8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Субвенционирање на платите не е за цел приватен сектор туку само за три гранки

„Преку деветтиот пакет антикризни мерки, вреден 662 милиони евра, обезбедуваме поддршка за зголемување на платите на работниците во приватните компании“ – оваа објава од владата, придружена и од владејачката СДСМ е манипулативна.

Владата на 28 ноември го објави пакетот антикризни мерки, каде се предвидува ослободување од плаќањето на придонесите за пензиско и здравствено осигурување во приватните компании. Она што не беше кажано, е дека ослободувањето се однесува на само три гранки – градежништво, угостителство и текстилната индустрија.

Субвенционирањето на придонесите Владата го најави како поддршка за приватниот сектор, при што  работодавачот ќе плаќа само персонален данок, додека се ослободува од придонесите за пензиско и здравствено осигурување за делот на зголемувањето на платата. Објавата на Владата и премиерот Димитар Ковачевски ја објасни СДСМ.

Субвенционирањето на придонесите е за зголемување на платите на работниците од 3.000 до 9.000 денари. При тоа оваа мерка можат да ја користат вработени кои примиле плата во висина од една до 1,5 просечни плати за периодот август, септември и октомври 2023 година. Субвенционирањето е за периодот јануари до декември 2024 година.

Не за сите и’ се еднакви на Владата

Меѓутоа, пропуштен е еден важен детал – субвенционирањето се однесува само за три гранки, а не за цел приватен сектор, како што тоа беше случај со субвенционирањето како дел од антиковид мерките од 2019 – 2022 година. Што значи, се работи за манипулативна информација, која целосно до крај не ги открива фактите. Субвенционирањето преку придонеси се однесува само на градежништво, угостителство и текстилната индустрија.

На прашањето зошто е само за овие три гранки, министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека е тоа поради сузбивање на сивата економија.

– Целта е намалување на неформалната економија, а тука има голем број на вработени што работат на црно. Тука беше мисијата на Меѓународниот монетарен фонд каде што рекоа дека треба да има само таргетирани мерки каде што се очекува најголем ефект. Според сите анкети, од самата бизнис заедница рекоа дека таму неформалната економија е повеќе изразена. Пратениците нека го поддржат овој закон, а ако има ефект, може да се прошири и на други дејности. Треба да се внимава и да не се преоптовари буџетот, одговори Бесими.

Токму градежништвото и туризмот се дејностите, кои според третиот квартален извештај на Народна банка покажале раст од 12,7 и 10,6 отсто.

-Според дејности, растот во третиот квартал е најголем во дејноста Градежништвото со раст од 12,7% и Трговијата, транспорт и туризам со 10,6%. Забавување на економската активност се гледа во секторите Земјоделство и Индустрија со раст од 0,1% и 0,8%, соодветно, пишува во Третиот квартален извештај на НБРМ.

Барање да се повлече предлогот

Оваа одлука за распределба на антикризните средства не беше прифатена од одобрување од дел од организациите што ги обединуваат компаниите. Организацијата на работодавачи на Македонија образложи дека ниту биле прашани, ниту за ова се расправало на Економско – социјалниот совет, како што е редот.

-ОРМ изразува незадоволство и бара Предлогот на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на платата да се повлече од Собранието“, побараа од Организацијата на работодавачи.

Во анализата за деветтиот пакет мерки, институт Фајнанс тинк оценува дека оваа мерка носи ризици од манипулација на основната плата која ќе биде земена како споредбена основа за зголемување на платата.

-Притоа, неопходно е како споредбена основа да се земат месеци за кои платите се веќе исплатени, односно тоа би биле месеците август, септември и октомври 2023, оценува Фајнанс тинк во анализата.

Правејќи преглед на предложените мерки, Институтот забележува дека половина од мерките опфаќаат поволни кредитни линии за поддршка на компаниите во износ од вкупно 249.8 милиони евра или 37.7% од буџетот.

-Овие кредитни линии се најчесто обезбедени од Развојната банка или во соработка со меѓународните финансиски институции (ЕБОР, ЕИБ, Банка за развој на Советот на Европа, Светска Банка и Француската агенција за развој), забележува Фајнанс тинк.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бараат мерката субвенционирање на платите да се применува во сите сектори и дејности, со што би биле обезбедени сите работници со плата во висина на просечна месечна плата на национално ниво. Мерката за ССМ ќе даде ефект доколку зголемувањето на платите остане и по завршувањето на периодот од една година на субвенционирање на платите.

Мерката субвенционирање на платите се спроведуваше од 2019 година како антиковид мерки до 2022, кога имаше прекин и ќе продолжи од јануари 2024 година. Како илустрација, кога оваа мерка важеше за сите гранки, во 2020 година, близу 22.000 компании во Македонија добиле субвенционирање на придонеси во случај на зголемување на платите. Според Управата за јавни приходи најголем интерес пројавиле скопските компании, каде субвенционирани се 8.860 компании за 51.760 работници, во Струмица 6.696 работодавачи на 2.691 работници, во Битола 4.230 работодавачи на 23.239 работници, Штип 4.151 работодавач за 26.844 работници , Тетово 3.043 работодавачи за 10.498 работници, Прилеп 2.825 работодавачи на 14.890 работници.

В.К.

Related posts

Драстично намален бројот на невработени млади

admin

На Германија ѝ фалат голем број информатичари и техничари

admin

Украина ги интензивира нападите долж граничните линии

admin

Дали Мицкоски се среќава со Ахмети?

admin

ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЈА РАЗРЕШИ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ЕВА КАИЛИ

ninja

КОВАЧЕВСКИ ПРЕДЛАГА НАГРАДА ПОРАДИ СПАСЕНИОТ СИСТЕМ НА ФЗО

ninja