборен поткуп“, реагираше Митева.

Таа се осврна и на платата на претседателот, Стево Пендаровски:

„Шефот на државата Стево Пендаровски кој земал 92.000 денари сѐ до одлуката за зголемени плати со 78 процентното покачувањето на сметката месечно му легнуваат 165.000 денари, односно со покачувањето од над 1.200 евра, сега платата на Стево му се пресметува на над 2.600 евра месечно. Значи покачување од на 1.200 евра за Пендаровски, а за народот трошки од 1000 денари изборен поткуп“, изјави Митева.

Таа додаде дека со покачувањето од 78 проценти, собранискиот спикер Талат Џафери зема плата од 166.000 денари месечно.

„Ова значи дека со покачувањето од над 1.000 евра, претседателот на Собранието  Џафери, премиерот Ковачевски и шефот на државата Пендаровски ќе добијат зголемување на платата од над 50 евра повеќе за секој работен ден“, рече Митева.

Антикризниот пакет опфаќа и мерки кои не се директно поврзани со кризата – велат од „Фајнанс тинк“

Со оценка за антикризните мерки се јавија и од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ од каде во писмено соопштение денеска наведуваат дека вкупниот планиран буџет е несоодветен на моменталната потреба.

-По обем, најновиот антикризен пакет е сличен со претходниот (за 2022 година) кој изнесуваше 760 милиони евра. Сепак, јачината на кризата и фазата во која беше економијата во 2022 споредено со денес се драстично различни. Во текот на 2022 година, енергетската криза го имаше својот врв, како резултат на рекордните цени на примарните производи од храна и енергија. Додека денес цената на енергентите и производите од храна на глобалните пазари е стабилизирана или намалена, а домашната понуда на електрична енергија се зголеми“, велат од Институтот.

Од таму наведуваат дека ако лани сме имале акутна состојба и реално оправдување за обемен пакет антикризни мерки, оваа година се наоѓаме во излезна фаза од кризата.

-Мерките опфаќаат и цели што не се директно поврзани со кризата, што може да предизвика погрешна перцепција, имајќи предвид дека државата влегува во предизборен период. Во тој поглед, клучната препорака е наместо постојан кризен фокус, во оваа фаза тој да се префрли на градење отпорност и одржливост на економијата – додаваат од Фајнанс тинк.

 

Related posts

Повторно забележан Кинески “метеоролошки” балон

admin

Бесими: Постигнавме договор со синдикатите за раст на платите, следи ребаланс на буџетот

admin

Влезот на Бугарите во Уставот отвора нови партиски апетити

ninja

БОРИСОВ – ГЛЕДАМ ОБИД ЗА ВРАЌАЊЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПОД РУСКО ВЛИЈАНИЕ

ninja

Кривична пријава против двајца полицајци од Ќафасан

admin

Даути-Комерц е нов Овластен економски оператор

admin