11.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

БУГАРИЈА, МАКЕДОНИЈА И „ПЛЕМИЊАТА“ ВО АВГАНИСТАН

Пред повеќе од десет години седев во градски автобус во Лондон до еден доста возрасен маж. Во кусиот разговор, откако ме распраша од каде сум и што работам, ми рече : „Ах, сум поминал низ Македонија, како војник на пат кон Египет, за време на Суецката криза. Знам, Балканот е како Авганистан, закрвени племиња!“  

Пишува: Билјана Георгиевска

По логиката на фудбал на мали голчиња, најмалиот ја прибира топката кога ќе излета, за да не добие заушка. Кога малиот ќе потпорасне, фрустрацијата ја истура малтретирајќи помали од себе. Таква се чини логиката на најсиромашната и најкорумпирана членка на Европската Унија кога со години ја малтретира и и става сопки на „помалата од себе“ соседна држава, кандидатка за влез во друштвото. Но кога сопките продолжуваат, дури зачестуваат, во услови на војна на континентот, кога европските држави, од запад до исток, се консолидираат по многу сериозни прашања и сплотено одговараат на новите закани, тука веќе не гледам никаква логика, ни маалска, а камо ли регионална. Гледам само длабока интелектуална закоравеност на бројни претставници на власта и ним близок хор општественици и политички приврзеници. Гледам и уште нешто, што кај мене предизвикува големо разочарување, а тоа е фактот дека и по 15 години членство во елитното европско друштво, не мора да значи дека провинцијата ќе успее да се рафинира, да се европеизира. Всушност Бугарија е европска колку што пилешкото кари е англиско.

Додека во Скопје се анализира новиот “enough is enough“наратив на до сега непоколебливите владини оптимисти околу преговорите со Бугарија, кои во јануари здушно дуваа во балонот полн со надежи, проекти, комисии, коридори и неделни распореди, а веќе во мај го издишаа, правејќи си пат да се извлечат неповредени во јуни, во Софија поделбата во власта меѓу „исток и запад“ ја тенчи подлогата на која стои владината коалиција на премиерот Кирил Петков, не само по македонското, туку сега и по украинското, енергетското, безбедносното и редица други прашања.

„Русофилството е штетен политички феномен бидејќи ги става интересите на странска земја над интересите на вашата земја“ напиша деновиве социологот Георги Фотев, поранешен министер за образование и наука во првиот владин кабинет на пост-комунистичка Бугарија.Тој го критикува претседателот Румен Радев дека се меша во работата на владата, а со своето русофилство дека ја разединува нацијата. „Зарем не разбира или е во заробеништво?“ прашува Фотев за генерал Радев тврдејќи дека ја игнорира војната во Украина и можните пошироки последици.

Но ова „заробеништво“ на бугарскиот претседател, а како што се чини и на неговата заменичка, на барем на две од коалициските партиии во владата во Софија, на поранешниот технички премиер и екс- министер за одбрана (кадар на претседателот), на сегашни и бивши министри/ерки, историчари, аналитичари, шоумени и други бугарски инфлуенсери веќе сериозно го попречува патот барем на две независни држави од Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија,  да и се приближат на Европската Унија. А на останатите четири им испраќа измешани сигнали за кредибилитетот на процесот. Тоа не е според агендата на Брисел, барем не од почетокот на војната во Украина, иако процесот на проширување на ЕУ е една од загатките на иднината на Унијата за која се уште се бараат најсоодветни решенија.  Не е во агендата ниту на САД, кои на чело на НАТО во моментов имаат потреба од обединета, сложна и безбедносно единствена Европа, како партнер во напорите да ја сопрат руската воена инвазија во Украина и да не дозволат прелевање на кризи вон украинските граници. Особено не е во агендата на силите на Западен Балкан кои посакуваат еднаш засекогаш да стивнат меѓусебните расправии и регионот да  тргне напред, низ паралел-слалом преговорите за членство со ЕУ и практична примена на европските вредности.

Пред повеќе од десет години седев во градски автобус во Лондон до еден доста возрасен маж. Во кусиот разговор, откако ме распраша од каде сум и што работам, ми рече : „Ах, сум поминал низ Македонија, како војник на пат кон Египет, за време на Суецката криза. Знам, Балканот е како Авганистан, закрвени племиња!“  Се навредив од зборот „племиња“. Но, да сакаш да му напакостиш на соседот, упорно да тврдиш дека луѓето не се тоа што сметаат дека се, дека не е точно тоа што го тврделе нивните предци, да им го негираш јазикот, да ја присвојуваш историјата барем 12 века наназад, и згора на се да бараш да те сакаат ?  Описот на стариот Англичанец од оваа дистанца изгледа сосема соодветен….

 

Related posts

Примитивниот национализам и надворешната политика

admin

НИ СРАМ, НИ ГАЌИ

admin

Опасниот заборав на евроинтеграциите

admin

Сив туризам

admin

Зошто власта и опозицијата не можат да договорат изборни датуми?

admin

ПИШМАН АЏИЈА

admin