Движењето Самоопределување на премиерот на Косово Албин Курти влегува на политичката сцена во Северна Македонија. Партијата како дел од албанската опозиција „ВРЕДИ“, ќе биде застапена со тројца кандидати за пратеници. Иако со македонскиот закон не е дозволено странски државјани или пак партија од друга држава да учествуваат на избори во земјата, во конкретниот случај се` е легално од причина што тие кандидати се државјани на РСМ, иако членуваат во партија со надвор од државата, вели аналитичарот Џелал Незири. Според него ова сепак може да се протолкува како обид за мешање на Курти во македонската политичка сцена.
„Може и така да се протолкува“, вели Незири. „Ние имаме партија која беше основана од први советници на Путин и имаа слично име на неговата партија Единствена Русија. Имаме и политички проекти и од други земји, за кои мислиме дека се пријателски настроени кон РСМ. Како и да е, јас сум за целосно почитување на Вестфалискиот принцип кој ги детерминира модерните држави и од кои произлегуваат сите меѓународни конвенции, а кои налагаат немешање во работите на друга држава. Суверенитетот на секоја држава треба да се почитува, зошто во спротивно, свесно или несвесно, работиме за агендата на Путин за разнебитување на светскиот поредок заснован на правила и наметнување на нов светски поредок заснован на сила“.
Според Незири, ваквата пракса не е добра и за Косово.
„Од причини што“, вели тој, „партијата која ги номинира е носител на власта на Косово, а творецот на коалицијата е премиер на таа држава. Сепак, односот на Курти не е неутрален и е фаворизирачки спрема еден политички блок кај етничките Албанци, однос кој предизвикува фрустрации и кај политичките опоненти на тој блок, но и кај поголем број на граѓани во земјата“.
И за аналитичарот, Сефер Селими, ваквиот чекор не е во ред.
„Курти, како лидер на мала земја, има големи амбиции кои не се совпаѓаат со неговата реална релевантност. Овие политички игри ќе им наштетат на регионалната соработка, а најмногу на регионалната позиција на Албанците“, вели Селими.
Селими додава дека Курти и неговите претставници се неискрени во своите намери:
„Имаме парадоксална ситуација каде што премиерот Курти се огласува дека не учествува во изборите во РСМ, а од друга страна неговиот советник во владата на Косово, задолжен за РСМ е дел од листата на кандидати за пратеници, и најавува дека заедно со уште двајца други кандидати ја претставува Самоопределување во опозицискиот блок кај Албанците. Ова е една конфузна и парадоксална ситуација која е индикатор за неискреноста на Курти и неговите претставници“.
Покрај советникот на Курти за Северна Македонија и стружанец Беким Ќоку, кој ќе биде втор на листата во изборната единица 6, од Движењето Самоопределување во изборната единица 1, на местото број 6 ќе биде Нафиe Селмани, додека во изборната единица 2, кандидат на број 6 е Медина Укшини.
„Во Северна Македонија, движењето Самоопределување има многу активисти и поддржувачи. Заедно денес ќе работиме за промената која утре вреди за зајакнување на нашиот албански народ“, напиша Ќоку на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. /VOA