- На изборите во 1998 Албанците добија 25 пратеници, а после нив ДПА иако губитник, со 11 пратеници влезе во владина коалиција со ВМРО ДПМНЕ
- Од 2006 до 2016, цели 10 години, сликата е јасна. ДУИ победува на сите избори, а ДПА учествува, иако после секои избори славеше, но само до полноќ
- Најчудната коалиција на овие избори ни ja нуди Ахмети. Тој е во коалиција со ДПА на Тачи, но и со крилото на Алијанса предводено од Села, кои меѓу себе си разменувале тешки зборови кои стигнале до предавство
Пишува: СЕФЕР ТАХИРИ
Во 1998 година, во весникот „Факти“ во кој бев новинар, еден од колегите тргна за Тетово, каде што ќе се одржуваше заедничка прес конференција на тогашните Партија за демократски просперитет и Демократската партија на Албанците. Како млад новинар, но и како човек кој ја следеше активно политичката сцена, не верував дека тој настан се случува. Се обединуваа „преродбениците“ (властољупците) и „татковинците“. Слоганот на ПДП на едни избори беше „Да за албанскиот препород во Македонија“, а на ДПА „Гласот за татковинците“. Секако дека за татковината на крај памет не се мислеше на Македонија.
Не верував, зашто Тачи, еден од двајцата лидери на ДПА, пдповците ги нарекуваше „предавници, комунисти, слуги и мали кучиња на СДСМ и Глигоров“! А ПДП за Тачи велеше дека е „мафијаш, поврзан со подземјето, расколник на првото албанско движење со помош на државната тајна служба“.
На изборите Албанците добија 25 пратеници, а после нив ДПА иако губитник, со 11 пратеници влезе во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Принципиелно, нема што! ПДП си остана опозиција. ДПА исто и во 2006 година како губитник во албанскиот блок влезе во владината коалиција. Исто со ВМРО, која беше предводена од Никола Груевски.
Во 2004 година на претседателските избори, ДУИ настапи во коалиција со ПДП, а го поддржаа кандидатот Гезим Острени.
Само една година потоа, на локалните избори во 2005 година ДПА стапи во коалиција со ПДП, обидувајќи се да „контрираат“ на веќе моќната ДУИ. Некогашните лути ривали настапија пак во „братско етничка коалиција“.
Од 2006 до 2016, цели 10 години, сликата е јасна. ДУИ победува на сите избори, а ДПА учествува, иако после секои избори славеше, но само до полноќ. Потоа си ги гасеа светлата и си одеа дома.
Во 2016 година, на сцена се појавија нови партии. Движењето за реформи во ДПА настапи во коалиција со партијата Унитети (Единство) на Гезим Острени (еден од челниците на ДУИ) и Национално Демократската Преродба на Весел Мемеди, партија формирана од Руфи Османи.
По овие избори партијата на Зијадин Села на локалните избори во 2017 (само во вториот круг) настапуваше во коалиција со БЕСА. На претседателските избори во 2019 година се формираше коалицијата Алијанса со БЕСА, поддржувајќи го кандидатот Блерим Река. На парламентарните избори во 2020 година, Села ја прекрши дадената беса, ја напушта ја партијата со истото име и стапува во коалицијата со партијата Алтернатива. БЕСА си отиде со СДСМ во коалицијата Можеме, иако доста неуспешна поради неискреност од двете страни.
И така, партискиот живот на Албанците е проследен со драстични прекршувања на политичките принципи и без минимални етички норми, и кога се повикуваа на беса, еден од главните кодови на идентитетот на Албанците. Во историска смисла, се разбира.
На изборите во 2024 година, ги добивме најчудните коалиции во албанскиот блок. Коалицијата ВЛЕН (во превод значи ВРЕДИ) е составена од партијата Демократско движење, произлезена од ДУИ, а самата коалиција во фокус ја има токму борбата против ДУИ. Во оваа коалиција се и Алтернатива и БЕСА, кои меѓусебно се обвинуваа за печатот на партијата. Не само за него!
Но, најчудната коалиција на овие избори ни ја нудат ДУИ и Ахмети, кој се докажува како прагматичен политичар или макијавелист од пошироки размери. Истовремено е во коалиција со ДПА на Тачи, но и со крилото на Алијанса предводено од Села.
Сè што кажал Тачи за лидерот на ДУИ може да се формулира во една реченица: „Ахмети е злото за Албанците“. На 12 мај, 2008 година, кога Тачи најави „касапаана“ на парламентарните избори (одржани на 1 јуни), во селото Раковец, во општина Боговиње се случи обид за атентат кон Ахмети. Секако, атентатот беше политички мотивиран, а ДПА беше во длабоки поларизирачки позиции со ДУИ.
Сега за Села! После настаните на 27 април, 2017 година, Зијадин Села го нарекуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети „сезонски Албанец“ кој е директно одговорен за неговиот обид за атентат во Собранието.
„Бидејќи јас сум монструмот што мора да биде казнет, тогаш си земам за право да констатирам дека дури и атентатот на 27 април, бидејќи Али Ахмети не беше таму, го подготвил тој“, рече Села.
И како што гледате, политичките партии на Албанците во сите овие 34 години плурализам, составиле политички коалиции без етика. Без грам етика! Се правеле непринципиелни и неприродни коалиции за лични или клановски интереси. Сето тоа во името на народот или, како што милуваат да кажат, албанската етничка кауза!
Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор.
Извор: Цивил Медиа