10.8 C
Скопје
16 септември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ванковска „прв“ кандидат во трката за претседател на Северна Македонија

„Мислиме дека го имаме најдобриот кандидат. Тоа е професорката Билјана Ванковска.“, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.

Левица истрча прва во обелоденувањето на кандидатот за врвната функција во државата. По неколку години отсуство од јавниот живот прфесорката Ванковска се враќа на политичката сцена. Зошто, токму, сега и зошто, како дел од тимот на Левица?

„Овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Овојпат сум навистина со многу поголема самодоверба дека сега постои еден тим, верувале или не, дел од овој тим беше дел од мојот тим, пред 10 години. Во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. За 10 години, Македонија е сѐ што немаме. За 10 години, Македонија е во многу лоша ситуација.“, изјави Билјана Ванковска, кандидатка на Левицата за претседател на Северна Македонија.

Вели дека ќе има слобода во креирањето на својата изборна програма која нема да отстапува од нејзините познати позиции, од денеска дополнети со тезата дека „земјата тоне во Бермудски триаголник“.

„Триаголникот има три агли, а ние имаме три договори кои ја влечат да тоне во политичка, демократска, идентитетска и секаква друга смисла. Години подоцна, од првиот договор, Рамковниот, па до овој последниот, па и ова што ни виси над глава со уставните промени што ги бара Бугарија, се елементи кои не даваат надеж или шанса да веруваме дека ќе испливаме или дека ќе тргнеме кон подобро утро. Ова е крајно време да се сврти нов лист.“, оцени Билјана Ванковска, кандидатка на Левицата за претседател на Северна Македонија.

Прашање е и како, токму, Ванковска излезе да биде кандидатка на Левица. Партијата за првпат излегува со свој предлог на избори за шеф на државата – Ванковска, која за да се најде на гласачкото ливче треба да собере 10 000 потписи од граѓаните.

„По сите наши внатрепартиски анкети на кои имаше повеќе имиња, најдобриот скор го имаше професорката Ванковска. Таа, на наша среќа, прифати и мислиме дека е конечно време за народот да може да избере солиден кандидат, а мислиме дека ние го имаме најдобриот. Затоа, први го објавуваме и со тоа им фрламе ракавица на буржоаските меинстрим партии да дадат кандидати кои ќе се натпреваруваат со нашиот.“, изјави Апасиев.

Засега, главните, или како што Апасиев ги нарекува меинстрим партии се уште не излегле со свои кандидати. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги почнаа внатрепартиските процедури – објавија јавни повици за избор на кандидати.

Неофицијално, за најсериозен „играч“ во таборот на опозицијата се смета Гордана Силјановска – Давкова која беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател и во 2019.

Актуелниот шеф на државата кој пред 5 години дојде на функцијата со поддршка на СДСМ и на ДУИ засега се уште не кажал дали ќе се кандидира за уште еден мандат. Опозициските партии на Албанците најверојатно ќе излезат со свој кандидат, што пак ќе повлече дека и владејачката ДУИ ќе оди со свој предлог во првиот круг од изборите кој ќе се одржи на 24 април.

Related posts

Ескобар со ултиматум до Курти и Вучиќ: Имате уште два дена

admin

НЕИЗВЕСНО КОГА ЌЕ ПОЧНЕ ПОСТАПКАТА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

Биден: Изборите во САД догодина се битка за „душата“ на државата

admin

КРАЈНИОТ РОК ЗА ВИЗНА ЛИБЕРАЛИЗАЦИЈА ЗА КОСОВО ПОМЕСТЕН ЗА 1 ДЕКЕМВРИ 2023

ninja

Премиерот Ковачевски најави оставка

admin

Треба ли да се замрзнат цените на храната?

admin