22.8 C
Скопје
13 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Техничката влада треба да замине во историјата

На Северна Македонија повеќе не и е потребна техничка влада, иако таквата влада која беше формирана во 2016-та година, кога државата беше во длабака политичка и безбедносна криза и имаше за цел да овозможи одржување на фер и демократски избори кои ќе бидат признати од сите учесници, во тој процес ја исполни нејзината мисија, вели за Гласот на Америка политичкиот аналитичар Џелал Незири.

„Мислам дека една влада, која има мандат од четири години, би требало да ги организира сите избори, било тоа да се парламентарни, локални или претседателски. На тој начин земјата би покажала дека созреала, дека има демократски капацитет и дека е способна да организира фер и демократски избори. И, затоа мислам дека таа кризна солуција, тоа кризно решение кое се нарекува техничка Влада, треба да се замени и да се вратиме на начинот на кој порано се организирани изборите од владите кои имаа мандат четири години“, рече Незири.

Аналитичарот Петар Арсовски, смета дека техничката влада била делумно успешна, бидејќи вовела механизми со кои злоупотребата на службената позиција и моќта која ја обезбедувала владата пред изборите со неа станала невозможна.

„Имајќи во предвид дека политичката ситуација во меѓувреме е сменета, прашање е дали тој концепт се уште треба да продолжи. Доколку е констатирано дека такви можности за злоупотреба односно дека злоупотреба на владината позиција веќе нема пред изборите, тој концепт станува бесмислен“, вели Арсовски.

Сепак промената на тој концепт не треба да се случи преку ноќ предупредува Арсовски.

„Туку треба да има некаква предвидливост. Така што за овие избори ќе биде тешко да се укине техничката Влада, евентуално можно е тоа да се случи за наредните избори, затоа што политичките актери треба да имаат предвидливо поле за игра пред изборите“, додава тој.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири потсетува зошто т.н Пржинска влада била неопходна во тој момент.

„Немаше доверба во институциите на системот. Немаше доверба во власта заради злоупотреба на институциите и на буџетските капацитети на државата за партиски цели. Ние знаеме какви избори имавме пред тие кои беа организирани од страна на Пржинската влада“, вели тој.

Идната техничка Влада, ќе стартува на 28 јануари. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна рече дека не постои консензуално расположение за нејзино укинување сега на краток период пред одржувањето на изборите, но оти постои расположение таа да биде укинатата со важност од следните избори. ВМРО ДПМНЕ е за укинување на техничката Влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ, како што предвидува договор меѓу СДСМ и ДУИ.

Related posts

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

admin

Што содржи Предлогот за уставни измени (интегрален текст)

admin

Почина Дарко Димовски, првиот човек на ССМ

admin

„СИЛНО И ОДЛУЧНО“ ВО КАМПАЊА

ninja

ЛИДЕРИТЕ ОД ЕУ ГО ПОВИКАА ВУЧИЌ ДА ВОВЕДЕ САНКЦИИ ПРОТИВ РУСИЈА, ТОЈ ВЕЛИ ЌЕ ГО ПРАШАМ НАРОДОТ

ninja

КОВАЧЕВСКИ: ДИЈАЛОГОТ ЗНАЧИ И ОТСТАПКИ

ninja