Дебакл на СДСМ, од владејачка партија до партија на трето место по освоени мандати. ВМРО – ДПМНЕ со историски најголема разлика во мандати во однос на СДСМ. ДУИ и „Вреди“ со досега најдобар резултат во однос на совоени мандати. Левица со тројно повеќе пратеници, ЗНАМ го трасираше патот во Собранието
Убедлива двојна победа на ВМРО – ДПМНЕ со рекордна разлика на освоени мандати во однос на политичките опоненти. Историски дебакл на СДСМ на парламентарните избори со историски најмалку освоени гласови, партијата падна на трето место по освоени мандати веднаш зад нивниот коалициски партнер ДУИ. Коалициите од албанскиот политички блок со вкупно 32 пратенички мандати и со рекордни броеви на освоени гласови и за ДУИ и за „Вреди“. Левица го подобри резултатот од претседателските избори и освои тројно повеќе мандати од сегашните два, „ЗНАМ“ за само неколку месеци од движење стана фактор кој е можно да биде пожелен за стабилно мнозинство во Парламентот.
Претседателските избори, за чиј резултат контурите беа исцртани уште во првиот круг, заврши со победа на кандидатката на ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова и освоени 561.001 глас. Противкандидатот Стево Пендаровски освои 251 илјада гласови или 310 илјади гласа помалку. Гласаа вкупно 861 илјада граѓани, со излезност од 47,46% и 48 илјади неважечки ливчиња. Во првиот круг, кога имаше седуммина кандидати, гласаа 905 илјади граѓани или 44 илјади повеќе.
Пендаровски победи во само неколку општини и тоа со доминантно албанско население. Во Скопје разликата се движи од 2:1 до 3,5 :1 во корист на Силјановска а најголема е во Општина Илинден каде што е речиси 7:1.
Победата на Силјановска е карактеристична по тоа што таа освои најмногу гласови во вториот круг на претседателските избори од 1999 година, кога Борис Трајковски исто така кандидат на ВМРО – ДПМНЕ освои над 580 илјади. Од осамостојувањето на државата најубедлива е победата на Киро Глигоров на изборите во 1994 година кога тој во вториот круг освои 715 илјади гласови наспроти Љубиша Георгиевски кој освои помалку од 200 илјади.
Кога станува збор за парламентарните избори вчера СДСМ го оствари досега најлошиот резултат во историјата на партијата и по бројот на освоени гласови и по бројот на пратенички места. СДСМ падна на третото место по освоени мандати. Со освоени 154 илјади гласови и само 18 мандати СДСМ има 65 илјади гласови помалку изборите во 2008 година на кои имаа досега најлош резултат но и 9 пратеници помалку од досега најлошите 27 кои ги имаше во Собранието по изборите во 2006 година. СДСМ немаше позитивен резултат односно победа во ниту една општина во Северна Македонија. Интересно е што во некои општини СДСМ е на третото место по освоени гласови во македонскиот политички блок бидејќи таму повеќе гласови добиле „Левица“ или „ЗНАМ“.
Убедливата победа на ВМРО – ДПМНЕ не е досега најдобар остварен резултат како во поглед на освоени мандати така и во поглед на гласови, но досега е убедливо најголема разлика во однос на освоени мандати со најголемиот опонент СДСМ, дури 40. Сега веќе идната владејачка партија освои 436 илјади гласови но мора да се напомни дека во период од 8 години, од 2008 до 2016 година и четири изборни циклуси имаше повеќе гласови на своето конто. Бројката од 58 пратеници во Собранието има комотна позицијата при идното коалицирање но сепак оваа партија има два подобри резултати и тоа во 2014 година кога имаше 61 пратеник и во 2014 година кога 63 пратеници од оваа партија седеа во собраниските клупи.
Левица и ЗНАМ освоија по 6 пратенички мандати иако разликата во гласовите е голема. Левица освои 68 илјади гласови за разлика од 56 илјади на контото на ЗНАМ. Сепак двете партии имаат успешни парламентарни избори бидејќи Левица ќе има тројно поголем број на пратеници во Собранието а ЗНАМ на првите избори влегува со шест пратеници коишто е можно да бидат посакувани при креирањето на идната владина коалиција и мнозинство во парламентот. За разлика од ЗНАМ кои имаа далеку подобар резултат на претседателските избори, Левица на парламентарните освои 26 илјади гласови повеќе од 42 илјади на контото на нивниот претседателски кандидат Билјана Ванковска.
Кога станува збор за албанскиот политички блок, двете коалиции „Вреди“ и „Европски фронт“ предводена од ДУИ освоија рекорден број на гласови и затоа имаат вкупно 31 мандат во Собранието. Разликата е 30 илјади гласа во корист на ДУИ и 6 мандати.
ДУИ освои 137 илјади гласа и ќе има 19 пратеници во Собранието со што стана втора партија во Северна Македонија по број на освоени пратенички мандати. Ова е рекорден број на освоени мандати но не и најголем број на гласови бидејќи ДУИ има освоено повеќе гласови во 2014 година и на изборите во 2002 година.
Коалицијата „Вреди“ која настаната од поранешната коалиција меѓу Алијанса и Алтернатива има 107 илјади гласа, досега рекордни за партија или коалиција од албанскиот опозициски блок. На изборите во 2020 година Алијанса/Алтернатива освоија 81 илјада гласови и 12 мандати а на вчерашните избори има еден повеќе или вкупно 13. На вчерашните избори „Вреди“ успеа да ги врати Чаир и Тетово во поглед на гласовите но го загуби Гостивар каде градоначалник е еден од лидерите – Арбен Таравари.
Гледано по изборни единици, кога станува збор за ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, клучната разлика е во третата и четвртата изборна единица каде ВМРО – ДПМНЕ ќе освои 27 пратенички мандати или тројно повеќе од деветте на СДСМ. Слично е и во ИЕ 1 и ИЕ 2 каде СДСМ ќе освои само пет мандати за разлика од 18 на ВМРО – ДПМНЕ. Само за споредба на изборите во 2020 година во ИЕ 3 и ИЕ 4 резултатот на освоени мандати е 20:19 во корист на ВМРО – ДПМНЕ а во ИЕ 1 и ИЕ 2 резултатот е 15: 14 во корист на СДСМ. Во ИЕ 5 и ИЕ 6 во 2020 година СДСМ ќе освои 12 мандати а ВМРО – ДПМНЕ 10 за разлика од вчерашните избори каде овој однос драстично се менува и е 13:4 во корист на ВМРО – ДПМНЕ.
Најголемата разлика во гласови меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ е во ИЕ 3 каде што ВМРО – ДПМНЕ ќе освои дури 63 илјади гласови повеќе или 3 спрема 1. Значајни разлики од над 50 илјади гласови ВМРО – ДПМНЕ има и во ИЕ 1 и ИЕ 4.
Во албанскиот политички блок резултатите се далеку понеизвесни кога станува збор за изборните единици. Коалицијата „Вреди“ има поголем број на гласови само во ИЕ 1 и тоа нешто над една илјада додека во останатите изборни единици ДУИ има убедлива и комфорна предност. Најголемата разлика во корист на ДУИ е во ИЕ 5 – 16 илјади гласови.
Ако се анализираат и самите пратенички мандати кај ВМРО – ДПМНЕ најголем број од освоените 58 мандати се од редовите на партијата која одлучи на кандидатските листи и во добитните места да доминираат нивни претставници и само од нивните традиционални и докажани коалициски партнери.
Кај СДСМ од осумнаесетте мандати, 15 се од партијата додека три мандати им припаѓаат на коалициските партнери од ЛДП и НСДП.
Во коалицијата „Европски фронт“ ДУИ имаат пратеници, четворица се од Алијанса за Албанците, двајца од ДПА, и по еден од Движењето Попули, Демократската партија на Турците и Движењето на Турците за правда и демократија. / Гласот на Америка