20.8 C
Скопје
19 јули, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Олигарси против ЕУ?

Следуваа обвинувања од ДУИ за „хибриден“ напад врз нив од политички бизнис-центри. Бидејќи, нели, напад врз ДУИ е напад врз евроатлантската иднина на нашата земја, беа пласирани тези за бизнис-центри или олигарси против ЕУ. Дали судирот меѓу ДУИ/СДСМ и стопанските комори е околу економските реформи и борбата против корупцијата или станува збор за отпор на олигарсите против ЕУ-интеграции?

Пишува: Сашо Клековски

Демократија, правда, Европа се трите прашања на кои СДСМ дојде на власт, а по седум години ДУИ/СДСМ не постигнаа ниту една од политичките цели, односно не донесоа ниту демократија, ниту правда, ниту Европа! Како водење изборна кампања на овие теми ќе биде многу тешко изводливо, особено откако пропадна идејата за „Фронт за ЕУ“ и изолираниот СДСМ е во очајна потрага по тема за овие избори и по сѐ изгледа ќе се врати на работничката тема. Таа тема СДСМ ја експлоатираше и на претходните избори со прашања како прогресивен данок, зголемување на најниските плати и неработна недела. И имаше неколку левичари во првата влада на Зоран Заев, како Драган Тевдовски и Бранимир Јовановиќ. И работничката агенда и левичарите не траеја многу долго, бидејќи не се искрени и не се вкоренети во СДСМ. СДСМ немал и нема јасна врска со работниците и синдикатите, како повеќето европски лабуристички и социјалдемократски партии. СДСМ немал и нема јасна лева агенда. Напротив, имал јасна врска со транзицискиот капитал.

Тоа нема да го спречи Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, да најави еден од лајтмотивите на нивната изборна кампања, дека „СДСМ е партија на работниците, а не на капиталот“ и за „поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места“. Небаре изјавиве доаѓаат од синдикален лидер како Лех Валенса, а не од Димитар Ковачевски, кој во СДСМ доаѓа од позицијата директор на една од најголемите корпорации во Македонија. СДСМ – партија на работниците, не на капиталот, со лидер директор на капиталот. Толку за ова, а за „поголеми плати, поголеми пензии, повеќе инвестиции, повеќе и подобро платени работни места“ имаше доволно други анализи дека се во категоријата на лажни вести.

Димитар Ковачевски со изјавата дека СДСМ е партија на работниците, а не на капиталот, освен што им се додворуваше на гласачите, ги обзнани своите лоши односи со стопанските комори, за кои веќе отворено во јавноста говорат претставниците на тие комори.

Всушност недоразбирањата во 2021 година прв ги најави Хари Костов, директор на Комерцијална банка, во говор на настан посветен на Охридскиот рамковен договор, кога ќе побара наместо спроведениот рамковен договор „партиите да потпишат нов договор за економски реформи“ и борба против „сѐ поголемата корупција“. По одредено време следуваа обвинувања од ДУИ за „хибриден“ напад врз нив од политички бизнис-центри. Бидејќи, нели, напад врз ДУИ е напад врз евроатлантската иднина на нашата земја, беа пласирани тези за бизнис-центри или олигарси против ЕУ. Дали судирот меѓу ДУИ/СДСМ и стопанските комори е околу економските реформи и борбата против корупцијата или станува збор за отпор на олигарсите против ЕУ-интеграции? Дали кога поранешен амбасадор на Франција ќе рече дека десет фамилии владеат со Македонија, мислел на бизнис-олигарсите?

Прво треба да дефинираме што е олигархија? Олигархија е кога моќта е во мала група луѓе што се здружени според една или повеќе карактеристики како благородништво, богатство, корпоративна, религиозна, политичка или воена контрола. Бизнис-група може да се дефинира како олигархија ако нејзините членови се сопственици на најголемите фирми, контролираат повеќекратни бизниси и имаат доволно политичко влијание да ги промовираат своите интереси. Значи треба да имаме таква група, па потоа таа група да биде анти-ЕУ. Во старт за да има таква група треба да има доминантен сектор, како на пример нафта и гас во Русија (24 проценти од БДП) или Саудиска Арабија (50 проценти од БДП). Во Македонија таков доминантен сектор нема, а на пример секторот рударство, снабдување со енергија, управување со води и отпад учествува 11,6 проценти во БДП. Од овој сектор поголема е дури и јавната управа (12,4 проценти од БДП). Озлогласениот банкарски сектор (финансии и осигурување) е само 3,6 проценти од БДП и од него помал е само секторот уметност, забава и рекреација со 3,5 проценти од БДП. Македонија нема ни единствено коморско организирање бидејќи постојат три комори: Стопанска комора, Сојуз на стопански комори и Стопанска комора на северозападна Македонија.

Тогаш каде да се бара? Да почнеме со најголеми сопственици? Кои се десетте најголеми фирми во Македонија? Тоа се „Џонсон Мети“, „Окта“, „Макпетрол“, ЕСМ, „ЕВН хоме“, ГЕН-И, ТЕ-ТО, „Кромберг и Шуберт Македонија“, Електродистрибуција (ЕВН), КАМ. Според јавно достапни податоци, три од десетте фирми се со македонска сопственост, а другите се со странска, од кои шест се од ЕУ/ОЕЦД-земји. Македонски се „Макпетрол“ (нафта), ЕСМ и КАМ (маркети), од кои ЕСМ е во државна сопственост. И до дваесеттото место има само две фирми со македонско сопствеништво „Супертрејд“ (нафта) и „Алкалоид“ (фармација).

Овие неколку фирми во македонска сопственост не се меѓусебно поврзани, освен во легитимно коморско здружување, така што не може да се говори за бизнис-олигархија. Дали ДУИ/СДСМ мислат дека се олигарси и анти-ЕУ другите фирми, кои се најчесто во ЕУ-сопственост?

Можеби ова бизнис-олигархија се банките? Кои се десетте најголеми банки? Тоа се: Стопанска банка (Грција), Комерцијална банка (Македонија), НЛБ (Словенија), Халк (Турција), Шпаркасе (Австрија), Прокредит (Германија), Развојната банка (Македонија), УНИ (Бугарија), Стопанска банка – Битола (Македонија) и ЦКБ (Бугарија). Дали Грција, Бугарија, Словенија, Австрија и Германија се анти-ЕУ?

Можеби се најбогатите во Македонија? Според различни листи, тоа се Илија Гечев (ИГМ „Трејд“), Андреа Јосифовски („Макпетрол“), Живко Мукаетов („Алкалоид“), Минчо Јорданов, Камчеви (КАМ), Страшо Милковски („Гранит“), Слободан Кутревски („Пекабеско“), Владимир Тодоровиќ (ТИНЕКС), Кочо Анѓушев („Фероинвест“) итн. Повеќето немаат изразена партиска блискост, а двајца или тројца порано имале политички функции или медиумска моќ. Неколку од најбогатите се од извозно ориентирани фирми, зошто би биле против ЕУ?

Да резимирам, повеќето најголеми фирми или најголеми банки се во странско сопствеништво, најчесто од држави членки на ЕУ, а најголемите фирми во македонско сопствеништво и најбогатите Македонци најчесто се извозно ориентирани или неповрзани со јавни набавки и нивен интерес се реформи, борба против корупција и членство во ЕУ. Во Македонија нема бизнис што е против ЕУ. Има еден исклучок, тоа е секторот на енергија, вклучувајќи нафта. Зошто? Сектор енергија, како и воена индустрија каде што има малку големи играчи и има јавни набавки се сектори со највисок коруптивен ризик на светско ниво. Кај нас има моќни фирми во државна сопственост како ЕСМ или МЕПСО, каде што има силни јавни набавки. Во најголемите 20 фирми од енергијата се ОКТА (Грција), „Макпетрол“ (Македонија), ЕСМ (Македонија), „Ген И“ (Словенија), ТЕ-ТО (Русија), Електродистрибуција (Австрија), „ЕТМТ енерџи“ (Албанија), ЕВН (Австрија), „Супертрејд“ (Македонија), МЕПСО (Македонија), „ЕВН трејдинг“ (Австрија). Кој е изненадување на листата? „ЕТМТ енерџи“, која е формирана во 2022 година и веднаш влегува на листа на 20 најголеми фирми во Македонија. Со што? Со купување вишоци струја од државната ЕСМ. ДУИ/СДСМ во стилот лоповот вика „држте го лоповот“, напаѓа бизнис-центри за анти-ЕУ, а единствени анти-ЕУ во државава е оваа ДУИ/СДСМ-клика.

 

Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2024

Related posts

Провладини апологети со анатема за БРИКС

admin

На патот кон ЕУ: Поставени се здрави фундаменти во јавните финансии и функционална пазарна економија

admin

Another BRICS in the World

admin

Пет причини за граѓаните да инвестираат во граѓанската обврзница – петка за граѓаните

admin

Нација во шок!

admin

Зошто посетата на Курти во Северна Македонија беше грешка?

admin