16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Од Брисел ништо ново

Без уставни измени и со критиките во последниот извештај за Северна Македонија во однос на владеењето на правото и корупцијата, извесни се пораките од претстојниот Самит на ЕУ. Албанија веројатно нема да се одвои од Северна Македонија и нема да добие конкретен датум за отворање на поглавјата.

 

Во Брисел се одржува самитот ЕУ-Западен Балкан, а в четврток и петок, пак, следува Самитот на ЕУ на кој ќе се состанат лидерите од земјите-членки. Неделава се смета за клучна кога се во прашање најважните одлуки за процесот на проширување на Унијата во последните години. Станува збор за евроинтеграциите на шесте земји од Западен Балкан, како и на Украина, Молдавија и Грузија.

Меѓутоа, за Северна Македонија не се очекуваат изненадувања. Уставните измени се услов за да се продолжи процесот на евроинтеграции односно да се свика втората меѓувладина конференција за која ќе нема потреба од дополнителни политички одлуки, како и да се отвори првиот преговарачки кластер.

Ова како јасна порака е посочено и во нацрт заклучоци од состанокот на Советот за општи работи (ГАК), кој го сочинуваат шефовите на дипломатиите во ЕУ. Се очекува тие да бидат усвоени од лидерите на Самитот утре и задутре, а во нив Северна Македонија се повикува и да ги забрза реформите за владеење на правото, во судството, во администрацијата, борбата против корупцијата…

Реално и очекувано и за домашната јавност

Сето ова не е никакво изненадување, посочуваат и домашните експерти.

„Заклучоците се реални и очекувани, со оглед дека ние имаме обврски кои сме ги презеле, а не сме ги исполниле. ЕУ сепак ги зајакнува заложбите за проширување, и го реафирмира уникатниот момент каде се покажува највисока политичка волја за проширување. Но, повторно топката останува кај нас. Уставните измени најверојатно ќе останат за после изборите, и секако ќе зависат од новиот состав на Собранието. Не ја исклучувам можноста, и при промена на власта, до уставните измени да дојде“, вели Димитар Николовски, директор на Евротинк – Центар за европски стратегии.

И директорката на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), Симонида Кацарска, посочува дека заклучоците ја рефлектираат реалната состојба – недонесените уставни измени кои директно ја условуваат втората меѓувладина конференција, но и на потребата од реформи. Со оглед на предизборниот период, посочува таа, ќе биде тешко земјава да ги испорача неопходните чекори.

„Не треба да го запоставиме и повикот од Советот да се забрзаат реформите, веројатно во сите области, меѓутоа со фокус на владеењето на правото. И ова не треба да не изненади со оглед на наодите во последниот извештај на Европската комисија (ЕК) кои беа прилично критични во однос на развојот во сферата на владеење на правото изминатата година“, вели Кацарска за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Исто така, таа посочува дека во контекст на нашите евроинтеграции не треба да се занемари ниту Планот за раст кој ни налага реформи и за кој ЕК од сите земји од регионот бара соодветни реформски агенди.

Станува збор за План за раст на Западен Балкан кој официјално беше презентиран на 8 ноември, заедно со извештаите за напредокот на земјите-кандидатки. Тој предвидува шест милијарди евра за регионот, но за да ги добијат, државите треба да направат реформска агенда и да се придржуваат на неа.

Шпанскиот амбасадор за РСЕ: Нема никакви скриени изненадувања

Нема да има никакви скриени изненадувања од Самитот во Брисел, порачува во интервју за РСЕ и шпанскиот амбасадор во Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

„Во однос на ова можеби ќе ви изгледа дека со одговорот нешто кријам или дека има некакви скриени изненадувања. Не! Она што сакам да го кажам е дека дискусиите сега се случуваат во Брисел во однос на конечните нацрт-заклучоци. Ние како претседавачи треба да сме посебно одговорни. Но тоа не значи дека нешто криеме, но треба да сме внимателни. И како што рековте, веќе го имаме извештајот за напредокот на земјата, би било прилично тешко тука да најдеме некакви изненадувања. Знаеме што значи тоа и како што реков проширувањето е во топ приоритетите на агендата“, вели Гарсија

Може ли да се зголеми евроскептицизмот?

Очекуваниот исход за земјава од Самитот во Брисел и закочувањето на пристапниот процес се до донесувањето на уставните измени, ќе влијае и на евроскептицизмот кај граѓаните.

Николовски од Евротинк смета дека останувањето во вакуум, особено откако заврши скрининг процесот ќе значи понатамошна фрустрација и цинизам кон потенцијалното членство во ЕУ.

Кацарска, пак, посочува дека ситуацијата со евроинтеграциите веќе долго време влијае на исцрпување на македонската јавност во контекст на ентузијазмот, но нагласува дека и по долгиот период на застој не треба да се потцени што сепак има висока поддршка за членството во ЕУ.

„Сè уште имаме висок број, над 60 проценти од јавноста која на основното прашање како би гласале утре ако има референдум, одговара со тоа дека би гласале за. Можно е ова да влијае на порастот на бројот на луѓе кои ценат дека ние никогаш нема да станеме членка на ЕУ бидејќи тоа е бројката која изминатите години ја имаме во пораст. Но, мислам дека она што дополнително треба да не загрижи, што доколку настане комплетен застој на институциите веројатно уште повеќе ќе слабее довербата во националните институции што е загрижувачко за самата демократија во државата“, посочува Кацарска.

Нема датум за отворање поглавја ниту за Албанија

Северна Македонија првата меѓувладина конференција ја одржа во јули 2022 година, по што го започна скрининг процесот кој заврши пред неколку дена. Во исто пакет на патот кон ЕУ е и Албанија, која исто така е во неизвесна позиција – дали ќе се одвои од Северна Македонија или ќе се закочи и нејзината интеграција.

Албанските медиуми веќе пишуваа дека земјата нема да добие датум кога ќе го отвори првото поглавје од преговорите, а како причина се наведуваат блокадата од Грција поради случајот со градоначалникот Фреди Белери, но и политичката ситуација во земјата.

Белери е градоначалник на општината Химара во Албанија и е припадник на грчкото малцинство. Но, по победата на изборите беше уапсен од албанските власти поради обвиненија за купување гласови. Поради ова, и грчката новинска агенција АНА-МПА вчера, повикувајќи се на дипломатски избори од Брисел, пишуваше дека Грција нема да дозволи Албанија да премине кон следната фаза од преговорите.

Во документот усвоен од Советот за општи работи (ГАК) вчера (12 декември), пак, евидентно е дека не се споменува кога Албанија ќе продолжи со преговарачкиот процес.

„Советот со нетрпение очекува да ги преземе следните чекори во процесот на пристапување на Албанија и да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро. Советот потсетува дека инклузивниот и конструктивен политички дијалог во земјата останува клучен со цел да се унапреди усвојувањето на реформите поврзани со ЕУ“, пишува во заклучоците од ГАК.

Кога се во прашање останатите земји, пак, изненадувања од Самитот, според она што досега е познато во јавноста, не се очекуваат за повеќето од нив. . Фокусот, како што се очекува, ќе биде на Украина односно дали таа ќе ги отвори преговорите или Унгарија ќе стави вето на ваквата одлука.

Најголемата непознаница од земјите во регионот, пак, е поврзана тоа како ќе се формулира одлуката за Босна и Херцеговина за која Европската комисија во ноември условно препорача отворање на преговорите кога државата ќе ги исполни критериумите за членство.

Исто така, интересна е и ситуацијата и за Србија, за која во нацрт-заклучоците се наведува дека ЕУ ќе ја повика ЕК во критериумите од поглавјето 35 да се направат измени со кои во нејзината преговарачка рамка ќе се внесе договорот за нормализација на односите со Косово кој беше постигнат на 27 февруари во Брисел, а анексот беше усогласен на 18 март во Охрид.

Извор: РСЕ

Related posts

Нула одговори за „Предатор“, а втора санкција за „Сајтрокс“

admin

Уривање на мостот во Балтимор: Нуркачи пронајдоа две тела во потопен камион

admin

Реформите и учебниците како систем „капка по капка“

admin

Мицковски: Од државотворна СДСМ се претвори во измеќар на ДУИ

admin

Дали на пазарите има зеленчук загаден со пестициди или некој помешал што е милиграми и микрограми?

admin

Комисија на ЈО испитува 30 предмети на Мерко, обвинители се прашуваат дали имале притисок

admin