ДУИ во саботата ја обвини коалицијата ВЛЕН дека врши политички притисок врз обвинителството, откако ВЛЕН побара одговори за истрагата против поранешниот вицепремиер Артан Груби во случајот „Лотарија“.
„Денес целата јавност е скандализирана од реакцијата на партијата ВЛЕН и нивното прозивање на обвинителството“, соопшти ДУИ.
Партијата тврди дека меѓународната заедница континуирано предупредува за политички притисоци врз обвинителството и судовите и оценува дека последната реакција на ВЛЕН дополнително ги засилува сомнежите за мешање на власта во правосудството.
„Обвинителството и судовите треба да одлучуваат врз основа на докази, а не според политички и партиски директиви. Селективна партиска правда не им е потребна ниту на граѓаните, ниту на Северна Македонија“, наведува ДУИ.
Од партијата велат дека за својата загриженост ги информирале и меѓународните партнери, вклучително и за денешното соопштение на ВЛЕН.
ДУИ повика на, како што наведува, „европска и неселективна правда“, нагласувајќи дека обвинителите треба да постапуваат врз основа на законите, доказите и експертизите, а не според партиски барања.
„Сопствената неспособност и целосниот неуспех ВЛЕН се обидува да ги камуфлира со политички прогон и притисок врз обвинителството“, соопшти ДУИ.
Партијата истовремено го повика ВЛЕН да почне со пријавување сомнителни случаи во сопствените редови. Во соопштението ДУИ ги посочува Изет Меџити и Висар Ганиу, за кои тврди дека се поврзани со штета од над 250 милиони евра поради дивоградби, како и Бурим Латифи, за кого тврди дека е поврзан со штета на буџетот од над 19 милиони евра.

