10.8 C
Скопје
3 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Опожарената Пошта цела деценија чека пари за поправка

Шест директори и две влади не „собраа“ ни сили ни пари за обнова на опожарениот објект на Пошта кој изгоре пред една деценија. Власта се надева на европски пари за ревитализација на симболот на градот од постземјотресно Скопје. Во меѓувреме Пошта издвои 1,2 милиони евра за тендер за чистење.

За три месеци ќе се реновира изгорената Пошта, беше насловот на многу текстови објавени во 2013 година, веднаш по пожарот во кој изгоре главната зграда на Дирекцијата на македонската пошта. Десет години подоцна и сменети 6 директори во празниот објект расте само трева.

Објектот изграден за да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963 година, вака руиниран веќе една деценија станува симбол на системската негрижа за државниот имот и културното наследство.

Овој објект се најде на листата на седум најзагрозени споменици и локалитети на листата на Еуроностра. Објектите кои се избрани на оваа листа добиваат помош во форма на експертизи, ресурси и можност за аплицирање за инвестициски грантови.

Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство Еуроностра и неговата партнерска организација, Европска Инвестициoна Банка овој објект како загрозено културно наследство го констатира во април 2021 година. И откако европските институции ја означуваат оваа зграда за загрозено културно наследство, македонските власти ја впишуваат во својот регистар на културно наследство дури шест месеци подоцна како „Споменичка целина Нова пошта“.

За споредба, во регистарот се заведени како културно наследство објектите од проектот „Скопје 2014“ во истата годината кога се пуштени во употреба, додека Дирекцијата на Пошта речиси една деценија откако изгоре.

Меѓународните експерти заклучија дека објектот на Централната Пошта во Скопје е од витално значење за бруталистичкото архитекстонско наследство во Скопје и општо во Европа, но и дека моментално се наоѓа во неповолна состојба.

Овој објект е многукратно наградуван и признаен не само во земјава туку и надвор од границите на државата. Бил дел од многу домашни изложби и со години се изучувал на Архитектонскиот факултет при УКИМ, каде се правени и истражувања за негова ревитализација.

Децениски ветувања за обнова на опожарената Пошта, реализација нема

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна изјави дека за негова ревитализација се размислува со години и дека наскоро се очекува да привршат активностите на работната група на Министерството за култура и Македонска пошта.

„Мислам дека се во финална фаза на елиминирање на правните недостатоци, што не овозможуваа досега да се интервенира и оти во догледно време, ќе дојдат со предлог до Владата и веќе да почне да се реализира инвестицијата. Инаку, таа ќе биде преку европски фондови, што, едноставно сакаат да ни помогнат, тоа што е културно наследство, да го зачуваме“, изјави Битиќи.

Но, ваквите ветувања за обнова на опожарената зграда, јавноста ги слуша со години ама не гледа реализација.

Шест директори најавуваа санација – никој не ја спроведе

Од пожарот до сега се сменија 6 директори на Македонска пошта и две влади и никој од нив не покажа интерес во целост да го реконструира и заштити ова културно наследство, туку напротив беше оставен да пропадне.

А ветувања за реконструкција и огласи за тендери во овие десетина години има неколку. Првиот тендер е во времето на Рафиз Алити од ДУИ, во јули 2013 година за испитување на бетонската конструкција на опожарената зграда и го добива Градежниот институт ад Македонија Скопје, во вредност од 5 илјади евра. Тој со оваа институција раководеше до 2015 година.

Само пет месеци по пожарот на Бирото за јавни набавки беше објавен и оглас за реконструкција на објектот во кој беше посочено дека ќе се направи адаптација на просторот со најави дека шалтерски дел од фоајето ќе има нова функција.

Тогаш беше најавена и реконструција на уништениот мурал и очекувањата беа дека за една година ќе завршат градежните работи. Тогашениот директор Алити во 2014 година изјави дека очекува за три месеци куполите да бидат целосно обновени, посочувајќи дека во тек е тендерска постапка. Алити за Шалтер салата изјави дека до него е пристигната иницијатива да се пренамени и во неа да се сместат шалтерите на повеќе државни институции бидејќи само Пошта како институција нема потреба од толкава сала.

Договорот за јавната набавка го доби фирма од Мала Речица „ Дон Хаус“ во вредност од 190 илјади евра, но на Бирото за јавни набавки го нема документот за тоа што се е предвидено со тој тендер и дали е воопшто реализиран. Се обидовме од Алити да добиеме одговори што се случи со тендерот за време на неговото директорување со Пошта, но беше недостапен.

На Бирото за јавни набавки е објавен и склучен договор во 2016 година со градежната фирма од Велес, „Изгрев“, за непредвидени градежни работи за хидроизолација на покрив при Дирекција на ад Македонска пошта во вредност од 86 илјади евра.

Во 2017 година со битолската фирма „ИНТ Глобал иженеринг“ за проектирање Пошта склучила договор за изработка на основен проект за реконструкција на кровни светлосни куполи на шалтер салата на објектот Дирекција на Македонска пошта во вредност од 2 илјади евра.

Директор во тоа време на Пошта беше кадар на ДУИ Фадис Реџепи. По него на директорското столче дојде неговиот сопартиец Ејуп Рустеми кој во 2020 година беше заменет со колега од СДСМ Јани Макрадули.

Макрадули веднаш по назначувањето на директор најави дека заедно со Министерството за култура ќе работат интезивно на зачувување и ревитализација на опожарениот објект, поради, како што изјави, валоризација како заштитено културно наследство.

Тој за Радио Слободна Европа вели дека успеал во неговиот мандат да издејствува да се изгласа во Собранието амандман со кој од буџетот требало да се одвојат пари за заштита на објектот од дополнително уништување.

„ Но, за жал, тие пари иако беа одобрени, не се реализираа, не би можел да кажам зошто и од кои причини, Министерството за култура беше носител на реализацијата и беше дел од проектите во рамки на Министерството. Не е реализирана, претпоставувам дека се уште е отворен покривот, беа организиран и настани тогаш со помош на град Скопје, се отвори како прашање за ревиталиазија како мултимедијален објект“, изјави Макрадули.

Макрадули додава дека за краткото време додека директорувал со Пошта ( 2020- 2022 година) успеал само да го покрене прашањето и да направи промоција на идејата за ревитализација, и дека само тој од шестмината директори го покренал тоа прашање.

„ Сведок е јавноста дека јас кога дојдов го отворив тој објект, многу манифестации се оддржаа таму, промоција на марки, дел од спотот за Евровизија се снимаше таму. Ние како промоција го отворивме тој објект за да да може да конкурираме, бидејќи од Еуропа Ностра требаше да се добијат средства, како награда за тоа што е прогласено, но за жал немам информација што се случи после тоа“, вели Макрадули.

Тој додава дека тој објект е од државно значење и дека државата е таа која што треба да вложи пари за негова ревитализација.

„Па и градот, како град на културата треба да преземе мерки, тој објект да биде заштитен и да биде спремно за посетителите кои тогаш ќе доаѓаат во посета на градот на културата“, посочува Макрадули.

Во однос на одговорноста за децениската негрижа за овој објект вели дека не може да ја лоцира во своите колеги, затоа што, како што вели, секој директор инвестира во она што смета дека може да биде корисно.

Директорката на Пошта Абази нема пари за реконструција

Во меѓувреме на директорското столче седна кадар на Алијанса за Албанците Бујаре Абази, која во период кога се очекуваат европски пари за реконструкција на опожарената Пошта, склучи договор за чистење во вредност од 1,2 милиони евра.

Таа за Радио Слободна Европа изјави дека Македонска пошта нема доволно пари за сама да го реконструира опожарениот објект, затоа што, како што вели со последните активности на група ентизијасти и меѓународни експерти е проценето дека за да се врати во функција шалтер салата се потребни од пет до десет милиони евра.

„Тоа значи дека Македонска пошта нема да биде во можност со свои средства да го реконструира да го стави во функција објектот. Но, тоа не значи дека тоа не може да се искористи како простор за кој би се донирало и кој би можело да се осмисли како некој мултифункционален центар“, вели Абази.

Пошта заедно со Државните железници е еден од двата најголеми државни загубари, за што редовно добива дотации и помош од државниот буџет. Според последниот ревизорски извештај, „Македонски пошти“ ја завршиле 2022-та година со загуба од над 3.7 милиони евра, додека годината претходно во 2021-та загубата била над 2.8 милиони евра. Податоците од податоците од министерството за финансии заклучно со септември годинава ад Пошта е задолжена 2,1 милион евра.

Абази вели дека во време кога институцијата има проблеми со финансиска консолидација нема простор да се одвојат пари за реновирање на сала како што таа автентично изгледала во 2013 година.

„Телефонските кабини веќе не се употребуваат, Шалтер сали се помалку се употребуваат со оглед на тоа што многу услуги кои порано ги дававме сега не се дел од нашата работа. Сега како фирма, како компанија не можеме да инвестираме и да ја вратиме во функција, меѓутоа не сме против да се изнајде решение на повисоко ниво за да може некако да се врати сјајот на таа сала, сепак таа беше симбол на градот Скопје и ние кои сме подолго време вработени емоционално сме врзани и би направиле се што ние во нашиот домен за да ја вратиме таква како што беше“, вели таа.

Но, во однос на парите наменети за чистење на просторите на Пошта низ државата, вели дека било неопходно да се склучи таков договор и дека оваа понуда била најниската можна договорена.

„Во моментот кога станав менаџер Поштата веќе имаше раскинат договор со некоја претходна фирма која чистеше во Пошта. Пошта остана без чистење пет месеци и летото доаѓаше а со тоа и високи температури. Летото два пати ја поништив тендерската постапка затоа што пристигнаа понуди од фирми со високи цени“, вели Абази.

Овој двегодишен договор е склучен со компанијата Стед комерц, додека како подизведувачи се јавуваат и компаниите Серта дооел Скопје и Техно-чист ДОО Скопје.

Против компанијата Серта во 2022 година беше отворена истрага во Обвинителството по пријава од Финансиска полиција за милионски тендери за чистење во владини институции.

Човечки фактор причина за пожарот во Пошта

Зградата на Пошта, односно познатата Шалтер салата, изгоре во пожар во 2013 година. Тогаш директор на оваа институција беше кадар на ДУИ, Рафиз Алити, кој првично тврдеше дека пожарот избил поради стара инсталација во серверната сала на третиот кат.

Но, една година подоцна, во судница беше докажано дека причината за пожарот е човечки фактор. Затворска казна од две години доби внукот на Алити, Арменд Фазлиу, вработен како шеф на кабинет на својот вујко.
Алити, во овој судски процес како претставник на Пошта се откажа од кривичниот прогон и од материјални побарувања од Фазлиу.

Осудениот Фазлиу, неколку години подоцна се вработи во општина Тетово како портпарол на тогашната градоначалничка и сопартиец на Алити, Теута Арифи.

Во пожарот настрадаа куполите и монументалнио мурал на Борко Лазески кои беа целосно уништени, а она што остана беше оставено на забот на времето дополнително да пропадне. Бидејќи зградата сè уште е без покрив, таа сè уште е директно изложена на атмосферски влијанија, врнежи од дожд и снег, кои продираат во целата нејзина внатрешност, во одредени делови на внатрешноста порасна и трева.

Извештајот на ЕуроНостра потенцираше за итностата на покривање на објектот. Недостатокот на покрив ја изложува внатрешноста на атмосферски влијанија кои веќе нанеле штета и на меѓукатна плоча која веќе покажува знаци на деградација на бетонот и корозија на арматурата.

„Експертите проценуваат дека вкупните трошоци за рехабилитација може да бидат од редот на 10 милиони евра со минимално времетраење на работа од три години. Тие ја нагласуваат важноста од навремено назначување работна група или проект менаџер за унапредување на различните активности и координирање на донесувањето одлуки, вклучително и ефективно искористување на грантот од ЕИБ“, стои во извештајот.

Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Шалтер салата, за која претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мишко Ралев неодамна изјави дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во 1974.

Проценетата основна штета тогаш изнесуваше околу 100.000 евра, но во оваа сума не е влезено уништувањето на муралот на сликарот Борко Лазески, чија вредност требаше дополнително да се утврди, но никогаш јавно не се соопшти.

Објектот претставува исклучително моќната структура која е изработена од армиран бетон, во форма на цвет на лотос и објектот може стилски да се опише како бруталистички, и е еден од најсилните обележја на модернизмот во светски рамки. /РСЕ

Related posts

АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА „ТАРГЕТ -ТВРДИНА“

ninja

Измени на Кривичниот законик во интерес на сегашни и бивши функционери?

admin

Холандскиот амбасадор Коп: Не чекате вие, ЕУ ве чека 15 години да ги спроведете реформите

admin

Израел го гранатираше бегалскиот камп Џабалија, над 50 цивили загинале

admin

СЕВЕРНО КОСОВО: „ВЕЌЕ НЕ СУМ СИГУРЕН ЗОШТО СУМ ОВДЕ“

ninja

Пак сме пред „историска седмица“

admin