17.8 C
Скопје
13 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Личните документи со кодот МКД не се погрешни, НМК кратенката е за возилата

Пишува: Весна Колоска

Своевидна паника настана измината недела, откако по социјалните мрежи почнаа да се споделуваат фотографии од лични документи, главно возачки дозволи, каде стои новото уставно име Северна Македонија, но и кодот МКД. Некои од корисниците го проблематизираа кодот со МКД, со тврдење дека со овие документи, не може да се излезе од државата. Меѓутоа, ова не е точно, а во продолжение и ќе аргументираме врз основа на законските прописи.

Кодот МКД што го има на сите лични документи не значи дека ги ограничува македонските државјани да патуваат во странство. Тој е составен дел на нашите документи и е меѓународно прифатен и признат код за државата. Во Меѓународната организација за стандардизација е потврден во септември 2018 година. Таму во кодот за држава пишува МК и МКД.
Забуната настана со приближувањето на рокот за замената на личните документи со уставното име Република Северна Македонија, кога како обврска се наметна и промена на регистарските таблички со кратенката НМК. Меѓутоа, во тнр. Преспански договор потпишан со Грција по промената на уставното име, во Член 1 пишува:
д) Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО).
Тоа значи дека при излегување и влегување во државата, личните документи треба да го содржат новото име на државата, со кодот МКД, кој е меѓународно усвоен. Ова е потврдено и од грчка страна дека не е спорен кодот МК во возачките дозволи.

Кривична одговорност, тужби, хаос

Замената на личните документи и натаму продолжува да се проблематизира, иако со законски измени рокот на важност во државата е продолжен до 31 декември 2024 година. Меѓутоа, проблемот со земањето на нов пасош и натаму останува, а особено на ова реагираа туристичките агенции, но и граѓаните, кои сакаат да си го планираат одморот. Паднаа и првите кривични пријави поради тоа што две годни се издавани документи со старото уставно име, додека уште пред пет години се знаеше дека документите ќе мора да се заменат.
ВМРО ДПМНЕ поднесе пријава до досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски  со наводи дека тој врши злоупотреба на службената положба и овластувања, и несовесно работење во службата.
-Спасовски во овој период од 12.02.2019 па се до средината на 2021 година свесно и директно раководејќи со Министерството за внатрешни работи кои што впрочем ги издаваат овие документи нанесува штета на десетици илјади граѓани. И таа штета е и материјална и нематеријална штета, објавија од ВМРО ДПМНЕ.

До Уставниот суд има поднесено пет иницијативи за лични карти, возачки дозволи и пасоши и толку предмети се веќе оформени. Иницијативите се однесуваат на периодот на издавањето на овие лични документи, односно на нивното времетраење зашто некои се уште се со важност, како и на слободата на движење која е ограничена, потврди  претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска. Сепак, таа потсетува дека Уставниот суд нема надлежност во делот на слобода на движењето, за кои се однесуваат иницијативите. Со други зборови, очекувано е дека иницијативите ќе бидат отфрлени.

Замената на личните документи во Преспанскиот договор и понатаму продолжува различно да се чита. Деновиве од некои од медиумите беше пренесена информација дека не требаше да се брза со замената на личните документи, бидејќи нивната важност престанува пет годни по отворањето на одредени поглавја во преговорите со Европската унија.

Повреда на правото на слободно движење

Меѓутоа, договорот јасно прецизира дека „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.
Тоа е правното читање на спогодбата, но сосема друга тема, со која треба да позанимаваат борците за човекови права, но и сите граѓани е штетата – материјалната и друг вид со доцнењето на замената на личните документи.
Правниците сметаат дека хаосот е добра основа за тужба до државата и барање кривична одговорност од надлежните. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека граѓаните остануваат обесправени заради неорганизираноста на државата навремено да ги исполни обврските преземени со Договорот од Преспа и да  организира издавање документи со новото уставно име. Според организацијата, повредено е основното човеково право на слобода на движење.

-Ова е јасен приказ на негрижата на државата за заштита на правата и на слободите истовремено со исполнување на меѓународните спогодби, а чии последици ги сносат самите граѓани. Очекуваме одговорноста да је понесат сите надлежни државни органи и лица на раководни места во тие органи кои доведоа до оваа состојба, реагираа од Хелсиншкиот комитет.

 

Related posts

Индустриските производи поскапи за 4.2 проценти

admin

Таравари: СДСМ ќе губи многу гласови ако оди со една листа со партиите на Албанците

admin

ГРЦИТЕ НА ПРОТЕСТИ ПОРАДИ ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА

ninja

Дали е голема неправда работниците со 200 евра, а функсионерите со 2000 евра плата?

admin

ЗОШТО АНКЕТИТЕ ГО ВРАТИЈА ГРУЕВСКИ НА „БЕЛ КОЊ“?

ninja

Нула одговори за „Предатор“, а втора санкција за „Сајтрокс“

admin