16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Паричникот не им верува на изборните ветувања

Додека политичарите ветуваат мед и млеко, граѓани пак ќе го заработуваат лебот на сезонска работа во Хрватска. Мора да работам, последната плата што ја доби татко ми е за јануари, вели студент.

Инвестиции, повисоки плати, нови работни места, подобар стандард, ветуваат политичарите секој ден од изборните митинзи. Додека тие ги раскажуваат изборните програми, дел од граѓаните го бараат решавањето на нивните егзистенцијални проблеми во други држави.

Покрај тековниот процес на трајни иселувања, најчесто во земји на ЕУ, почнува и периодот на масовни заминувања на сезонска работа, најчесто во Хрватска и во Словенија. Иако веќе функционира заедничкиот пазар на труд без бариери во земјите од иницијативата „Отворен Балкан“, интересот за работа во Србија и Албанија е помал од оној за сезонска работа во Хрватска.

До почетокот на април годинава 2.239 граѓани побарале ИД број на Отворен Балкан за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Северна Македонија и Албанија, па сѐ уште е рано за одговори колку од нив и навистина ќе се вклучат во пазарот на трудот и – каде!

За илустрација, според податоците на Стопанската комора на Србија, во текот на целата 2023 година заклучно до 26-ти март годинава, според Законот за вработување на странци, подрачните единици на Националната служба за вработување на Србија издале вкупно 556 работни дозволи на државјани на Северна Македонија и 99 работни дозволи на државјани на Албанија. Во првите три месеци од годинава во Србија се вработиле 62 Македонци и десет Албанци.

Немам друг избор

Дали таа бројка може да порасне? Според интересот на македонските граѓани, во фокусот повеќе е сезонската работа во Хрватска, каде дел од нив имаат повеќегодишно искуство.

„Не е лесно ни во Хрватска, ама во моментов сѐ уште е подобро таму“, вели македонски градежен работник кој таму ќе работи шеста сезона по ред. Смета дека примањата се поголеми од оние што би ги имал во Србија или Албанија.

„Не се распрашував за Отворен Балкан, бидејќи со мене во Хрватска работеа многу Срби, а ќе работат и годинава. Зошто би доаѓале таму, ако дома имаат поголеми плати“, вели тој.

И кај помладата генерација владее сличен впечаток. Горан Д., студент на Економскиот факултет, е принуден да го запостави студирањето заради егзистенцијални причини. Нашол работа во Хрватска преку познаници кои веќе имале искуство со сезонска работа, и ќе почне со работа од средината на мај.

„Немам друг избор. Мајка ми не работи, а татко ми работи во ‘Македонски шуми’, каде последната плата што ја прими беше за јануари. А доаѓа мај. Па дури и таа плата за јануари не ја доби цела, туку во два дела, а не знам за колку месеци не му е исплатен ни теренскиот додаток. И што да правам? Да слушам изборни ветувања колкави ќе биле платите во иднина, додека и оваа скромна плата му доцни со месеци. И сестра ми е студент, можеби и таа ќе дојде во Хрватска во јуни“, вели тој.

Не планира да гласа на изборите пред да замине.

„Ни случајно. Не давам доверба на никого во држава која ги принудува луѓето да печалат во други земји. Игнорирањето е единственото нешто што го заслужуваат сите партии, без исклучок“, дециден е Горан.

Не се заинтересирал за работа во рамки на инцијативата Отворен Балкан, бидејќи платите во Хрватска ги смета за поконкуренти.

„Со минимално трошење, она што ќе го заработам и заштедам за 4-5 месеци таму, е повеќе од годишната плата на татко ми, доколку би ја добивал редовно, а не ја добива.

Трошки за ОБ

Toj е само еден од околу 200.000 лица кои во 2024 година со дозволи за престој и работа ќе се вклучат во хрватскиот пазар на трудот. Според податоците на хрватското МВР, во 2023 година биле издадени 172.499 такви дозволи, од кои 13.412 им биле издадени на граѓани на Северна Македонија. На хрватскиот пазар на трудот предничат државјаните на Босна и Херцеговина за кои биле издадени 38.236 работни дозволи, односно 22,17 отсто од вкупниот број дозволи.

Веднаш по нив се државјаните на Србија со 24.028 издадени дозволи за престој и работа или 13,93 проценти од вкупниот број. Со тоа овие две земји лани предничеле со учество на сезонски работници во Хрватска дури и пред државјаните на Непал (23.493 работни дозволи), Индија (15.627) Филипини (10.999) Косово (9.922), Бангладеш (8749), Турција (5.067) и Албанија (4.244).

Само во првите два месеци од 2024 година, биле издадени 4.638 дзоволи за работа на граѓани на Србија – во јануари 1.321, во февруари уште 3.317. Ако побарувачката за работни дозволи продолжи со иста динамика, односно ако го следи ланскиот тренд, шансите за пазарот на трудот во ОБ, односно можноста РСМ да привлече работна сила, според проценки на експерти, може да се сведе на „трошки”. /DW

Related posts

Јовески повикува на истрајност во борбата против криминалот

admin

АзА ја поздрави одлуката на САД за Рамиз Мерко

admin

Шофер од Албанија фатен во „Деве Баир“

admin

Зошто Северна Македонија, Бугарија и Русија не се натпреваруваат на Евровизија оваа година?

admin

Извинувањето е доблест, но ретко се слуша

admin

Сиљановска: Нема да ја користам придавката “Северна”

admin