Актуелни и поранешни градоначалници, членови на општински совети, поранешни функционери, пратеници и носители на пратеничка листа се дел од луѓето кои годинава вкупно одвоиле над половина милион евра за опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ова го покажува извештајот за првата половина од парламентарната изборна кампања кој, според законските правила, се доставува до Државната изборна комисија (ДИК), јави Радио Слободна Европа.
Вкупно 569 илјади евра од партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ се префрлени на трансакциската сметка за изборна кампања. Со тоа коалицијата „За твоја Македонија“ до ДИК до сега пријавила најмногу пари за трошење во изборите.
Тоа се пари кои од почетокот на годинава биле уплаќани како донација за партијата. Од нив речиси 3 илјади евра се донација од три фирми, меѓу кои и фирма која е ангажирана за превезување на ученици во Пробиштип, каде што градоначалникот доаѓа од редовите на СДСМ.
Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ и носител на пратеничка листа во четвртата изборна единица Александар Николоски за партијата донирал 360 илјади денари, а исто толку донирала и неговата сопруга. Носителот на „тројката“ Драган Ковачки, пак, од својот џеб одвоил 400 илјади денари. И носителот на пратеничката листа во петката и генерален секретар на партијата Ѓорѓија Сајковски донирал 100 илјади денари.
Актуелниот пратеник Антонијо Милошоски, кој за претстојните избори се наоѓа на втората позиција на „четворката“ на 18 март годинава уплатил 150 илјади денари, додека неговата колешка од втората изборна единица Катерина Димитровска, донирала 40.000 денари.
Меѓу донаторите се поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Дерковски со 140.000 денари, како и докторот Андон Чибишев кој е поранешен пратеник и директор на Клиниката за токсикологија со 60.000 денари. Вкупно 200.000 денари за партијата дал и хашкиот осуденик и поранешен пратеник Јохан Тарчуловски, кој беше обвинет, па амнестиран за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Меѓу 746-те луѓе кои одвоиле од 15 па се до 400 илјади денари се наоѓа и името Сашо Мијалов со донација од 75 илјади денари, кој има слично презиме со поранешниот директор на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не станува збор за печатна грешка, туку за сосема друг човек.
Според извештајот што го доставиле до Државната изборна комисија (ДИК) коалицијата „За Европска Македонија“ предводена од СДСМ за првите десет дена од изборната кампања на новата партиска сметка за избори и легнале речиси илјада евра. Од нив 800 евра донирала фирма која се занимава со превоз, додека другите се од три физички лица. На партиската сметка, донација уплатиле само две лица, во вредност од по 150 евра.
Слична е сликата и во извештајот на коалицијата предводена од ДУИ „Европски Фронт“. Тие до ДИК пријавиле дека од партијата префрлиле 82 илјади денари за закуп на простор, а од други приходи добиле 8 илјади денари, што значи дека вкупно пријавиле само 1.500 евра.
Коалицијата „Вреди“ од албанскиот опозициски блок добила донација од 7 луѓе во вредност од 12 илјади евра. Меѓу нив има вработени во општината Тетово, како и директор на јавното комунално претпријатие „Тетово“, Самет Бислими.
Коалицијата „Храбро за Македонија“, пак предводена од партијата Гром, на својата сметка за парламентарните избори пријавила дека поседува само 5 илјади евра, донација од фирма која е во хотелскиот бизнис.
Новоформираната партија „Знам“ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски во првата половина од парламентарната изборна кампања не пријавила донации, ама најавила трошоци за реклами во вредност од 10 илјади евра. Политичката партија Родина, пријавила дека од партиската сметка префрилила 10 илјади евра за изборната кампања.
Левица нема донации, но на сметката за избори од партиската сметка пренеле 10 илјади евра. Останатите учесници во парламентарните избори како Работничка Партија, Десна, Нова Алтернатива, Аваја, Граѓанско движење, Демократи и Ера Трета Суверенисти поднеле празни извештаи или само навеле дека не добиле никакви донации во првата половина од изборната кампања.
На 8 мај во земјава се одржуваат двојни избори, вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори.