16.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Идејата на Зеленски за рехабилитација на украински деца и војници се разгледува во Скопје

Прифатлива е идејата на украинскиот претседател Зеленски ранети и повредени украински војници да дојдат на рехабилитација во Северна Македонија, вели претседателот Пендаровски. Македонските власти разгледуваат и можност за рехабилитација на украински деца од воените зони. На Балканот ваква помош Украина веќе доби во Хрватска.

Балканските држави, вклучително и Северна Македонија, да помогнат во рехабилитацијата на деца од Украина и на ранети украински војници, е иницијатива што претседателот на Украина, Володомир Зеленски ја дискутираше со претседателите на Северна Македонија и на Црна Гора, Стево Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.

Предлогот на украинскиот претседател уследи откако Хрватска во 2023 година, со одлука на владата прими ранети Украинци и ги згрижи во своите здравствени установи.

Пендаровски: Идејата е начелно прифатлива за нас

Зеленски на својот профил на социјалната мрежа Икс сподели видео од средбата со Пендаровски на маргините на самитот во Тирана. Во кратки делови од нивниот разговор се слуша дека двајцата претседатели разговараат за можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украински деца со помош на балканските држави.

„Лидерите разговараа и за создавање центар за рехабилитација на ранетите украински војници и децата на загинатите бранители со учество на балканските земји. Ако нашите пријатели ни помогнат, можеме да зборуваме за коалиција за рехабилитација. Ќе биде многу важно ако нашите балкански пријатели можат да помогнат да се организира таква платформа со учество на различни земји“, рекол Зеленскиспоред соопштението на интернет страницата на претседателот на Украина по средбата со Пендаровски во Тирана.

Од Кабинетот на Пендаровски за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека станува збор за првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска и претседателот на Црна Гора, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 90-те години.

„Идејата е начелно прифатлива за нас, при што е потребна кокретна разработка на деталите што ќе биде во надлежност на владите од земјите кои ќе изразат согласност да земат учество во оваа програма“, велат од Кабинетот на Пендаровски за РСЕ.

За реализација на оваа идеја за рехабилитација на војници од Украина во соодветни задравствени и центри за рехабилитација треба да се изјасни и Владата.

На истата тема, рехабилитација и лекување на украински војници, Зеленски разговарал и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, исто во рамки на Самитот Украина – Југоисточна Европа во Тирана.

„Имав средба со претседателот Јаков Милатовиќ и се заблагодарив на Црна Гора за гостопримството на Украинците кои избегаа од војната. Разговаравме и за лекување и рехабилитација на украински војници во Црна Гора“, напиша Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс.

Амбасада на Украина: Се разгледува можноста за рехабилитација на деца

Во моментов Амбасадата и македонските власти ја разгледуваат можноста за рехабилитација во Северна Македонија на деца од Украина. Станува збор за деца од ранливите категории и одржување на тренинзи за деца спортисти од Никополскиот реон во Днипропетровската област, велат од Амбасадата на Украина за Радио Слободна Европа.

Од таму објаснуваат дека наведениот регион се наоѓа во непосредна близина на зоната на воени дејствија и „секојдневно се наоѓа под гранатирање од територијата на Украина привремено окупирана од земјата агресор Русија“.

„Имајќи во предвид дека во Никополскиот реон речиси и не прекинува да се огласува воздушната тревога, проблемот за развојот на децата кои се лишени од нормален образовен процес, култура и спорт особено е акутен. Затоа, ние искрено ќе им бидеме благодарни на соодветните институции и организации на Северна Македонија за можноста да се реализира ваква иницијатива“, ни одговорија од амбасадата на Украина во Северна Македонија.

Амбасадата се обраќала и со молба до македонската страна околу можноста за приклучување кон процесот на обнова на Украина. Конкретно, според одговорот од амбасадата, украинската страна понудила да се разгледа можноста за спроведување на иницијативата за обновување или реконструкција на инфраструктурни објекти во Кијевската област. За ова се разговарало за време на посетата на Украина на 15 јуни 2022 година на премиерот на Албанија, Еди Рама и премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, на која онлајн се приклучи и тогашниот премиер на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Помош и од хрватските ветерани

Иницијативата на Зеленски да побара, како што ја нарече, балканска коалиција за помош на ранетите украински војници потекна од примерот на Хравтска.

Владата на Хрватска во март 2023 година донесе одлука за пружање помош при лекување и рехабилитација на ранети лица од Украина во Република Хрватска. По лекувањето во здравствена институција, беа упатувани на рехабилитација во центри за ветерани.

„ Имајќи го предвид нашето искуство од Татковинската војна, Хрватска е подготвена да го сподели своето знаење, експертиза и искуство со цел да обезбеди медицинска нега на ранетите луѓе од Украина“, соопштија тогаш од хрватската влада.

Притоа Хрватска пречека неколку групи ранети Украинци.

„Ние сме единствената земја-членка на ЕУ која, за жал, имаше Татковинска војна, која имаше искуство со тешко ранети, а нашиот медицински персонал има искуство со воени рани“, изјави тогаш потпретседателот на владата, Томо Медвед.

Ранетите што пристигнаа во Хрватска имаат статус на лица под привремена заштита, а со тоа и права какви што имаат други раселени лица во Хрватска. Освен лекарите, помош им даваа и хрватските воени инвалиди, преку дружење и разговор.

Светската здравствена организација (СЗО) во 2023 година укажа дека Украина има треба итна потреба од повеќе центри за рехабилитација. СЗО укажа дека од руската инвазија, потребата за рехабилитација никогаш не била поголема во Украина и во соседните земји.

СЗО – на Украина и треба помош во рехабилитација

Според податоците на СЗО, од почетокот на војната, неколку илјади луѓе во 25 здравствени домови добиле третман за физичка рехабилитација. Тоа е постигнато преку хуманитарни коридори, дополнителна обука на медицинскиот персонал и обезбедување дополнителни медицински материјали.

Некои од Украинците со повреди на главата, изгореници, скршеници и ампутации, на кои им треба специјализирана медицинска помош и физичка рехабилитација се принудени да патуваат во соседните земји за да добијат нега. Според СЗО, повредите добиени за време на војна може да доведат до катастрофални и долготрајни физички и психолошки компликации.

„Бариерите што ги видовме вклучуваат насочени напади врз здравствени установи, помалку достапни здравствени работници поради раселување, намален јавен превоз, прекинати синџири на снабдување и недостиг на електрична енергија. Сепак, и покрај овие предизвици, здравствените власти и партнерите, вклучително и СЗО, наоѓаат начини да ги зајакнат напорите за рехабилитација на национално ниво“, рече д-р Сатиш Мишра, технички службеник за попреченост, рехабилитација, палијативна и долгорочна нега во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа на 7 март 2023.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 25 февруари рече дека 31 илјади украински војници и десетици илјади цивили се убиени од почетокот на руската инвазија пред две години.

„Не 300.000, не 150.000, ниту, за како што лажеше (рускиот претседател Владимир) Путин и неговиот измамнички круг. Но, сепак, секоја од овие загуби е голема жртва за нас“, рече тој на прес-конференција во Киев на две годишнината од руската инвазија на Украина.

Зеленски рече дека нема да разговара за бројот на повредени, наведувајќи безбедносни причини.

Се чини дека тој број е првиот официјален податок за загинати украинските војници. Последен пат кога Киев зборуваше за бројот на борбени загуби беше на крајот на 2022 година, кога претседателскиот помошник Михаило Подољак рече дека биле убиени од 10.000 до 13.000 украински војници.

Зеленски тврди дека Русија изгубила 180.000 војници, кои се убиени и 500.000 ранети во војната, бројки многу повисоки од другите проценки, но невозможни да се потврдат.

Русија не ги открива своите воени загуби.

Обединетите нации (ОН) на 21 февруари соопштија дека најмалку 10.582 украински цивили биле убиени откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година, додавајќи дека „вистинскиот број на цивилни жртви веројатно ќе биде многу поголем“.

Во меѓувреме, Украина ги продолжува разговорите со западните партнери за обезбедување оружје и „континуитет на поддршката“.

Украина чека нов пакет воена помош од Соединетите Американски Држави (САД) во вредност од 60 милијарди долари, кој е блокиран од Конгресот.

Извор: Радио Слободна Европа

Related posts

Мицковски се сретна со Гир

admin

Како економски тенкови, турските компании го гледаат Египет

admin

Груевски му врати на Мицкоски, му постави две прашања

admin

Почна трката по бројки: кога и како ќе заврши?

admin

ВО ЖИВО Избори во Турција: Од 35% избројани гласови, води Ердоган

admin

Што ја мотивира „премиерата“ на Али Ахмети?

admin