Граѓаните ќе можат да потпишат изјава за согласност за органодарителство кај својот матичен лекар, според предложените измени на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело, кои од денес се достапни за јавноста преку Електронскиот национален регистар на прописи.
Министерството за здравство соопшти дека измените имаат за цел да го поедностават системот и да ја зајакнат улогата на личната волја на граѓанинот во одлуките за донирање органи по смртта.
„Целта е волјата на граѓанинот да биде примарна, системот да стане потранспарентен и подоверлив, а личната одлука да се врати кај самиот човек“, изјави министерот Азир Алиу.
Според предложените измени, се предвидува проширување на кругот на лица кои можат да бидат живи дарители на органи, како и поедноставување на административните процедури поврзани со трансплантацијата.
Дополнително, се предлага воведување национален регистар на донори во рамки на Националниот систем за електронски евиденции во здравството, кој ќе го води Министерството за здравство.
Здравствените власти наведуваат дека потребата од законски измени произлегла од практичната примена на постојниот закон, која покажала административни и процедурни пречки.
Во меѓувреме, здравствените експерти предупредуваат на предизвиците во обезбедување согласност за донорство.
Националната координаторка за трансплантација, доктор Билјана Кузмановска, изјави дека во последните месеци се забележани повеќе случаи во кои семејствата одбиле да дадат согласност, иако донорите биле медицински соодветни.
„Жално е кога целиот систем се подготвува за трансплантација, а на крај процесот се прекинува поради одлука на семејството“, рече Кузмановска, апелирајќи граѓаните навреме да го искажат својот став и да разговараат со своите блиски.
Таа додаде дека се разгледува можноста за воведување донорска картичка, со која јасно би се евидентирала волјата на поединецот, со цел таа да има приоритет во одлучувањето.
„Еден донор може да спаси до осум животи“, рече Кузмановска.
Предложените измени се дел од пошироки напори за зголемување на јавната свест за органодарителството, кое здравствените власти го оценуваат како клучен механизам за спасување животи и подобрување на квалитетот на здравствениот систем.

