11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Бавната смрт на македонските телевизии

Пишува: Атанас Кировски

На светско ниво линеарните телевизии постојано забележуваат пад во приходите, затоа што рекламерите се повеќе одат во дигитален маректинг – пред се на големите платформи како ТикТок, Јутјуб, Инстаграм, Фејсбук и сл, или на големите стриминг платформи. Тоа ги принуди во овој сегмент да има големи промени и преструктуирања кои се случуваат од ден во ден, а во Македонија телевизискиот пазар и на ниво на концепт, и на поставеност, и на емитувани содржини е истиот со години.

Освен јавниот сервис со два основни, и неколку специјализирани канали, опстојуваат пет телевизии со национална терестријална концесија: Сител, Канал 5, Аласт М, Телма и Алфа. Има и 4 кабелски телевизии кои зрачат национално: Тв Сонце, Шења, Клан и ТВ 21, како и две телевизии со национална концесија кои се регистрирани како сателитски телевизии ТВ 24 и Наша ТВ. И натаму опстојуваат и огромен број регионални и локални телевизии кои не ги исполнуваат ниту минималните критериуми за број на вработени и АВМУ одамна требаше да им ги одземе лиценците, меѓутоа, пред избори во Македонија тоа е тешко да се случи.

Прашањето е како сите тие опстојуваат на толку пренатрупан со телевизии пазар во држава со само 2 милиони жители, и релативно слабо стопанство, кое нема сила да го поддржи маркетинг секторот за толкав број на телевизии. Бездруго станува збор за уникатен парадокс, а згора на тоа, телевизискиот адвертајзинг од година во година се намалува. Еден од најголемите рекламери во овој сегмент во моментов само 25 % од адвертајзингот го има на телевизија, со тенденција тие бројки дополнително да се налмауваат. Не толку одамна од вкупниот буџет за рекламирање, компаниите и маркетинг агенциите издвојува околу 80% од адвертајзингот за телевизиски реклами.

Станува звор за светски тренд и парадигма, ова не се случува само во Македонија. На пример, во сегментот на линеарната телевизија гигантот Парамаунт забележа пад во адвертајзингот (продажба на рекламното време) од 14 насто во последниот квартал, а во претходниот квартал падот на приходите по основ на реклами изнесуваше 10 проценти. Тука спаѓаат телевизиите Си-Би -Ес, Шоутајм, музичките канали МТВ, Комеди централ, БЕТ и Никелодеон. Парамаунт освен од враќањето на публиката во кината по ковид пандемијата, живее од порастот во сегментот на стримингот каде што достигна 63 милиони претплатници (2 милиони повеќе отколку во јуни минаата година) според последните податоци, што и не е многу, во споредба со гигантите за стриминг Нетфликс со 247 милиони претплатници или Дизни со повеќе од 105 милиони претплатници.

Откако беа укинати јавните кампањи на телевизиите -во јавноста познато како владино рекламирање, владата сметаше дека либералниот пазар и конкуренцијата сами ќе ја расчистат оваа сфера, односно дека ќе опстојат најуспешните и најквалитетните. Но, во Македонија, некако опстојуваат сите, освен наменски отворените телевизии кои имаа многу краток здив, како што беше Нова ТВ на Сеад Кочан или 1ТВ на Боки 13, кои обајцата завршија во затвор.

Со достапноста на стриминг платформите во Македонија каде што предводат Нетфликс и Ворнер -ХБО, како и енромниот број на странски канали кои се реемитуваат во Македонија, за кои телеком операторите се изборија да може да реемитуваат без регулирани авторски права, македонските телевизии мака мачат да понудат уникатни содржини и контент што би можел да се носи со страшната, а без дилема, и нелојална конкуренција.

Во такви услови имаме ситуација водечката телевизија според рејтинзи Сител, да емитува 300 минути турски серии на ден, а втората телевизија Канал 5, дури и уште повеќе, дури 360 минути дневно турски серии ! Освен едиции вести и дебатни емисии, нема никаква друга оргинална содржина. Вината за тоа бездруго е и во владата која ги укина стимулациите за производство на домашна играна документарна и сериска продукција кои одеа преку министерството за информатичко општество, и ги намали обврските за емитување на домашна продукција на 30% дневно, што доведе до оваа ситуација. Така Македонија е единствената земја во регионот, а можеби и во цела Европа, без сопствена играна сериска продукција, со години, освен продукцијата на серијата „Бистра вода“ што ја продуцираше Алфа.

Да не зборуваме за Србија која одамна е влезена во хиперпродукција на играни серии или Хрватска, дури и една Босна и Херцеговина има буџет од минимум 3 милиони евра годишно за продукција на сопствени серии. Нашите најдобри кинематографери и актери, одамна не работат во Македонија, туку работат во регионот, каде што има продукција.

Телевизиите и владата се надеваат страшниот финансиски притисок врз овој сектор да го ублажат со враќање на јавните кампањи за телевизиите, кои би требало да донесат дополнителни 5 милиони евра во овој сегмент. Од овие средства очекуваат спас многу помали телевизии, бидејќи нивните трошоци се сведени на минимум, а финансиската инекција од буџетски пари за нив ќе биде повеќе од значајна.

Проблемот со ова решение кое наскоро треба да се најде пред пратениците во парламентот е што македонската влада ќе стане убедливо најголем медиа бајер на пазарот, што потенцијално може да влијае врз уредувачката политика на медиумите.

Што се однесува до владата, таа целосно закажа во реформите во медиумскиот сектор. Раководството во АВМУ е истото којзнае колку години, и не е во доменот на оваа анализа да влага во правна проблематика дали е тоа сеуште законско и легитимно или со одамна изминат мандат, исто како и раководството на МРТВ кое е на чело на јавниот сервис барем 10 години. Оваа влада, не покажа ни минимум капацитет да влезе барем во минималните решенија што се однесуваат на пазарот на медиумите, за работите да опстанат, а не пак да влезе во било какви реформи во овој сектор. Битно, устата им е полна со изјави за ЕУ и реформи, а немаат сработено буквално ништо на овој план цели 6 и пол години.

Има неколку опции за разврска на оваа ситуација. По изборите Македонија да излезе од оваа лимбо ситуација, Македонија да спроведе сериозни реформи, вклучувајќи ги и медиумските реформи и приспособување на законодавствто на европското со строги правила за сузбивање на пиратеријата, па медиумскиот сектор да има некаква шанса. Дека такво нешто ќе се случи слушаме 30 и кусур години, а никако да се случи, значи многу тешко. Второ е самите медиуми да направат реформи со кои ќе фатат приклучок на новото време, и контентот што го прозиведуваат, а контентот секогаш ќе биде клучниот независно од развојот на интерентот, платформите и на што се гледа тој контент (мобилните се новите телевизори) да го диверзифкуваат и надвор од линеарната телевизиска програма. Третата опција е полека секторот и натаму бавно да умира,како што веќе се случи со печатените медиуми, со се помали плати за вработените, недостоинствени услови за работа, и се послаб квалитет на новинарството, што де факто со години се случува. Не сакам да бидам песимист, но мислам дека третата опција е најреалната. /globe.mk

Related posts

ЌЕ ИМА ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ ВО 2023 ГОДИНА?

admin

ПРАВЕДЕН ДАНОЧЕН СИСТЕМ ЗА ОДРЖЛИВ, ИНКЛУЗИВЕН И ЗАБРЗАН ЕКОНОМСКИ РАСТ

admin

МЕНГЕМЕ НА “ТОЛПАТА“ НА ГУСТАВ ЛЕ БОН

admin

Олаф Шолц – молчаливиот германски канцелар

admin

Опасниот заборав на евроинтеграциите

admin

Примитивниот национализам и надворешната политика

admin