13.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ако сакаа функционерите уште во март можеа да си ги намалат високите плати

Веќе девет месеци се чека законското решение за намалување на платите на 1260 функционери, кои со една одлука на Уставниот суд добија плати повисоки за 78 отсто. Додека од Владата тврдат дека треба да се променат дури седум закони за да се намалат функционерските плати, претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска  на став – можат во секој момент да донесат нов закон и тоа да го решат.  

 

Дали навистина е многу комплицирана постапка намалувањето на платите или пак во право е претседателот на ССМ Слободан Трендафилов кој констатира: „Сите функционери и од опозиција и од власт и на локално и на централно ниво се сложни кога се во прашање нивните плати“?.

Познат факт е дека во март годинава, Уставниот суд укина одредба од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во коефициентите на плати со што на 1260 функционери од влада, градоначалници, судии, обвинители, им се овозможи да им се зголемат платите за 78 отсто. Високите функционери се сложија дека вака високиот раст на нивните плати не е фер кон работниците и најавија законски измени со кои ќе се намалат платите. Но, од март до денес имаме дузина изјави дека само што не се случила корекцијата на високите плати, кои можат да се сведат на едно што се работи во моментот – формирана е работна група, која треба да понуди законско решение.

Девет месеци подоцна, претседателот на Собранието Талат Џафери и натаму ја прима највисоката функционерска плата од 166.000 денари месечно, претседателот на државата Стево Пендаровски е вториот функционер со највисока плата од 165.000, а по него и трет во низата е премиерот Димитар Ковачевски со 156.000 денари.

Токму Ковачевски има серија изјави во кои декларативно е за намалување на платите, а заедно со вицепремиерот Фатмир Битиќи имаат ред ветувања, ред образложенија кои се менуваа од месец во месец, но остана една константа – функционерските плати и натаму остануваат поголеми за два до три пати од работничките.

Што слушнавме како изговор за функционерските плати да останати исти цели девет месеци?

11 мај – Ковачевски: Законското решение веќе се подготвува

„Треба да се изврши усогласување законот за плати, како што имаат други држави, како во Белгија, но и во нашето соседство, каде што ќе се знае која е највисоката плата и врз основа на кои критериуми ќе бидат регулирани и другите плати. Вакво законско решение веќе се подготвува“.

Димитар Ковачевски, изјава 11 мај 2023 год.

17 октомври –Ковачевски: До следната недела законско решение

До следната недела треба да има работен материјал за законското решение за корекција на функционерските плати. Откако вчера е отворена дискусија во Владата, работна група од економските ресори треба да подготви издржано решение што нема да биде поништено од Уставниот суд“.

Димитар Ковачевски, изјава 17 октомври 2023 год.

3 ноември – Битиќи: Работиме, но мора да се сменат седум закони

„Работиме, сфативме дека не може со еден закон да се сменат сите 1.260 плати на функционери, затоа мора да се направат измени во седум закони. На пример, промената на само еден закон би значела повреда на некои права со друг закон кој би бил неуставен. Работната група го разгледува ова од минатата недела, сакаме трајно систематско решение со кое би се укинала досегашната методологија за утврдување на платите и мислам дека многу брзо работната група ќе го достави предлогот до Владата“.

Фатмир Битиќи, изјава, 3.11.2023 год.

13 декември – Битиќи: До крајот на идната недела се очекува законски предлог до Владата

До крајот на идната недела се очекува работната група да достави предлог до Владата, за тоа како да се намалат платите на функционерите, кои во изминатите девет месеци добиваат огромно зголемување од 78%. Според надлежните, предлогот ќе биде разгледан на владина седница во последната недела од декември, за да добие зелено светло за Собранието. Во собраниска процедура со 61 глас, треба да се изменат 7 закони, кои ги регулираат платите на 1.260 државни функционери, но за тоа нема консензус“.

Фатмир Битиќи, изјава, 13.12.2023 год.

15 декември – Ковачевски: Сите да седнат на маса, потребно е системско решение

„Не можете да вратите одлука на Уставен суд. Одлуката на Уставен суд е финална одлука во државата. Со која одлука ќе поништите одлука на Уставен суд? Уставниот суд постои за да биде финален арбитар на она што се случува во законодавството. Затоа велам дека сите чинители во општеството ќе мора да седнат на маса бидејќи само така може да се направи системско решение

Димитар Ковачевски, изјава 15.12.2023 год.

Дилемите во јавноста делумно ги разреши претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која појасни дека Уставниот суд не ги зголеми платите на избраните и именуваните функционери како што тоа некогаш се покажува во јавноста, но доколку сакаат функционерите, во секој момент може да го сменат законот.

– Уставниот суд цени усогласеност на закон со Устав, дали законот е во склад со Уставот. Она што го направиле тогаш пратениците е неуставно и затоа ние реагиравме. Сега се на потег пратениците и Владата. Можат во секој момент да донесат нов закон, но при тоа треба да ја изменат основна одредба од законот. Како ќе одлучат, какви измени ќе донесат, тоа мора нив да ги прашате. Ако е таа одредба уставна, и ако имаме иницијатива, секако дека не би повеле постапка. Но, ако има повторно неуставна одредба, секако дека ќе има поведување на постапка. Но, тоа е се’ што би се случувало дополнително, изјави Кацарска во телевизиско гостување.

При тоа, со законските измени ќе може да се намалат платите кај само половина од тие 1260 функционери. Другата половина се судиите и обвинителите,  на кои како што појасни Кацарска не смеат да ги намалат платите затоа што тие имаат посебни свои закони за плати. И никој според тој закон не смее да ја намали платата на судиите и обвинителите, објасни претседателката на Уставниот суд.

Што треба да се промени?

Според толкувањето, треба да се измени членот 11 од Законот за плати на избрани и именувани лица. Премиерот Ковачевски објасни дека треба да се сменат или коефициентите за пресметка на платата или основицата за пресметка на платата, што на двапати ја оспоруваше Уставниот суд.

Проблемот настанал со пресметката на коефициентот кај различни функционери, кои се разликуваат и не може да стане збор за унифицирано решение.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека Уставниот суд може да постапи како со платите на вработените во Министерството за финансии.

–Уставниот суд пред некој ден не донесе времена мерка за замрзнување на платите на функционерите, отфрлајќи иницијатива на невладина организација за овој проблем. Очигледно е дека и Уставниот суд потфрла на задачите што ги има, оцени Трендафилов.

Трендафилов се повикува на  одлуката на Уставниот суд од 5 декември да поведе постапка за преиспитување на уставноста на членот 66 став 3 од Законот за буџети, со кој се овозможи покачување за 30 отсто на платите на вработените во Министерството во финансии и органи на државна управа кои вршат работи поврзани со Буџетот.

Меѓутоа, како што објаснуваат од Уставниот суд, овој суд не може да замрзнува плати, туку оценува дали донесениот пропис е во склад со Уставот.

-Во случајот со платите на вработените во Министерството за финансии донесена е времена мерка до конечна одлука, што значи додека не се произнесе Судот конечно нема да земаат плата со 30 отсто, е објаснувањето на Уставниот суд.

Се работи за одлука со која се надополнуваат платите за 30 отсто на сите вработени во Министерството за финансии, што потоа повлекува редица недоследности, до клучниот проблем во ПИОМ, каде на зголемениот износ не може да се пресмета ставка за придонеси на додатокот.

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов оцени дека сите функционери и од власта и од опозицијата се здружени во напорите да не им се намали платата.

– Ветувањето дадено од функционерите дека ќе бидат на исто ниво со работниците не е исполнето. Со договорот што го постигнавме требаше функционерите да покажат добра волја и да ги изменат законите и посебно висината на просечната плата за која добија 78 проценти зголемување врз основа на одлуката на Уставен суд. Но, ние видовме дека функционерите не размислуваат за работниците и затоа се случуваат штрајкови, а ќе се соочат со гневот на работниците. Нечовечки е да се оправдувате пред целокупната јавност и им кажувате дека седум закони се потребни да се променат за функционерите да ги вратат платите на нивото од март оваа година. И потоа системското решение за кое кажуваат дека е донесено за март 2025 година со Општиот колективен договор сите да бидеме исти пред законот и колективниот договор и сите да имаме просечна плата и плата  по коефициент на сложеност за работните места, изјави Трендафилов.

Тој изрази сомнеж дека намерата да се менуваат најавените седум закони, вклучително и Закон за административни службеници, има заднина. Со измената на овие закони, како што тврди Трендафилов, на 186.000 административци ќе им се ускрати можноста во март следната година да добијат плата усогласена со порастот на инфлацијата. Тоа би значело кратење на по 2000-2.500 денари од вработен.

В.К.

Related posts

Сопствениците скришно ги закопуваат своите миленици: Каде е предизборно ветената локација за погребување во Скопје?

admin

Мојот пријател Рудичка

admin

ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ЗА ПРОРУСКИТЕ СЕПАРАТИСТИ КОИ ГО УРНАА МХ17

ninja

За четири години 19 жени го загубиле животот главно од раката на своите партнери – Расте бројот на фемициди во Македонија

admin

С.Македонија со најмал број на возила во споредба со ЕУ

admin

МУНДИЈАЛОТ ВО КАТАР МЕЃУ КОНТРОВЕРЗИТЕ И КВАЛИТЕТНИОТ ФУДБАЛ

ninja