11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Опасниот заборав на евроинтеграциите

За прв пат во историјата на Северна Македонија, имаме предизборен период, каде интеграцијата во Европската унија (ЕУ) не се користи како ветување за собирање гласови. Додека Францускиот предлог го покрива прашина во фиоките на Собранието, политичките партии се однесуваат како се да е во ред и дека изборите на 8 мај ќе ги донесат и бројките за усвојување на уставните измени. Тоа што евроинтеграциите речиси и не се спомнуваат во предизборниот дискурс е опасност која треба да ги алармира сите оние кои сакаат подобра перспектива за својата земја и народ.

Пишува: Џелал Незири

Овој заборав на евроинтеграциите може да доведе и до преиспитување на стратешката ориентација на земјата, иако од 2020 година е членка на НАТО. А овој заборав има извор во растот на евроскептицизмот или во падот на поддршката за интеграцијата во ЕУ, како резултат на три  последователни блокади.

Веднаш по осамостојувањето на државата, во 90-тите, поддршката за ЕУ ​​беше речиси апсолутна. Речиси 90 отсто од граѓаните беа готови да го подржат членството на референдумско изјаснување. Потоа, поради немањето јасна европска перспектива и ветото од Грција, оваа поддршка постепено почна да опаѓа. Според анкетите на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ објавени на крајот на декември 2023 година, во 2014 година оваа поддршка изнесувала 80%, додека денес е падната на 60%. Надолната траекторија е забавена во 2018 година, кога земјата го реши 30-годишниот проблем со името со Грција, додека една година претходно го потпиша Договорот за добрососедство со Бугарија. Во 2019 година поддршката паѓа на 65%. Тоа е година кога Франција го блокираше отворањето на преговорите со Северна Македонија поради промената во методологијата. Надминувањето на проблемот и отворањето на патот за почеток на преговори резултираше со благ пораст на поддршката за ЕУ ​​во 2020 година, кога 69 отсто изјавија дека се за интеграција во Унијата. Но, од тука започнува падот на поддршката за ЕУ ​​поради ветото од Бугарија, кое продолжува уште понатаму заради неможноста да се отворат првите поглавја во преговарачкиот процес. Ноември беше поставен како краен рок за усвојување на измените, месец кога заврши скрининг фазата, но главните партии не постигнаа договор за да се обезбедат две третини од гласовите во Собранието, неопходни за поминување на измените на Уставот. Ова има уште поголемо влијание врз растот на евроскептицизмот, при што најновото истражување објавено од Институтот за демократија покажува дека само само 52% и од новата генерација граѓани (18-23 години) го подржуваат евроинтеграцискиот процес.

Најновите истражување покажува дека, не само што паѓа поддршката за ЕУ, туку и кај граѓаните на Северна Македонија се зголемува процентот на оние кои мислат дека земјата има алтернатива за интеграцијата во ЕУ. Речиси половина од граѓаните сметаат дека друга алтернативна унија (БРИКС, на пример) би била добра алтернатива за ЕУ. Етничката поделеност во расположението е голема: само една третина од етничките Македонци се согласуваат дека интеграцијата во ЕУ е добра работа, додека подрѓката кај етничките Албанци е 84,2%.

Значи, трите вета од членки на ЕУ се главниот фактор што го зголеми евроскептицизмот во земјата и ја сведе поддршката за Унијата на најниско ниво. Оваа политика на циклично вето потоа произведува политичари кои не се толку посветени и мотивирани за реформи, како што е актуелната власт во Скопје. Колку е поголема поддршката за ЕУ, толку е поголем граѓанскиот притисок врз политиката за исполнување на критериумите за членство, или за европеизација на државата и општеството.

Фактот дека постојат големи етнички разлики кога станува збор за перцепцијата и поддршката на европските интеграции, го прави ова прашање важно за безбедноста и стабилноста на Северна Македонија. Во случај Албанија сама да оди напред во преговарачкиот процес, етничките Албанци ќе се чувствуваат фрустрирани поради „долгото чекање предизвикано од етничките Македонци“. Ова може да отвори старо-нови теми за етничките Албанци во Северна Македонија, кои може да бидат ставени во контекст на епилогот од разговорите Приштина-Белград.

Related posts

Коруптивен хаос

admin

Интервјуто на Путин: „ток-шоу или сериозен разговор“

admin

ШТАЈНМАЈЕР: НЕ СЕ ВРАЌАЈТЕ НАЗАД ОД ПОСЛЕДНИТЕ МЕТРИ

ninja

НОВОГОДИШНА: ЗА ГЛОБАЛНАТА И ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА И КУСА ПОРАКА ЗА ПОДОБРО УТРЕ

admin

БУГАРИЈА, МАКЕДОНИЈА И „ПЛЕМИЊАТА“ ВО АВГАНИСТАН

admin

Ало, Телеком! Очајно ни треба Европа!

admin