16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Границата меѓу државата и партијата „тенка“ во изборите

Фрлање лопата за изградба нa училиште, средби со граѓани, посети на училишта во придружба на сопартијци од ДУИ е честа слика што ја покажуваат владините фотографии во изминативе два ипол месеци владеење на техничкиот премиер Талат Џафери. Каде е границата меѓу владин и партиски претставник во законот за Влада не е прецизирано

Tехничкиот премиер Талат Џафери роденденот го прослави во кругот на семејството во просториите на Владата. На честито во Владата поминаа првиот вицепремиер Бојан Маричиќ, министрите за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши и за здравство Илир Демири.

Краткото видео од роденденското изненадување е објавено на неговата официјална фан страницата на социјалната мрежа Фејсбук која за насловна слика ја има рекламата на претседателскиот кандидат на коалицијата „ Европски фронт “ Бујар Османи и редниот број 4.

Во постовите на фан страницата на премиерот има ред фотографии и видеа од говори на митинзи за политичката кампања за претседателските избори, па ред фотографии и објави за средби на премиерот со амбасадори и странски дипломати.

Се наметнува прашањето дали Џафери како владин претставник на социјалните мрежи им се обраќа на граѓаните како технички премиер или како кандидат за пратеник на коалицијата „Европски фронт“, или, пак, како поддржувач на претседателскиот кандидат Бујар Османи.

На владината платформа за официјални фотографии може да се забележи дека покрај средбите со амбасадори и странски дипломати во овие два и пол месеци, Џафери посетува училишта, се среќава со граѓани во тетовските села, сече црвена лента и фрла лопата на камен темелник за училиште во тетовско Селце. Негови придружници во „прошетките“ честопати се неговите сопартијци и министри од ДУИ меѓу кои и претседателски кандидат Бујар Османи. Османи и Џафери заедно го посетиле училиштето во Теарце и општината Чашка.

Според изборната листа објавена од Државната изборна комисија, Џафери како кандидат за пратеник на претстојните парламентарни избори е ставен на второ место, веднаш зад лидерот на ДУИ Али Ахмети во шестата изборна единица. Тој на премиерското столче седна на 30 јануари, откако претходно ја напушти функцијата претседател на Собранието. Задачата да ја води техничката (преодна) влада ќе треба да ја исполнува се до изборот на нова, по парламентарните избори кои со кампања стартуваа на 18 април.

Техничка влада – решение или проблем

Во меѓувреме, неговите партиски и државнички активности се преклопуваат во изминативе два и пол месеци, вели политичкиот аналитичар Џелал Незири.

„Факт е дека нема јасна дистинкција меѓу тоа што е обврска и што се должностите на еден министер или што е должностите на еден партиски функционер, тие често се испреплетуваат и често се користат државни активности и истите да се стават во функција на политичката кампања, затоа мислам дека е се до форматот на оваа Пржинска влада. Во 2016 година беше решение, ама сега мислам дека е веќе проблем“,вели Незири.

Според него проблемот е повеќе во законскиот пропуст при отколку во злоупотреба на фунцијата.

„Освен што е технички премиер Џафери е и кандидат за пратеник и е инволвиран во самата кампања. Тука мислам дека се работи за пропуст при изготвување на законот за Влада, каде што технички премиер и техничка Влада не ги исклучува активните партиски функционери, па така испаѓа дека тоа не е баш техничка влада ниту дека тој е технички премиер. Со тоа не се очекува ниту од Џафери ниту од другите министри кои се поставени како технички министри да бидат на ниво на нивната задача и да не учествуваат во партиски активности“,вели Незири.

Малку одлуки, повеќе партиски пресметки во техничката влада

Од 30 јануари до сега се одржани 16 владини седници на кои најчесто министрите разговараат за одредени информации за земјоделски земјишта, за информации поврзани со користење на ИПА фоднови, како и со актуелни случувања. Но, со ограничувањата на техничката влада и можноста за носење одлуки е мала.

Меѓу поголемите донесени одлуки од техничката влада се изборот на фирмата „ЕВН“ за универзален снабдувач со електрична енергија и одлука законски да се уредат правата на приватните специјализанти.

Овие две одлуки се донесени на последната владина седница, со тоа што предлог законот за приватните специјализати, техничката Влада одлучи да го изготви идната влада која ќе победи на изборите.

Покрај информациите и одлуките за воени вежби на македонската армија, се забележуваат и партиските кавги меѓу „сопружниците во принудниот брак наречен техничка влада“

„Одлука да се огласи за ништовно разрешувањето директор од страна на министерот за труд и социјална политика, како незаконско, а за што се утврдени неправилности и од Државниот инспекторат за труд“, се вели во соопштението од 14-тата владина седница.

Ова е само пример за кадровските кавги на владините седници меѓу техничките министри назначени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачкото мнозинство од СДСМ и ДУИ.

Претседателот на невладината организација Агтис, која се занимава со истражување на општествените промени, Александар Цветкоски вели дека техничката влада во изминативе два и пол месеци не донела одлука која се занимава со суштинските потреби на граѓаните.

„Нема никаков интерес за државата, има само партија, партија и ништо друго освен партија, државнички работи во техничка влада не постојат, бидејќи и самите луѓе учествуваат во самите избори, тие како миленици на партиите, затоа што се избрани за функционери значи и дека се миленици на партиите и само работат за партијата на терен“, вели Цветкоски.

Првата техничка влада на Северна Македонија се формира пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев.

Втората техничка влада беше формирана пред предвремените парламентарни избори, а ја предводеше Оливер Спасовски.

Третата техничка влада, на чело со Талат Џафери, има мандат до изборот на новата влада, која треба да произлезе како резултат на парламентарните избори закажани за 8 мај, во ист ден со вториот круг од претседателските избори.

Извор: Радио Слободна Европа 

 

 

Related posts

Судскиот совет лани не му најде „мана“, сега фатен на дело

admin

Кои земји ги критикуваа израелските напади врз Газа?

admin

ВИДЕО ВО ЖИВО Мир и демократија наспроти војна и автократија

admin

Предизборни вработувања: Врие од огласи, се бараат “гласачи”

admin

Арачиново меѓу приоритетите и публицитетите

admin

КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“КАКО СЕ ОДВИВАЛА ШЕМАТА ЗА ПОТКУП НА „ТАБАНОВЦЕ“

ninja