4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Епидемија на недоверба: Граѓаните разочарани од институциите, покажа новото истражување на ИКС

Само со поголема транспарентност, јавните институции може да им дадат отчет на граѓаните за трошењето на парите кои се одлеваат од државниот буџет. Институциите во последните години ја подобрија транспарентноста, но граѓаните и понатаму се разочарани и немаат доверба во нив.

Ова се клучните наоди од најновото истражување на Институтот за комуникациски студии во врска со перцепциите за транспарентност на институциите.

Пишува: Вања Мицевска

Довербата на граѓаните се движи од ниска кон умерена. Во Македонија владее епидемија на недоверба кон институциите и ниту една од нив, не ужива висока доверба.

„За жал, имаме сериозно ниска доверба на граѓаните и нивната перцепција кон целиот овој процес е нешто на што сите мораме да поработиме“, изјави директорката на ИКС, Жанета Трајкоска.

Перцепциите на граѓаните за отчетноста на државните органи

Изразено на скала од 1 до 10, Владата (2,8), Собранието (2,7), политичките партии (2,5), Јавното обвинителство (2,5) и судовите (2,4) се институции во кои граѓаните имаат најниска доверба.

Претседателот на државата (3,5), полицијата (3,8) и локалната власт (3,7) уживаат умерена доверба, а институција со највисока доверба е армијата (4,9).

Речиси две третини од учесниците во истражувањето (65,4%) не сметаат дека Владата работи отворено и етички, а релативно висок процент (63,2%) не се согласуваат дека Владата ги почитува демократските институции на државата.

Презентирајќи ја ваквата статистика, Трајкоска укажа дека онаму каде што има недоверба, има и пасивизирано граѓанство.

Таа порача дека  разочарувачка е перцепцијата и за отчетноста на државните органи. Учесниците во истражувањето сметаат дека Владата често има изговори за функционерите кои се однесуваат несоодветно.

Како што рече, Собранието и Обвинителството имаат ниски оценки. Само еден процент од анкетираните граѓани се согласуваат дека пратениците секогаш се грижат за граѓанските интереси и за граѓаните или дека обвиненијата на Јавното обвинителство добиваат разрешница.

„Овие бројки на перцепција и на недоверба се една ладна шлаканица за сите нас“, изјави Трајкоска.

Владата е отворена и транспарентна – тврди Ковачевски

И покрај ваквите податоци кои сѐ уште се разочарувачки, индексот на активна транспарентност кој го мери ИКС покажува дека транспарентноста на Владата расте.

Премиерот, Димитар Ковачевски се пофали дека вкупната активна транспарентност кај институциите за 2023 година е 76 проценти, во 2021 година била 63 проценти за разлика од 2016 година, кога била 45 проценти.

„Од 2017 година наваму Владата е отворена и транспарентна и тоа го докажуваат годишните бројки. Бројките за Владата велат дека во 2016 година имало 25 проценти транспарентност, која почнува да расте и во последните две години достигнува и задржува сто процентна транспарентност“, истакна Ковачевски.

Тој додаде дека Министерството за одбрана, според индексот, има постигнато сто проценти транспарентност и тоа неколку години по ред, Министерството за финансии има 98, 1 процент, а Министерството за здравство има 91,3 проценти транспарентност. Негативните оценки од граѓаните, според него, се должат на перцепција, а не на статистички податоци.

Ковачевски најави дека транспаретноста на Владата и на јавните институции ќе се зголемува со транспарентно објавување на сите јавни набавки. Премиерот оцени дека транспаретноста може нема да гарантира доверба, но дефинитивно нетранспаретноста гарантира недоверба.

Мала одговорност – ниска доверба

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, причината за недовербата во институциите ја „лоцира“ во отсуството на одговорност.

Таа порача дека е потребно секој да делува во рамките на својата одговорност:

„Има отсуство на одговорност на политичкиот пазар, одговорноста на вработените не оди по мерит систем туку по политички влијанија, одговорноста на институциите во целина, професионалната одговорност, одговорноста на судиите, вештите лица, полицијата, архитектите што направија ваков план за главниот град па и за целата држава, одговорноста на просветните работници, одговорноста на власта – како креираат работни места, одговорност на државен инспекторат за градежништво – дивоградбите, одговорност за имотот на државата и граѓанската одговорност“, констатира Ивановска.

Според неа, недовербата на граѓаните е проблем кој му тежи на нашето општество, но сепак има надеж.

„Ако ние (ДКСК и Заводот за ревизија) сме двете светли точки, тогаш две точки се неопходни за една права отсечка, што значи дека има надеж дека може да трасираме некаков пат за излез од целата оваа ситуација.  Накратко да кажам дека во овој петгодишен период од функционирање на нашата институција, поставувајќи си пред себе цели кои навистина сакавме да ги исполниме со професионална, искрена работа и соработка со останатите институции, успеавме на највисоко ниво да ја покажеме нашата транспарентност во работата, соработувајќи со сите медиуми“, додаде Ивановска.

Сепак, таа предупреди дека доколку ние сме општество во кое „сме детектирале дека највисок ризик од корупција се силните политички влијанија, дека отсуството на интегритет е заеднички именител на сите фактори на корупција, дека транспарентноста не е на ниво коешто го посакуваат граѓаните, дека дискреционите овластувања се злоупотребуваат, тогаш повеќе од јасно ќе ни биде дека одговорноста ќе биде на ниско ниво.

Истражувањето на ИКС пак, покажува дека според огромен дел од граѓаните, Јавното обвинителство не започнува редовно постапки по допрен глас, дека обвиненијата не добиваат судска разрешница и дека јавноста не е информирана за текот на постапките.

На прашањето дали сметаат дека Јавното обвинителство (ЈО) редовно започнува постапки по допрен глас, во целост или делумно се согласиле само 6,1% од учесниците во истражувањето, додека повеќе од две третини изразиле несогласување.

Обвинителот Гаврил Бубевски меѓутоа, вели дека позицијата на оваа институција е многу помалку комотна од останатите. Прашан зошто граѓаните не веруваат во Обвинителството, тој го истакна последното испитување на Светската банка за правосудството со појаснување дека има поголем процент на позитивни оценки на тие што имале директно искуство или предмет во обвинителството или во судството, наспроти тие тие што немале директно искуство, туку недовербата ја искажуваат преку други фактори.

Бубевски посочи дека Јавното обвинителство не е во своите најдобри перформанси, но уверува дека тоа секако ќе се подобри.

За разлика од Владата, Собранието, политичките партии, Јавното обвинителство и судовите во кои граѓаните имаат најниска доверба, армијата ужива највисока доверба кај граѓаните.

По неа следуваат верските заедници, а меѓународните организации и сојузи, како Обединетите нации, НАТО и ЕУ уживаат умерена доверба од учесниците во истражувањето на Институтот за комуникациски студии.

 

Related posts

Проект „филмски студија и технолошки парк“: Заев дал поддршка уште во 2019та, Амбасадата на САД ја следи можната инвестиција

admin

Мицкоски се поврзува со ист број на финансиски скандали колку сите негови заменици заедно

admin

Се приближува крајот на скринингот, сеуште не се наѕира договор за уставните измени

admin

Фон дер Лајен подготвена за соработка со десничарите

admin

Поглед на речиси 50-те години на Бајден во политиката на САД

admin

Горчлив „меден месец“ на владината коалиција

admin