8.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кој на граница ги малтретираше и ги соблече мигрантите и ги врати назад во Македонија?

Српската страна негира дека српските граничари ги претепале и соблекле мигрантите кои од Лојане, кумановско, влегле во Србија и по зимскиот студ само по долна облека ги вратиле назад. Меѓутоа, Јасмин Реџепи од организацијата „Легис“, која им помага на мигрантите не само што им ја потврдува приказната на мигрантите, туку кажува уште една трагична приказна. Имено, при повторниот обид да транзитираат низ Србија, во сообраќајката кај Бујановац  на 20 февруари, меѓу тројцата загинати, има и еден од овие мигранти, во групите кои беше вратени на 10 февруари. Што навистина се случувало во студената зимска ноќ и случајот со илегалните мигранти за кои се заинтересира и лондонски Гардијан?

Видео со движење на поголема група на мигранти, облечени само по долна облека неодамна беше објавено од неколку домашни медиуми, а го привлече вниманието и на светската јавност откако се најде во изданието на лондонски Гардијан од 22 февруари.

„Според групите за човекови права, видеата на кои се чини дека прикажуваат групи мажи соблечени на речиси ниски температури и принудени да се вратат од Србија во Северна Македонија, се доказ за ескалацијата на малтретирањето на мигрантите на европските граници. Две видеа испратени до „Гардијан“ од македонската организација „Легис“, покажуваат редица полуголи мажи на дел од патот во близина на српско-македонската граница. Од „Легис“ велат дека видеата биле снимени од локален жител во близина на селото Лојане, блиску до српската граница, и им биле предадени на 10 февруари. Гардијан нема независна потврда на видеата“, стои во објавата од угледниот лондонски весник.

Повреди по телото

Понатаму во текстот се додава дека некои од мигрантите имаат повреди по телот, како што посведочиле, откако биле претепани и искасани од кучињата на граничарите, кои ги пресретнале.

Министерството за внатрешни работи на Србија отпрвин не реагираше на прозивките, за три недели по настанот да излезе со демант. МУП на Србија негираше дека нивни припадници тепале мигранти, пуштале службени кучиња врз нив, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат пеш, назад во Македонија.

-Управата за гранична полиција не користи службени кучиња во вршењето на надзор на државната граница, ниту ги поседува во рамките на својата организациона единица и дека нема потврда дека предметните настани се случиле на територијата на Р. Србија, стои во соопштението на МВР.

Српската полиција додава дека се направени и проверки во Регионалниот центар на граничната полиција кон Македонија. Меѓутоа, проверката покажала дека во тој момент на наведеното подрачје немало патроли на српска полиција.

Граничната полиција на Србија спровела истрага откако била алармирана од македонското МВР, каде била поднесена пријава за случајот.

Со цел целосно расветлување на случајот, побаравме информација од македонското МВР. Од таму потврдуваат дека има пријава на 11 февруари, кога во кумановското село Лојане биле пронајдени 15 мигранти од Сирија.

„На 11.02.2024 во Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово било пријавено дека околу 10.00 часот во село Лојане, липковско, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор Сопот при Регионалниот центар за гранични работи Север пронашле 15 лица мигранти од Сирија, од кои дел имале повреди на телата“, соопшти МВР.

Случајот се’ уште не е затворен и се работи на негово расчистување.

Пуштени кучиња на мигрантите?

Од организацијата „Легис“ чии активисти заедно со жителите им пристапиле на мигрантите вратени од Србија, велат дека настанот се случил на 10 февруари. Тие посведочиле дека неколку групи мигранти биле претепани, искасани од кучињата, соблечени и вратени назад.

Јасмин Реџепи од „Легис“ ни кажа дека се работи за четири групи со вкупно 70 мигранти. Од нив 15 мигранти една недела останале во кампот кај Табановце, по што повторно ја преминале границата.

-Еден од овие 15 мигранти потоа беше најден мртов во сообраќајката кај Бујановац, во која загинаа тројца, вели Реџепи.

Според него, јасно е дека граничарите на Србија со соблекувањето на мигрантите и враќањето назад од каде дошле, праќаат порака и ова не е првпат.

-Српската Гранична полиција мора да негира за да не одговора. Тоа е скандалозна изјава. Велат дека немале луѓе на граница во тоа време и патролирале патроли од граничари од Австрија и Унгарија. Овие патроли никогаш не се без присуство на домашни граничари, рече Реџепи.

На почетокот на февруари, унгарското министерство за внатрешни работи објави дека 31 полицаец ќе ја штити границата меѓу Македонија и Србија.

„Унгарската полиција не ја штити само границата на една земја, туку и на цела Европа. Полицајците презедоа тешка задача, бидејќи во наредниот период ќе ја чуваат 113-километарската граница меѓу Србија и Северна Македонија, која е дел од главниот пат на илегалната миграција“, пишува на веб-страницата на унгарската полиција.

Меѓутоа, правилата на работа е заедничко патролирање со силите на земјата домаќин.

За случајот со мигрантите од Сирија реагираше и Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ . Таа повика итно да се истражат извештаите за наводни „притисоци“ извршени од српската полиција на границата со Македонија, што ги објави „Гардијан“.

Јасмин Реџепи потсетува дека секое вакво однесување на граничарите, само ја поттикнува трговијата со луѓе, бидејќи мигрантите и понатаму ќе преминуваат, само треба да им се овозможи хуман третман.

В.К.

Related posts

“СЕ ВОДИ КАМПАЊА ПРОТИВ МЕНЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ, ДУИ…”, ГРУБИ: ИЗОЛАЦИОНИТЕ СИЛИ УДИРААТ НИСКО

ninja

Германскиот канцелар Шолц го осуди терористичкиот напад во Москва

admin

ВО ЖИВО Ковачевски, Абазовиќ и Брегу: Регионална соработка е предуслов за развој

admin

ПРВА ПРЕСУДА ВО ХАГ ЗА ЕДЕН ОД КОМАНДАНТИТЕ НА ОВК

ninja

СРБИЈА И КОСОВО ПОСТИГНАА ДОГОВОР ЗА РЕГИСТАРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ

ninja

Со поддршка на ЕБОР, ЕУ и WBIF во Осломеј се гради голема соларна централа

admin