16.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мајски одговор за Мајскиот договор

Тие што го прекршиле се повикуваат на него, тие што биле оштетени го прогласија за минато. Оние што го виделе Мајскиот договор велат дека во него нема ништо конкретно за составување на владата.

Албанците не можат да бидат претставени во Владата од коалиција што не ја одразува мнозинската волјата на граѓаните. ДУИ ќе се повлече ако изгуби на изборите макар и со само еден глас разлика, но не и ако победи. Ова се пораките што ги испраќа Европскиот фронт, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ однапред соопшти дека за партнер во идната влада ја преферира коалицијата „Вреди“. Таа според изборниот резултат од првиот круг претседателски избори има околу 37.000 гласови помалку од Европскиот фронт предводен од ДУИ.

Ако Европскот фронт обезбеди победа и на парламентарните избори, смета дека губитникот нема што да бара во Владата, бидејќи не ја претставува мнозинската волја на Албанците. Од „Вреди“ тврдат дека тие се автентичен претставник на мнозинската волја на Албанците, а не Европскиот фронт каде ДУИ исплашена од пораз вклучила партии на други етнички заедници.

Во основата на овие пресметки, е прашањето дали „победникот во македонскиот блок ќе состави влада со победникот во албанскиот блок“. Ова се сметаше за клучен принцип од т.н. Мајски договор, со кој беше поправена „грешката“ од 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ најпрвин состави влада со ДПА, партија која освои помалку мандати од ДУИ.

ДУИ на Али Ахмети (на фотографијата лево) во 2017 година коалицираше со второрангираната македонска партија на изборите- СДСМ, која тогаш ја предводеше Зоран Заев (десно).
ДУИ на Али Ахмети (на фотографијата лево) во 2017 година коалицираше со второрангираната македонска партија на изборите- СДСМ, која тогаш ја предводеше Зоран Заев (десно).Фотографија: Fatos Musliu/DW

По исправање на грешката, принципот „победник со победник” функционираше од 2008 се до 2017 година. На изборите во декември 2016 година, победник во македонскиот блок беше ВМРО-ДПМНЕ со 51 пратенички мандат, пред СДСМ кој доби 49 мандати. Во албанскиот блок победник беше ДУИ со 10 пратенички мандати и партијата тогаш реши да коалицира со второрангираната СДСМ. Од победничката ВМРО-ДПМНЕ испратија порака дека ДУИ еден ден ќе го плати цехот за таквото изигрување. Дали тој ден е сѐ поблиску?

Минато свршено време

„Демократијата се темели на принципот – кој има мнозинство во парламентот, ја прави владата”, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Оние кои се повикуваат на Мајскиот договор ги потсети дека самите го прекршиле пред седум години.

„Не знам за кој мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило ‘победник со победник’. Имаше едно правило во минатото победник со победник, кој е резултат од минатото. Тој договор и тоа правило за жал самите тие го прекршија уште во 2017 година. И повторно би потсетил дека политиката не треба да ја гледаме како шведска маса, па малку со едните, другите, третите. Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство како што се очекува, немаме ниту елементарна доверба да соработуваме со ДУИ, така што тие мора да одат во опозиција“, дециден е Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве ги потсети ДУИ дека самите го прекршиле Мајскиот договор пред седум години.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве ги потсети ДУИ дека самите го прекршиле Мајскиот договор пред седум години.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Мајскиот договор бил постигнат на 29-ти мај 2007 година меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во присуство на меѓународни претставници, но ниту беше јавно потпишан, ниту стана достапен за јавноста. Владини функционери тврдеа и дека во него воопшто и не се спомнува принципот „победник со победник“. Од петте точки во него, во петтата само општо било наведено дека „после враќањето на ДУИ во Собранието, партиите се согласуваат да продолжат со преговорите за прашањето на начинот на составување на владата”.

Во првите две точки од документот страните се согласуваат за листата закони кои ќе се гласаат со Бадентерово мнозинство, и за потребата од рекомпонирање на Комитетот за меѓуетнички односи во Собранието. Во третата и четвртата точка се зборува за потребата од решавање на прашањето за обезбедување на материјална и социјална помош на жртвите на конфликтот од 2001 година и нивните семејства, како и партиите да подготват и предложат предлог-закон за употреба на јазиците

Груевски: Тоа е некој записник

Договорот не беше јавно објавен, но копии од него постизборно беа предмет на меѓупартиски пресметки или на остри дискусии во Собранието. Дипломати велеа дека Мајскиот договор не е за да се договори начинот на кој ќе се формира влада, туку за да се врати дијалогот во Собранието. Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, отфрлаше постоење на таков договор. Одговорајќи на критики од Радмила Шекеринска од СДСМ, која читаше делови од тој документ, Груевски во јануари 2017 година беше дециден дека не потпишал такво нешто.

„Ниту сме потпишале документ, ниту сме имале намера да потпишеме документ, ниту ќе потпишеме документ. Тоа што госпоѓа Шекеринска го држи во рака, веројатно се работи за некаков или нечиј записник од разговорите (меѓу ВМРО-ПМНЕ и ДУИ-н.з.), кој што ниту е потпишан, ниту може да има каква било тежина на документ“, рече Груевски. /DW

 

Related posts

Која е целта на Законот за амнестија?

admin

Ќе претседава ли Северна Македонија уште една година со ОБСЕ?

admin

Која е Билјана Ангелова, новата ректорка на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“?

admin

Спасовски за АЛСАТ: Околу 180.000 парчиња регистрирано оружје во државава

admin

Османи: Уставни измени или со цело ВМРО-ДПМНЕ, или со дел од неа

admin

Петте поенти од говорот на Урсула фон дер Лајен

admin