16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Лорд Карингтон: Ставовите на Македонија се најконструктивни

Холанѓаните го дадоа својот максимум во организациска смисла, во напор да се најде решение за југословенската криза и да запрат човечките страдања. За жал, некои од главните протагонисти на југословенската драма имаа поинакви идеи: ним не им се брзаше и беа подготвени да тактизираат со животите на своите граѓани за остварување на своите цели.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Холанѓаните и нивниот министер за надворешни работи Ханс Ван ден Брук беа извонредни домаќини.

На Конференцијата за Југославија ѝ беше отстапен дел од еден кат во самата зграда на нивното Министерство за надворешни работи.

Секоја делегација имаше сопствени простории опремени со факсови и телефони и со заеднички ресторан на истиот кат.

Кога доаѓаа претседателите на републиките, церемонијата на воениот аеродром во Хаг беше по сите правила за дочек на шефови на држави: салутирање на офицери, пространа црна лимузина следена со полициски мотори на сите четири страни, извонредно хотелско сместување…

Сето тоа во знак на почит кон Киро ГлигоровСлободан МилошевиќФрањо ТуѓманМилан КучанАлија Изетбеговиќ и Момир Булатовиќ и републиките што ги претставуваа.

Со еден збор, Холанѓаните го дадоа својот максимум во организациска смисла, во напор да се најде решение за југословенската криза и да запрат човечките страдања.

За жал, некои од главните протагонисти на југословенската драма имаа поинакви идеи: ним не им се брзаше и беа подготвени да тактизираат со животите на своите граѓани за остварување на своите цели.

На пленарни седници на Конференцијата, републиките ги претставуваа нивните министри за надворешни работи, кои ја образложуваа позицијата на својата република.

ОБЕДИНУВАЊЕ НА СКАРАНИТЕ

Потоа, во деновите до следната пленарна седница, Карингтон и неговите соработници се обидуваа да откријат некаков заеднички именител околу кој би се обединиле скараните страни.

Паралелно со пленарните седници, Карингтон организираше и поединечни средби со министрите за надворешни работи или со претседателите и нивните министри. Особено инсистирам на присуство на министрите заедно со претседателите, како компензација за незнаењето на шефовите, ми вели во шега лорд Карингтон.

Тоа, продолжи да се шегува, го знам од лично искуство како министер за надворешни работи и на одбрана, на премиерката Маргарет Тачер.

Всушност, ништо подалеку од вистината.

Имено, многу бргу се виде дека министрите за надворешни работи можеби добро ги изложуваа позициите на својата република, но тешко „го испорачуваа“ договореното.

Како и да е, за документот што го подготвуваа за крајот на Конференцијата, нужни им беа ставовите на членките на федерацијата во распаѓање.

Во неговата подготовка зеде учество и Сајрус Венс, државен секретар во администрацијата на претседателот Картер, а тогаш специјален пратеник на генералниот секретар на ОН, Бутрос Гали, на Конференцијата за Југославија.

Конференцијата забрзано ги подготвуваше своите одлуки.

Се случуваше, јас кој не ужива многу во летањето, и по неколкупати во неделата да одам со владиното авионче до Хаг и назад.

КОМПЛИМЕНТ ЗА МАКЕДОНИЈА

Поканите на Карингтон до министрите за надворешни работи редовно одеа преку амбасадата на Социјалистичка Федеративна Република Југославија во Хаг, Холандија.

Амбасадорот Борут Бохте, Словенец, ги испраќаше до Сојузниот секретаријат за надворешни работи во Белград, за потоа тие да бидат препратени до министерствата за надворешни работи на републиките.

Така, на пример, стаса покана на 1 октомври, во која, пред пленарната седница закажана за 10 часот на 4 октомври, лордот Карингтон бара одвоени средби со министрите за надворешни работи Шепаровиќ (Хрватска) во 8 часот, со Рупел (Словенија) во 8.20, со Јовановиќ (Србија) во 8.40, со Силајџиќ (Босна и Херцеговина) во 9 и со Лончр (СФРЈ) во 9.20.

Во посебна информација на амбасадорот Бохте ја добивам следнава депеша напишана на српско-хрватски јазик: „Изоставувањето на Црна Гора и на Македонија од списокот на одвоени средби не значи запоставување на овие републики или нивно ставање во втор план.

Лордот Карингтон, во оваа фаза, смета дека нема особена потреба од одвоени средби со Црна Гора и со Македонија бидејќи тие засега не се инволвирани во воените судири, а од друга страна, ставовите на Македонија се оценети како најконструктивни, па затоа не се потребни посебни разговори и убедувања во четири очи. Изоставувањето на Црна Гора и на Македонија од списокот на одвоени разговори може да се смета како комплимент за овие републики“.

(Продолжува)

Related posts

СИТЕ ДИЛЕМИ ЗА 28 НОЕМВРИ

admin

Анализа на Дојче веле / „Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

admin

Метастаза на умот

admin

БАЛКАНОТ КАКО ПОЛЕ НА АБСУРДНОСТА

admin

Со полна брзина кон 2030 година

admin

Се враќаат „листите“ за спас на регионот

admin