10.8 C
Скопје
3 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Извештај на ОН: Бугарија да ги гарантира правата на македонското малцинство

Постои загриженост поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи во Бугарија им е забрането правото на собир и здружување, се вели во новиот извештај на Комитетот за елиминација на расна дискриминација при Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации, кој излезе во пресрет на одбележувањето на 75 години од декларацијата за човекови права на ОН, јави Гласот на Америка.

„Комитетот го зема предвид објаснувањето дадено од делегацијата на државата членка дека сите нејзини граѓани имаат право на самоидентификација, вклучително и Македонците и Помаците. Сепак, Комитетот е загрижен поради извештаите дека на членовите на македонските малцински групи им е забрането слободното остварување на правото на слобода на собирање и слобода на здружување“, се вели во забелешките за Бугарија.

Извештајот нотира дека „Комитетот изразува жалење за постојаните пречки и напорните барања за регистрација на граѓански организации и пријавеното одбивање на регистрација на македонските здруженија од страна на Агенцијата за регистрација и од судовите, врз основа на нивната македонска самоидентификација“.

Официјалната позиција на Бугарија е дека не постои македонско малцинство на нејзина територија, а со посебна декларација во Европската Унија изјави дека не го признава македонскиот јазик.

Минатата година, пак, Комитетот на министри на Советот на Европа ги повика бугарските власти да ги почитуваат 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права и да дозволат регистрација на здруженија чија цел е признавање на македонското малцинство во Бугарија.

„Комитетот препорачува државата членка да ги разгледа сите можни средства за гарантирање на ефективно уживање на човековите права од страна на лицата кои припаѓаат на етничките малцинства, вклучително и македонските и помачките малцински групи, вклучително и преку спроведување на релевантните пресуди на Европскиот суд за човекови права, релевантни на правото на слобода на изразување и слобода на здружување“, стои во најновиот извештај.

Комитетот ја повика Бугарија да ги елиминира сите бариери за регистрација на малцинските здруженија и да преземе мерки за поттикнување на нивните активности и соработка со нив.

Канцеларијата за човекови права на ОН, за Гласот на Америка на македонски, во август минатата година, рече дека согласно извештај што независен експерт на ОН за малцински прашања го претставил до Советот за човекови права во јули 2011 година, владата на Бугарија треба да ги заштити слободата на изразување и здружување на припадниците на македонското малцинство.

„Извештајот ја повикува бугарската влада да ги обезбеди и заштити правата загарантирани во уставните одредби на земјата за почитување на правото на етничко самоопределување, вклучително и правата на слободата на изразување и слободата на здружување на припадниците на македонското малцинство. Извештајот, исто така, нагласува дека политиките кои се однесуваат на признавањето и правата на малцинските групи мора да се проценат во однос на обврските на државата, согласно меѓународниот закон за човекови права“, изјави тогаш Канцеларијата за човекови права на ОН.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, пак, е услов за државата да ги продолжи пристапните преговори со ЕУ по завршување на скринингот.

Related posts

ДЕНОВИ НА ОДЛУКА ЗА АЛИЈАНСА И АЛТЕРНАТИВА

ninja

По обуката со Ф-35 пилотите изгледаат како да имаат 100 години

admin

Студија: Учениците во С.Македонија малку читаат, но и возрасните не се за фалење

admin

Кастриот Реџепи: ВМРО-ДПМНЕ не е проти АзА, тие го поддржуваат Таравари во Гостивар

admin

Дуално стручното образование го зголемува вработувањето на младите

admin

Петар Гошев: Ни треба револуција за правна култура

admin