Новиот министер за здравство, Илир Демири посочува дека до изборот на нова влада ќе работи исклучиво за непречено функционирање на здравствениот систем. Ако постизборно ја добие довербата да продолжи да раководи со министерството, вели дека ќе понуди јасна програма и визија за здравството и Клиничкиот центар.
Последен случај кој предизвика лавини реакции во јавноста е одбиената рехабилитација на Леонид Индов во странство. Но, има и други такви случаи. Би ве прашал за ваш личен став како човек, но и како министер – што мислите за овој начин на кој се одбиваат граѓаните и дали како министерство ќе иницирате измени во тие закони и правилници?
Демири: Не би се согласил со поставеното прашање за одбивање. Се работи за пациент кој има сериозна мака и семејство кое се наоѓа во многу неповолна позиција. Но, повредите кои се случени кај детето се објаснети многу убаво и на семејството. Ние како министерство и ФЗОМ не можеме да постапуваме по наши желби. Има јасно дефинирани законски одредби како се постапува и кои пациенти се упатуваат за лекување во странство. Тука во овој случај како забелешка, има една некоординација меѓу Министерство за здравство, Фондот за здравство и центарот кој дава услуги за транспорт со хеликоптер. Сега сме дојдени во една позиција кога треба разумно да се донесе одлука. Секој еден граѓанин на Македонија има поддршка од министерството и Фондот за лекување. Бидејќи пациентот веќе е испратен, а јас сум нов како министер и немам доволно информации што се случувало претходно, ќе побараме да се постапува законски и ќе побараме од Австрија да достави документација за начинот на лекување и што се случува таму со детето. Дали се работи за рехабилитација или за третман. Доколку се работи за третман, се разбира дека државата на секој еден граѓанин нуди да с елекува каде е подобро за него.