11.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Нема место за тебе во станот“ – Како да ги направиме девојките и жените посвесни за насилството

Надлежните ја унапредија македонската законска регулатива за подобра усогласеност со Истанбулската конвенција, со цел посеопфатна грижа за жртвите на семејно, и на родово базирано насилство воопшто. Од неодамна е изготвена и Програма за реинтеграција на жртвите, а се подготвува и Анализа за функционирање на СОС линиите.

Она кое како држава го имаме на хартија, треба да послужи како механизам за поголема поддршка на граѓанските организации кои работат непосредно со жртвите.

Пишува: Вања Мицевска

Прашањето за реинтеграција на жените и девојките кои претрпеле семејно, односно родово базирано насилство, е едно од најпредизвикувачките прашања во нашето општество – велат од Фондот за население на Обединетите нации УНФПА.

Експертскиот тим на УНФПА учествуваше во подготовката на Програмата за реинтеграција, која е под надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Овој документ кој допрва треба да биде интегриран во функционирањето на сите локални самоуправи, се очекува да ги зајакне механизмите за помош и поддршка на жртвите.

Паралелно, во тек е изготовка на Анализа за функционирање на СОС линиите на три невладини организации, која треба да даде препораки за подобрување. Со Програмата и Анализата всушност експертите, граѓанските организации и институциите прават напори да го зајакнат системот на заштита и превенција од насилството врз жените, но и информираноста на населението за оваа тема.

Како да ги направиме девојките и жените посвесни за насилството, какви се неговите нови облици, зошто жртвите понекогаш се обесхрабруваат да пријават и дали граѓанскиот сектор покрај коректив, може да им стане и сојузник на институциите во борбата против овој негативен „феномен“ – се само дел од прашањата на кои побаравме одговори од нашите соговорнички.

Ставање крај на родово базираното насилство – една од трите глобални цели на УНФПА

Жаклина Гештаковска Алексовска, аналитичарка на програма за родови прашања при УНФПА, вели дека насилството има долгорочни разорни ефекти врз животот на жените и нивните семејства.

Сепак, жртвите не секогаш го препознаваат.

„Навистина, искуството од организациите со кои соработуваме говорат дека еден од горливите проблеми е непрепознавањето на насилството. Тоа особено важи за психичкото, економското, дигиталното насилство, како и демнењето кое е еден вид на насилство што од неодамна е во законодавната рамка. Жртвите не го препознаваат насилството и поради бројни причини меѓу кои и патријархално поставените улоги на мажот и жената во општеството и нормализација на насилството. Исто така, традиционалните улоги и стереотипи коишто ги обликуваат однесувањата на луѓето. Некои не се доволно информирани за сопствените права, но постои голема доза на срам и страв на жртвите и токму затоа насилството во голема мерка не се пријавува во почетните степени и фази на своето појавување“, додава Гештаковска Алексовска.

Токму поради тоа, потенцира таа, за оваа тема треба да се дискутира во училиштата и децата од најрана возраст да знаат кои се можностите и начините за да се пријави насилството.

„На пример, кога се работи за училиштата да се разговара со училишните психолози, педагози, со класните раководители. Кога се работи за семејството за пошироката средина да се разговара отворено на оваа тема и да може да се препознаваат уште првите знаци на насилство во една врска или насилство кое се базира врз жените само поради тоа што се жени“, истакнува Гештаковска Алексовска.

Со побрза реакција на институциите до охрабрување на жртвите да ги пријавуваат насилниците

Искуството пак покажува дека дури и кога го препознаваат, жртвите не го пријавуваат насилникот затоа што немаат доволно доверба во институциите. Ова го потврдува Стојне Митева од здружението „Скај плус“ од Струмица кое во 2019 отвори шелтер центар, но и советувалиште за жени жртви на семејно насилство и деца.

-Понекогаш жените се обесхрабруваат затоа што институциите затајуваат. Јас работам со сите институции и ја почитувам нивната работа, но верувајте понекогаш жените се беспомошни. Денеска имав јавување од жртва на семејно насилство. Во моментот кога констатиравме взаемно дека се високи ризиците по нејзиниот живот, јас завршив со реченицата „жено, пакувај се и дојди пред полициската станица“. Таа рече дека не сака да го пријавиме насилникот – споделува Митева.

Според неа, жртвите се плашат дека институциите бавно ќе реагираат.

„Имаме нов закон којшто вели дека институциите треба да постапуваат во рок од 12 часа, но дали е таа секогаш во пракса така? Голема е оваа проблематика, различни се начините на пристап на решавање на проблемот“, додава Митева.

Таа објаснува дека шелтер центарот има 13 легла и е со ширум отворени врати за жените пред сè од југоисточниот регион, но и од кој било дел на државата.

„Советувалиштето нуди процес на реинтеграција и ресоцијализација, но огромна улога игра и шелтер центарот.  Со самото сместување на жената во шелтер центарот ѝ обезбедуваме безбедна средина за живеење, ги отстрануваме ризиците по безбедноста со институциите – полицијата, центрите за социјална работа, судот, обвинителството. Се носат мерки на претпазливост и веќе жената влегува во систем и на некој начин таа е безбедна. Безбедна е со самото сместување во центарот“, потенцира Митева.

Фото: Шелтер центар – Струмица

Инаку, шелтер центарот нуди сместување од три месеци, но доколку насилникот не ги почитува мерките на претпазливост и неговото однесување се уште е ризично за жената, таа може да остане таму уште три месеци. За три години, над 60 жени престојувале во објектот во чија реконструкција учествувале 49 компании, а поддршка дале и општина Струмица и Струмичката епархија.

Митева забележува дека речиси во сите градови во земјава имаме советувалиште за жртвите, но ни требаат повеќе шелтер центри каде жртвите и нивните деца ќе се засолнат, а потоа ќе се реинтегрираат во општеството.

„Советувалишта има речиси во сите градови, отворија. Тоа е одличен момент, но проблемот на нашата жена е и реинтеграцијата, ресоцијализацијата. Свесна е дека е жртва, но каде ќе оди? Тука имаме и проблем традиционален. Верувајте колку и да е жално, кога таа ќе се јави на родителите тие ѝ велат тука живеат брат ти и снаата и нема место. Или живеат во мал стан и нема каде да ја примаат. Тоа е жално, но вистинито. Ние сме граѓански организации, а не знам поради која причина во општеството има искривена слика за нас, дека нè интересираат само финансиски средства за личен бенефит, но тоа не е точно. Ние сме граѓански организации и треба да им служиме на граѓаните“, децидна е Митева која работи со жртвите како психолог и гешталт терапевт.

Здружението од кое таа доаѓа – „Скај плус“ е дел од соработниците на УНФПА од каде пак, нагласуваат дека реинтеграцијата на девојките, жените и нивните деца кои се жртви на насилство е едно од прашањата на кои особено треба да се обрне внимание во следниот период.

Програмата за реинтеграција на жртвите како „поттик“ за поголема мобилизација и на локалните самоуправи

Од неодамна под надлежност на МТСП е и Програмата за реинтеграција што ја акцентира важноста на координацијата и сoработката меѓу различните сектори во општеството.

„Дополнително, процесот на реинтеграција бара вклучување на поширок опсег на актери во процесот, надвор од државните чинители, вклучувајќи ги здруженијата на граѓани, приватниот сектор, заедницата, како и самите жени и девојки. Оваа програма која ја поддржавме во нејзината изработка а која е тесно поврзана со нашиот систем за заштита и поддршка, треба да биде водечка алатка во процесот на реинтеграција на жените и девојките жртви во заедницата“, вели Гештаковска Алексовска од УНФПА.

Таа алармира дека насилството врз жената остава тешки и трајни последици врз нејзиниот психолошки и телесен интегритет, едноставно претставува пречка кон уживањето на основните човекови права. Дополнително, во Струмица веќе интензивно се работи на отворање на таканаречената куќа за отворено домување.

Митева од „Скај плус“ информира дека општината издвоила финансиски средства за отворање на оваа куќа каде ќе можат да се сместат оние кои биле жртви на насилство, а по отстранувањето на ризиците, ќе може да живеат таму и до две години.

-Ние планираме оваа година да се отвори, се надеваме дека ќе се искристализираат нештата и дека Општина Струмица ќе ја добие куќата за отворено домување. Така, на тој начин сме постигнале реинтеграција и ресоцијализација. Тоа ќе го работи „Скај плус“ со единствена финансиска поддршка од Општина Струмица. Струмичката бизнис заедница, Струмичката епархија, еве и Исламската верска заедница се свесни за проблемот затоа што ние отворено зборуваме. Сега со куќата на отворено домување сметам дека како регион, како општина, ќе го заокружиме тој процес на заштита на жените – истакнува Митева.

Сепак според неа, државата треба да им помогне на организациите да ги зајакнат своите капацитети со човечки ресурси или во најмала рака, со дополнителен инвентар.

Покрај ваквиот начин на помош и поддршка, граѓанскиот сектор им помага на жртвите и на тој начин што ги информира за нивните права. Токму тоа е целта и на СОС линиите на Националниот совет за родова еднаквост,  Организацијата на жени на Град Скопје и Организацијата Надеж

Од УНФПА нагласуваат дека операторките на СОС линиите честопати се први кои разговараат со жртвите.

Фото: Средба за промоција на услугите за жените жртви на насилство / УНФПА

„Некои од жртвите со кои разговаравме споделуваат дека доколку не постоела оваа поддршка, тие не би можеле да ја добијат соодветната помош од институциите и организациите. Операторките во СОС линиите им даваат информации за тоа кои се нивните права и како можат да ги остварат“, вели Гештаковска Алексовска од Фондот за население на Обединетите нации.

Таа додава дека се подготвува и Анализа која треба да покаже како функционираат овие линии, а наодите во неа да послужат како „водилка“ за поголема поддршка на жртвите.

„Една од препораките на истражувањето е дека сепак е потребна поголема поддршка на организациите кои ги водат СОС линиите со цел истата да биде достапна и со уште подобри резултати. Анализата е веќе готова, се привршува како документ и ќе биде достапна на пошироката јавност и ќе може да се најдат начини и понатаму да се поддржат овие разговори за да биде уште поуспешна нивната работа“, додава Гештаковска Алексовска.

Тренчевска: Со гласно зборување влијаеме во борбата против насилството

Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска животот на жртвите на семејно насилство е исполнет со предизвици и затоа целото општество треба да придонесе во градење на нивната самодоверба. Во едно од своите јавни излагања посветени на борбата против насилството, таа порача дека гласноста и преземањето конкретни активности се најмоќните оружја за искоренување на сите форми на насилство.

„Министерството за труд и социјална политика на територијата на Република Северна Македонија има воспоставено специјализирани сервиси за жени жртви на родово базирано насилство и семејно насилство во 7 плански региони на територијата на РСМ. Воспоставени се 13 Центри за жени жртви (и нивните деца) на семејно насилство, 10 специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство, 8 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство“, изјави Тренчевска.

Фото: МТСП

Таа потсети дека во 2021 беше донесен Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, а неколку години претходно земјава ја ратификуваше и Истанбулската конвенција.

Од УНФПА информираат дека оваа конвенција дава рамка за начините на кои државите се одговорни да применуваат мерки за заштита и превенција.

А каква е имплементацијата на овој документ во нашата држава, лани мониторираа експертите од комитетот ГРЕВИО, кој претставува независно експертско тело. Извештајот на експертите треба да биде готов годинава и да препорача во кои области, државата треба да стави поголем фокус во следниот период за подобра информираност, препознавање на насилството и постапување за негова елиминација.

Национални бесплатни СОС линии специјализирани за семејно насилство и за родово базирано насилство

Национален совет за родова еднаквост  – 141 700

Организација на жени на Град Скопје – 15 700

Кризен центар „Надеж“ – 15 300 15

 

Related posts

Мицкоски ја формираше коалицијата „Твоја Македонија“

admin

Бура од критики по повикот на папата за „бело знаме“

admin

Таравари: Нe повеќе од 6 месеци за уставните измени

admin

Холандскиот амбасадор Коп: Не чекате вие, ЕУ ве чека 15 години да ги спроведете реформите

admin

МЕЃУ ХИБРИДНИТЕ ЗАКАНИ, ЗАСКИТУВА И ПО НЕКОЈ УЧЕНИК?

ninja

Незири за Фокус: Зошто ДУИ ги поразува сите ривали цели 20 години

ninja