16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Големите тендерите се или во „финална фаза на подготовка“ или „поништени“ – На централната власт никако да и’ тргне

За период од три години, владини функционери, вклучително и министри најавуваа распишување тендер за изградба на централна депонија кај Свети Николе. Последната најава е од декември 2023 година, кога актуелната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изјави дека овој јануари ќе биде распишан меѓународен тендер за избор на изведувач на работите на депонијата. Проверивме, што беше најавувано, а нереализирано во овој тригодишен период.

Повеќе од десет години се работи на проектот за изградба на меѓурегионална депонија за комунален отпад за Источниот и Североисточниот регион. За оваа намена одобрени се 40 милиони евра од фондовите на Европска унија, додека до завршувањето се очекува да достигне и до 50 милиони евра. Фабриката за отпад е проектирана да се гради во близина на светиниколското село Мечкуевци. Проектирана е да опслужува околу 370.000 жители од двата региона со капацитет да прими 900.000 метри кубни отпад. За оваа деценија и повеќе, со европски пари се набавени камиони за транспорт на отпадот кој од градовите до претоварните станици потоа ќе се носи во централната депонија, а набавени се контејнери и садови за отпад. Формирано е и заедничко јавно претпријатие, кое ќе управува со целиот систем на изнесување, депонирање и преработка на отпадот. Меѓутоа, и покрај постојаните реакции од Европската унија, па и ургенциите за потребата од итно започнување на изградбата на централната депонија, работите се’ уште не се започнати.

Власта уште во 2020 година најавуваше дека ќе биде распишан тендерот

„Најавата е Договорот со најповолниот понудувач да се потпише во октомври 2021 година, со што ќе започне всушност и изградбата“, изјави во декември 2020 година Живка Михајлова, Раководител на Стручната служба на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион.

Во текот на 2021 и 2022 година следуваа уште изјави дека тендерот само што не е распишан.

И локалната и централната власт најавуваа дека на почетокот од 2022 година ќе биде објавен тендерот, по одложувањата на проектот од страна на општинските власти претходната година.

Насер Нуредини, како министер за животна средина и просторно планирање, во август 2022 година во изјава за Канал 77 објаснува дека проектот продолжува и наскоро се очекува распишување на тендер за изведување на регионалната депонија.

-Ние сме подготвени со целокупната документација, но имаше неколку точки за одобрување од претходната верзија на документацијата за локации на трафостаниците. Евалуацијата е завршена и е доставена во Министерството за финансии. После се праќа до Делегацијата  на ЕУ и ќе ја отвориме тендерската постапка, кажа Нуредини (август 2022).

Проектот застана и беше во статус кво со месеци, откако Општина Свети Николе се спротивстави на изградбата на депонија на своја територија. На Министерството за животна средина му требаше исто толку време додека да донесе одлука, со која и’ се одземаат ингеренциите на општината во именувањето на своите претставници во Меѓуопштинското претпријатие за управување со отпадот.

Во меѓувреме, Европската унија во април 2023 година додели грант од 700.000 евра за консултантски услуги. Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖССП) доби техничка помош за имплементацијата на регионалниот проект за управување со отпад.

Кочењето на проектот со регионалните депонии, вклучително и таа во Свети Николе, се најде и во Извештајот на Европската комисија за напредок на Македонија од октомври 2022 година.

Во Извештајот има посебен дел за доцнењето со депониите. Доцнењето на изградбата на депонијата во Свети Николе е посочено како една од трите клучни активности на кои властите треба да работат во текот на 2023 година.

„Раководните структури на регионалните системи за управување со отпад сè уште не се целосно оперативни“ критикуваат од Европската комисија, додавајќи дека „селекцијата и одвоеното собирање на отпадот и економските инструменти за промоција на рециклирањето, повторната употреба и спречувањето на отпадот, остануваат ограничени“. (Извештајот на ЕК за С. Македонија за 2022 година).

Поостар во забелешките во јуни 2023 година е Стефен Худолини, шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Тој рече дека очекува најитно да отпочнат со практична имплементација проектите за управување со отпад на терен, потсетувајќи дека ЕУ за Македонија издвојува значајни износи за оваа намена, а на терен нема промени.

„Заостануваме со имплементацијата. Ургентно ги повикуваме институциите да поработат на имплементацијата, за проектите успешно да се реализираат на терен за да имаме видлив ефект во справувањето со сериозниот проблем на управување со отпадот во Северна Македонија“, изјави Худолини (јуни 2023).

Што правеа институциите по ваквите повици?

Министерката за животна средина, Каја Шукова, која како државен секретар често во минатото учествуваше на состаноците на општините од Источниот и Североисточниот регион, на 11 декември 2023 година изјави во финална фаза е подготовката на тендерското досие за изградба на централна депонија во Свети Николе.

– Очекуваме до крајот на годината или најдоцна во јануари да биде распишан тендерот за изградба на централна депонија во Свети Николе и претоварните станици. Станува збор за финансиски пакет од околу 40-ина милиони евра само за исток и североисток којшто опфаќа набавка на опрема што ја набавивме пред три години, канти, контејнери и возила, рече Шукова во одговор на прашање при посета на Кочани.

На 3 јануари 2024 година министерката Шукова уште еднаш најави распишување на тендер. Повторно кажа дека тендерската документација е во „финална фаза“.

-Се надевам дека до крајот на овој месец ќе успееме да го распишеме тендерот за Свети Николе и дека во 2025 година ќе може да оперира регионалната депонија во Свети Николе.Тој тендер ќе има два лота едниот ќе биде изградба на претоварни станици, тие се неколку, пет или шест, и вториот лот ќе биде за централната депонија, така да паралелно ќе одиме со двата процеса, рече Шукова.

Јануари полека се ситни. Иако за овој месец се вели дека е најдолгиот месец во годината, ќе дојде и неговиот крај. Но, дали и ќе се оствари најавата? Ако се суди по досегашните бројни распишани и поништени меѓународни тендери, по пример на оној за Чебрен и Галиште, распишувањето на тендерот, не значи и нужен почеток на работите на регионалната депонија.

Роковите течат и за изградба на депонијата. Пред три години по општините беа поделени и возилата и опремата за депонирање на отпад, почна и затворањето на нестандардните депонии. Се трошат и одобрените 40 милиони евра, додека на терен во Мечкуевци, засега не се случува ништо, во исчекување на распишување на тендерот.

Весна Коловска

Related posts

Ситуацијата на Блискиот Исток не е закана за Македонија

admin

Границата меѓу државата и партијата „тенка“ во изборите

admin

Крај на старите и крах за новите патни исправи

admin

Крстот на Шапка е урбана опрема и нема потреба да се легализира, смета централната власт – За партиите е предмет на политички пресметки

admin

Кој е илинденскиот идеал на денешната генерација?

admin

УСТАВНИ ИЗМЕНИ: МЕЃУ ВИЗИЈА И ИГРА НА КОНДИЦИЈА

ninja