8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКАХРОНИКА

Преместување во ќелија, мобилни телефони, оружје… Кој е ценовникот во затворите? Корупцијата цвета, а условите никакви

Премногу затвореници, а премалку вработени во казнено-поправните установи. Несоодветни материјални услови и недостиг на здравствена заштита. Слабостите во постапувањето со осудените лица во земјава укажуваат на корупција и лош и нехуман однос.

Заложбите на државата, на меѓународните, но и на домашните организации не се доволни, па казнено-поправните домови потфрлаат во исполнувањето на своите законски обврски. Ова се само дел од заклучоците што невладиниот сектор ги нотираше во своите најнови извештаи, а на кои со години укажува и меѓународниот фактор.

 

Пишува: Вања Мицевска

Фото: Хелсиншки комитет за човекови права

Лишени од слобода, но слободно доаѓаат до добра и услуги кои на хартија се забранети, а во пракса се купуваат со пари. Корупцијата „цвета“ во македонските затвори, покажуваат извештаите неколку години по ред, и покрај напорите на државата да ја подобри состојбата со две стратегии до 2025 година.

Така, во затворот Идризово тарифите за „забранетите повластувања“ се движат од неколку стотици до две илјади евра.

Преместувањето во ќелија од просторија за колективно сместување чини две илјади евра, а еден смартфон околу триста, но тоа повлекува и друг трошок, односно плус дневно плаќање во мал износ на затворските службеници „за да гледаат во друга насока“.

Сите овие недостатоци ги нотирал Европскиот комитет за спречување на тортурата и нечовечното казнување (КПТ) во 2017-та година, но тие се забележуваат и понатаму, односно во следните два извештаја од 2019 и 2020 година.

Досегашните заложби недоволни, проблемите во затворите „тлеат“ 20 години

Наоди за корупција бележат и извештаите на домашниот невладин сектор, од каде укажуваат дека ова останува главен проблем во казнено-поправните установи ширум државата.

Извештаите изготвени во рамките на проектот „Борба против тортура и нехуман третман“ на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници укажуваат дека осудениците немаат соодветен пристап до здравствена заштита, ниту соодветни материјални услови за живеење. Организациите тврдат дека за ова редовно добиваат информации од затворениците, кои сепак не поднесуваат формална пријава од страв да не ги загубат своите права и погодности.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска вели дека досегашните заложби на државата не се доволни, бидејќи истите проблеми се провлекуваат во континуитет веќе две децении. За да се подобри состојбата, пред сѐ потребна е политичка волја, но и самата држава да вложува средства во казнено-поправните установи.

„Не може Владата да се потпира само на помошта што ја добива од различни меѓународни организации или од активностите коишто ние граѓанските организации ги спроведуваме и да се каже дека – да, се прават напори за да се обезбеди соодветен пристап кон осудениците.Јас секогаш потенцирам дека главната вина не е ниту во оние коишто раководат со казнено-поправните установи, ниту со Управата за извршување на санкции. Се работи исклучително за одговорност на државата“, изјави Пировска,

Според неа, тоа што затворениците сѐ уште престојуваат во супстандардни услови е резултат на негрижата на државата.

Претставниците на граѓанските организации во рамките на проектот оствариле над 30 посети на казнено поправните домови, но и психијатриски болници, а им укажале бесплатна правна помош на 317 лица. Искуството говори дека главните проблеми на чие решавање треба да се работи се пренатрупаноста во затворите и несоодветниот пристап до здравствена заштита.

„Државата треба да преземе активни мерки за да овозможи услови соодветни за издржување на затворската казна и пристап до здравствената заштита. Затоа што вие кога имате лица кои се во затворите, а коишто немаат соодветен пристап до здравствена заштита тука апсолутно имате нееднаков третман и дискриминација, нешто што мора да се искорени“, вели Александра Цветановска од Македонско здружение на млади правници.

Според неа, државата треба сериозно да ги земе предвид наодите од истражувањата и да ги опфати во идните стратегии кои се однесуваат на овие установи.

Наодите од извештаите да влезат во идните национални стратегии – бараат невладините

А наодите меѓу другото, укажуваат и дека програмите за ресоцијализација, како и условите за нивно имплементирање и постпеналната помош се сè уште недоволни и неприменливи.

„Ние не успеваме во тоа што значи како осуденик да сфати дека сторил грешка и кога ќе излезе надвор да биде примерен граѓанин и да не го стори делото повторно. А знаете зошто не успеваме?  Особено во затворот Идризово, таму не владее државата. Таму не владее правото. Таму владее осуденичко општество. И тука е најголемиот пропуст на државата“, објаснува Пировска.

-Она што особено загрижува е малиот број жалби поднесени од страна на осудени лица за донесени решенија за изрекувања дисциплински мерки – се наведува во извештаите.

Праксата покажува случаи кога осудените лица не ги примиле решенијата за изрекување дисциплинска мерка. На пример, доколку тие се наоѓаат во самица, решението е прикачено на вратата од самицата, а осудените лица успеваат да стапат во контакт со некоја невладина организација, правник и/или адвокат откако ќе завршат со издржување на дисциплинската мерка.

Паралелно, се зголемува незадоволството кај припадниците на затворската полиција.

Според извештаите, тие укажале дека им е нарушена безбедноста и дека се соочуваат со сериозен проблем поради зголемениот број притисоци и закани кон нив лично, но и кон нивните семејства и блиски.

Пренатрупаноста и пристапот до здравствена заштита – најитни проблеми за решавање

За проблемот со пренатрупаноста пак, доволно говори и податокот дека само во затворот Идризово се сместени 1149 осуденици, иако капацитетот за сместување е за 900 лица.

Супстандардните услови во поглед на влага и материјални услови, претставниците на невладините ги забележале уште во приемното одделение на оваа установа. Токму поради пренатрупаноста, таму осудените лица се задржуваат подолго време од потребното, на што влијае и долгиот процес на стручна проценка од надлежниот тим.

Директорот на затворот, Зоран Јовановски вели дека веќе се прави реконструкција, но пренатрупаноста и понатаму останува проблем.

„Се прави реконструкција, односно санирање на некои оштетувања во полуотворено и отворено оделение, а во затворено се објектите што се наследени и таму се подобруваат условите за сместување во однос на капацитетите, меѓутоа сѐ уште имаме пренатрупаност“, додава Јовановски.

Тој информира дека со цел да се избегнат инциденти, управата на затворот перманентно презема акции на претреси и одзема недозволени предмети, како што се ножеви, шрафцигери, клешти и слично, а веќе се побарани и скенери.

„Ние како Управа имаме побарано да се зголеми бројот на скенери и до ден денес од релевантните институции кои треба да ги набават тие скенери сѐ уште немаме никаков одговор“, потенцира тој.

Во затворот Идризово паралелно трае и кризната состојба која беше прогласена лани во јуни со цел да се спречат безбедносните закани, кои претходно произлегоа од недоволниот кадар.

„Во моментов се чека на согласност од Министерството за финансии за вработување на нови припадници на затворската полиција, а во меѓувреме затворот го обезбедуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата“, нагласува директорот на установата.

Во неа се наоѓаат најголем број осудени лица од кои повеќето се со безбедносен ризик. Поради недоволните сместувачки капацитети тие спијат во ходниците (или на импровизирани кревети или на земја), а некаде спијат и „на смени“.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет вели дека одговорноста за големиот број осуденици е кај правосудните органи. Таа порачува дека тие всушност не размислуваат за опцијата „алтернативни мерки“.

„Најлесно им е да донесат мерка притвор па пресуда за затвор. Во принцип тоа е еден мозаик. Не можете да се фатите само за еден дел и да речете дека е среден проблемот. Тука се и правосудните органи, полицијата и казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Треба да се вложува во сите сегменти кои имаат врска со овој проблем“, додава Пировска.

Препораки од граѓанските организации

Освен на состојбата во затворите, новите извештаи ја даваат сликата и за условите во психијатриските болници и установи за социјална заштита. По нивната посета, граѓанските организации констатирале дека тамошните материјални услови не ги задоволуваат ниту основните стандарди.

Според стручните лица, вложувањето средства во подобрувањето на овој систем треба да се сфати како инвестиција, а не како трошок. Тие укажуваат дека системот на психијатриски болници треба да се реформира со вклученост на Министерството за труд и социјална политика и Министерството за правда.

Од МТСП со став дека извештајот е реален, а препорактите се поклопуваат со оние на кои веќе работи министерството.

Здруженијата апелираат оваа институција да ги едуцира семејствата на пациентите, со цел тие полесно да се интегрираат во заедницата по излегување од болницата. Меѓу препораките се и зголемување на тимот, но и вложување во нивни обуки, а здравствените власти да обезбедат финансиски средства за сите душевно болни да имаат пристап до соодветните лекови и да го добијат потребниот третман.

 

Related posts

Невработеноста во ЕУ на историско најниско ниво

admin

Има ли „кочница“ за банкарските провизии при плаќање сметки?

admin

Столтенберг: НАТО размислува за постојано зголемување на војниците во Косово и во регионот

admin

Шолц: ЕУ мора да го награди напредокот на С. Македонија

admin

САД: С.Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот дијалог за решавање на разликите

admin

СИЛНО ЕХО ПО ПОТЕРНИЦАТА ЗА ВОЕНИ ЗЛОСТОРСТВА ЗА ПУТИН

ninja